/ Прочитано:

1.822

БИЗНИС АНКЕТА: Корупцијата е најважен фактор за скриената економија, а сегашниот даночен систем пречка за бизнисот

Во текот на месец август/септември 2016 година, Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) спроведе теренска анкета (бизнис анкета) на репрезентативен примерок од 70 испитаници претставници на компании на територијата на Република Македонија, со цел да ги утврди различните форми на скриени економски активности во бизнис секторот во 2016 г. и да ги спореди со резултатите од истата анкета направена во октомври 2014 г.

Според податоците од анкетата, велат од Центарот за истражување и креирање политики, корупцијата е најважниот фактор одговорен за постоењето на скриената економија според 45.7% од бизнисите во Македонија. Високиот даночен товар е втор (42.9%), а импулсот на бизнисмените за брзо богатење е трет најважен фактор (40%).

„1/3 од бизнисите во Македонија (31.4%) потврдиле дека практиката на манипулации со ДДВ се случува секогаш, многу често или понекогаш. Од податоците е евидентно влошување на оваа ситуација (за 50%) затоа што во 2014 година само 21.6% од бизнисите ја имаат потврдено оваа практика како честа. Додека во 2014 година околу 50% од бизнисите во Македонија потврдиле дека даночните стапки за различните даноци се ’високи колку што треба да бидат‘ – со исклучок на фирмарината и социјалните придонеси – во 2016 година овие вредности се имаат спуштено на 30-35% одобрување. Најавеното зголемување на даноците носи веројатност за понатамошно намалување на задоволството, а со тоа и поголем поттик за бизнисите да се впуштат кон практики на избегнување даноци“, истакнуваат од Центарот за истражување и креирање политики.

Во 2016 година корупцијата е водечка линија за дефицитите во доброто владеење во Република Македонија. Бизнис анкетите спроведени од страна на ЦИКП само ги потврдуваат наодите презентирани во извештаите на Светскиот економски форум за 2017-2018 година каде што е евидентно враќање на фокусот на бизнисите на темата на корупција.

За мнозинството бизниси анкетирани во Македонија сегашниот даночен систем претставува пречка во развојот на нивните бизниси (28.6%) или претставува незначителен проблем (31.4%) – независно од големината на компаниите – или вкупно 60% од бизнисите во 2016 г.(споредено со 65% во 2014 г.)

Слично како и во 2014 година, посочуваат од Центарот за истражување и креирање политики, најголемите детектирани проблеми се нелојалната конкуренција која е проценета како среден и голем проблем од страна на 64.3% од бизнисите, политичката ситуација (50%) и криминал, кражби и немири (50%). Бизнисите го зголемиле нивото на негативни перцепции во врска со политичката ситуација во Македонија за 1/3 во споредба со 2014 година и во 2016 г. 37.1% од бизнисите ја перципираат како голем проблем (споредено со 26.5% во 2014 г.).

„Пријавувањето на понизок обрт од реалниот е уште една практика во скриената економија која се користи со цел избегнување на даночниот опфат. Слично како и во 2014 година, повеќе од половина од бизнисите во Македонија (54.4%) имаат потврдено дека оваа практика се случува во нивниот сектор константно/во повеќето случаи или понекогаш. Манипулирање со плаќање/пријавување ДДВ и користење на сметководствени трикови со цел плаќање пониски даноци се исто така честа практика во Македонија. Една третина од бизнисите (31.4%) имаат потврдено дека оваа практика се случува константно/во повеќето случаи или понекогаш, со поголема застапеност на последните 2 одговори коешто е влошување од 50% во споредба со 2014 година кога на истото прашање потврдно одговориле само 21.6% од анкетираните бизниси“, велат од Центарот за истражување и креирање политики.

Работењето во скриената економија, додаваaт од Центарот, често не е прашање на рационално размислување или на однесување кое го максимизира профитот на индивидуалците и бизнис ентитетите туку почесто е резултат на достигнатото образование, култура и многу често знае да биде скриен елемент во социјалната структура на општеството. Затоа ефективна јавна политика за сузбивање на скриената економија во исто време треба да биде и сеопфатна социјална политика.

Дизајнирањето нови јавни политики во сферата на скриената економија треба да ја таргетира формализацијата на целосниот економски синџир, групи економски актери и врски наместо да се фокусираат, пред сè, на поединечни законски решенија (на принципот „од случај до случај“) или на контрола и казнување даночна недисциплина.

„Како што, впрочем, покажуваат податоците од анкетата на популација и бизнисите во Македонија во 2014 г. и 2016 г., дизајнирањето сеопфатна јавна политика за сузбивање на негативните ефекти на скриената економија неизбежно мора да биде поврзано со веќе воспоставените политики за сузбивање на корупцијата, подобрување на доброто владеење, а пред сè, спроведувањето на законите и тие да бидат неизоставен дел од стратегијата за економски раст на државата. Со тоа би се постигнал долгорочен политички континуитет на напорите за сузбивање на негативните ефекти од скриената економија кој ќе биде поотпорен на политички промени со оглед на неговата долгорочна цел“, заклучуваат од Центарот за истражување и креирање политики.

М.В