27 мај, 2013 13:54
paula
/ Прочитано:
Бизнис заедницата и предложи на Владата 77 нови мерки за економски раст
Понеделник, 27 мај 2013 – Бизнис заедницата и предложи вкупно 77 мерки за економски раст на Владата на денешниот деловен појадок со владиниот економски тим. Раздвижување или зголемување на кредитниот раст на 8 до 10 проценти, воведување мерки за дисциплинирање на фирмите при плаќање на долговите, укинување на категоријата на непризнаени расходи, како и заземање нова стратегија со приоритет на домашните инвестиции, се дел од предлозите на Сојузот на стопанските комори.
Компаниите сугерираат и интервенција во законските прописи со цел стечајот и ликвидацијата да бидат ефикасни и брзи, интензивирање на градењето големи, но уште повеќе и мали хидроцентрали кои би произведувале и продавале електрична енергија по пониски цени од увезената, како и наместо на фактурирана, данокот на додадена вредност да се плаќа на наплатена реализација.
Според фирмите, треба да се намали и стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто за топлинската енергија и за добиточната храна, да се подобри координацијата меѓу централната и локалната власт за побрзо решавање на имотноправните односи, да се промени времетраењето на летниот распуст од 15 јуни до 15 септември и на зимскиот од 15 јануари до 15 февруари со цел продолжување на летната и зимската туристичка сезона, забраната за пушење во угостителските објекти да важи до 21 часот.
На деловниот појадок во ресторанот „Ден и ноќ“ што традиционално секоја година го организира Сојузот на стопанските комори присуствува премиерот Никола Груевски и владините министри од секторите економија, финансии, земјоделство.