БЈБ ќе го „чешла“ работењето на ексградоначалникот на Охрид
„Состојбите кои се индикативни укажуваат на постоење на криминални активности во претходното работење во општина Охрид поврзани со работењето на поранешниот градоначалник Александар Петрески“, изјави новиот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков по состанокот со охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески.
Тој посочи дека утврдиле општи ориентации за работа на тимски пристап заедно со претставници на Финансиската полиција и претставници од други институции во Република Македонија.
„Веројатно многу брзо ќе го прошириме составот со претставници од Јавното обвинителство на Република Македонија, од Јавното обвинителство за организиран криминал и со колеги од СВР Охрид“, додаде Чавков.
„Една темелна анализа која веќе ни е подготвена ке биде основа за интензивни мерки и активности во престојната сезона. Фокусот ке ни биде јавниот ред и мир, криминалитетот и сообраќајот“, вели Чавков.
Недомаќинското работење и долговите на јавните претпријатија под капа на општината веќе ги обелоденија новите директори. Се претпоставува дека Охрид должи над педесет милиони евра.
Фото: Охрид Прес