Балада за српскиот селектор: Синиша, од самрак до зора

Во хорор драмата за дивиот и валкан фудбал на западниот Балкан, кој што остана како абортус на некогаш славната југословенска лига, судбината на еден од главните ликови  ја надминува играта и станува многу повеќе од тоа: станува симбол на распаѓањето на една земја, на системот и на разумот. Би бил тоа филм за единствениот Синиша Михајловиќ. Тој е еден од најголемите, еден од најтрагичните и еден од најморничавите играчи кои ги изроди југословенскиот фудбал

Српските медиуми речиси и не се занимаваат со натпреварот со Македонија, зашто, боже мој, како ќе се занимаваат со Македонците, кога не умеат да ја пронајдат шифрата преку која ќе се занимаваат самите со себе. По правило, одлично известената фудбалска јавност во нацијата во која секој полнолетен Србин, по раѓање, е кандидат за три работи – претседател на Србија, шеф на тајната полиција и селектор на фудбалската репрезентација – никој, ама баш никој, нема поим кој, всушност, ќе игра за нашиот тим.

Последниот бедем на Манчестер Јунајтед, Немања Видиќ, доброволно се пензионира пред триесеттата, можеби затоа што сер Алекс Фергусон сака да го престори во Шкот и да го прекрсти во Мек Видиќ. Немања е рус, висок, крупен, сака тепачки и, веројатно, добро би му прилегал килт, каков што, инаку, му се прикажува на Бој Џорџ во соништата. Останавме без најголемиот центархалф на светскиот фудбал, а потоа не шутна и Дејан Станковиќ, уште една легенда, уште еден мит од Маракана, од Лацио и Интер, кој го изговори последното збогум и се расплака, останувајќи, кутар и несфатен, да се шутка низ Милано. Ако двете најголеми ѕвезди, Видиќ и Станковиќ, заминаа во доброволно прогонство, двометарскиот центарфор, Никола Жигиќ, е шутнат од националниот тим, заедно со неговиот побратим Марко Пантелиќ, кој што ги лечи своите патриотски рани, така што ги претепува колегите од тимот, Бразилците во Олимпијакос, во кој што печалбари последниве години. Братот Пантела е српска верзија на Пипо Инзагио.Тој е човек кој живее во постојан офсајд и, кога ќе го погледнеш, наликува на ненахранет, хиперактивен деликвент со пречки во однесувањето, кој, патем, пишува будалести колумни за белградските таблоиди и како пропаднат шпиц играч, со своите расипани твитерски идиотштини, се заканува да му го грабне лепчето на чесниот, новинарски еснаф.

Пантела е, можеби, лоша копија на Инзагио, но, крвареше и забиваше голови за репрезентацијата. Кога после нив од сцената исчезна и Лане Јовановиќ, сјајниот полушпиц и најдобриот играч на Андерлехт, останавме без напад, без офанзива и такви, никакви, зедовме бод на гостувањето во Шкотска, додека на Велс му ја наполнивме мрежата до врвот.

Еден од најморничавите играчи што ги изроди југословенскиот фудбал

Кој, тогаш, ги протера  најголемите ѕвезди од тимот и доведе такви непознати личности, што цел истражувачки тим би требало да им ги открива потеклото и иднината? Ги истера еден од џиновите. Ги истера босот. Ги истера најголемиот десперадос на југословенскиот фудбал. Кога би посакал режисерот Роберт Родригез да  ја сними хорор драмата за дивиот и валкан фудбал на западниот Балкан, што остана како абортус на некогаш славната југословенска лига, кога би посакал да ја екранизира судбината на играчот кој што го надмина фудбалот и стана симбол на распаѓањето на една земја, на системот и на разумот, би снимил филм за единствениот Синиша Михајловиќ. Тој е еден од најголемите, еден од најтрагичните, еден од најморничавите играчи што ги изроди југословенскиот фудбал. Синиша, од самрак до зора.

Затоа, најголема ѕвезда во Македонија ќе биде тој. Ќе седи на клупата, со врзан шал околу вратот, како што го прави тоа неговиот побратим Роберто Манчини, ќе сипе отров по судиите со јазикот и ќе вреска по играчите, доколку грлото го послужи. Зашто, извесно е дека ноќта спроти натпреварот ќе ја помине со двајца играчи, со кои, во дресот на Црвена Ѕвезда, го освои купот на европските шампиони во Бари – Дарко Панчев и Илија Најдовски.

Србија, секако, има уште две големи ѕвезди во тимот: халфот на Челзи, Бане Ивановиќ и левиот бек на Манчестер Сити, Александар Коларов, како и уште една тивка, незабележителна ѕвездичка, Миралем Сулејмани, полушпицот на холандскиот Ајакс, кој, веќе неколку години, сјајно игра, но, кого српските селектори, главно, го игнорираат. Конечно, Синиша го повика, но, засега го држи на клупа или го уфрла во последните дваесетина минути. Сеуште не му дозволува да експлодира, како што Миралем, срамежливото и повлечено момче на српскиот фудбал, го прави тоа во Ајакс.

Можеби проблемот лежи во пеењето на химната. Миралем е роден во Белград и глупаво би било сега да се занимаваме со неговите крвни зрнца, зашто, станува збор за сјајно момче…Меѓутоа, барањето фудбалскот тим да се однесува како пеачко друштво, односно, дека е задолжително да се пее химната, беше еден од условите на Синиша за преземање на националниот тим. Синиша јасно им стави на знаење на играчите – кој нема да ја пее химната  “Боже, правда”, ќе лета од тимот. Миленикот на Синиша, младиот Адем Љајиќ, ѕвездата на Фиорентино, кого Италијанците го споредуваат со  легендарниот Антоњони, не пееше на еден од изминатите натпревари, а селекторот, неговиот фудбалски татко кој што го доведе во Италија, без размислување го избрка дома, во Нов Пазар. Изби меѓуетничка политичка афера. Адем, всушност, е Бошњак. Момчето, едноставно, не сакаше да ја пее химната, по што мораше да интервенира неговиот татко, јавувајќи се во Дневник, тврдејќи дека малиот ќе почне да пее, дека ја сака Србија. Потоа, страстите почна да ги смирува умерениот министер, Расим Љајиќ, Новопазарец, кој, веќе извесно време, важи како сериозен кандидат за српски Обама и за кого гласаат и Бошњаците и Србите. Ја спушти топката, страстите стивнаа, но, од Адем нема ниту трага, ниту глас.

Но, тоа е Синиша. Некаде среде Адемовата афера со химната, новата српска влада положуваше заклетва. Повеќе од половината министри не ја пееја “Боже, правда”. Да е Синиша премиер, би ги избркал надвор и би им наредил да трчаат десет кругови околу парламентот, а потоа да направат по сто склекови, додека тој би ги полевал со вода од црево. Меѓутоа, грешат оние кои мислат за Синиша дека е српски националист, кој што токму деновиве не се симнува од насловните страници на белградските и загрепските весници, затоа што се смири со својот прастар непријател, „избирачот“ на Хрватска, Игор Штимац. Обајцата се алфа мажјаци, брзи на јазик и на тупаници. Од самиот почеток на граѓанската војна во Југославија, ги ископаа рововите и започнаа да нишанат еден на друг.

Типичен  југословенски мешанец

Всушност, војната  му ја одреди судбината. Роден е во Борово Село, близу Вуковар, од татко Србин и мајка Хрватка, значи, типичен  југословенски мешанец. Никому мил, никому потребен во селото, во кое, всушност, започна вистинското распаѓање на Југославија. Словенија беше лесен петинг во однос на она што се случуваше во селото, кога Туѓмановата полиција тргна да ја воспостави новата власт и кога наместо добредојде, наиде на заседа на побунетите Срби…

Пет години порано, Синиша веќе играше за локалниот тим од Вуковар, а потоа за репрезентацијата на социјалистичка Хрватска. На хоризонтот не се наѕираше крвавото сонце. Синиша отиде во Динамо од Загреб, на меѓународен турнир го прогласија за најдобар играч, но, Ќиро Блажевиќ, напоредно преговараше со Радмило Михајловиќ, попознат како „Линекер од Фоча“. Каква грешка! Искусниот Ќиро ги наслушуваше шумовите што доаѓаа, насетуваше нови ветрови, му мирисаше на беља и сфати дека двајца „Михајловиќи“ се премногу за еден Динамо и еден Загреб. Се откажа од „Божјата левица“, громовното лево крило со разорен удар. Беше тоа првиот знак за кадравото момче со, речиси, женско лице, дека е обележан. Разочаран, замина во Војводина, кај Осиечанинот Љупко Петровиќ, уште еден Србин од Хрватска кој ја премина Сава. Каков страшен тандем се создаде меѓу рамничарите. Војводина ја освои титулата  првак на Југославија, со мирниот стратег и момчето, како главна ѕвезда. Судбината на Синиша веќе беше напишана. Премина во Ѕвезда, каде го чекаше Роберт Просинечки, уште еден мешанец од хрватско – српски брак, уште едно „вишок“ момче за загрепскиот Динамо.

Но, тогашниот директор на Ѕвезда, Драган Џајиќ, осозна која е третата алка што недостига. Го повика Љупко Петровиќ да ја преземе Маракана, зашто добро знаеше дека тројцата очајници и отфрлени, сите тројца со различни карактери, со измешана крвна слика, претставуваат убиствена, експлозивна смеса во складот со муниција, со Црногорецот Савиќевиќ, Македонците Панчев и Најдовски, Муслиманот Шабанаџовиќ…Севишниот го испрати во Белград и Србинот од Романија, Белодедиќ, кој бегаше од Чаушеску и Секуритате. Ѕвезда, всушност, беше репрезентација на земјата што се распаѓаше, составена од фудбалски бегалци, што се обидуваше да порача од Бари: идиоти, зошто го растурате најдоброто што Европа го има.

Никој не ги чу тие лелеци. Почна да се пука во Борово Село, а до Синиша пристигнуваа контроверзни вести за судбината на неговото семејство. Пријателите од младата репрезентација на Југославија, Синиша и Штимац, играа во последното финале на Купот на Југославија, на стадионот на ЈНА, шест денови по сударот во Борово Село и убиството на дванаесетте хрватски полицајци, стотина метри од Синишината куќа. Ѕвезда и Хајдук, Синиша и Штимац, Србија и Хрватска, тоа попладне, всушност, не играа фудбал. Двајцата веќе беа во војна, двајцата избраа страни. Штимац му порача на Синиша на теренот: „Да даде Господ да ти ги истепаат сите во Борово“. Синиша му возврати дека нешто би заклал, особено ако тоа биде Штимац. Во очи на натпреварот Синиша беше нервозен, не можеше да се слушне со родителите, сите околности водеа кон катастрофа.

Лудилото стана нормална состојба на нештата. На водачот на делиите од север, Жељко Ражнатовиќ Аркан, лутиот Синиша му стана миленик, за разлика од Просинечки, кој се повлече во себе и не сакаше да одбере ниту една страна. Еден ден, од боиштето во Хрватска, Аркан го повика Синиша и му кажа дека го заробил неговиот вујко, генерал на хрватската војска! Аркан го праша што да прави со вујко му. Смрт или живот? Во подоцнежна исповед, Синиша им призна на италијанските медиуми дека го мразел својот вујко, затоа што тој човек не можел да се помири со фактот дека неговата сестра, мајката на Синиша, се омажила за Србин. Аркан последен пат го праша дали да го убие генералот. Синиша го крена палецот нагоре и вујкото му беше спасен.

Во Италија, Михајловиќ стекна светска кариера, стана најдобар изведувач на слободни удари во историјата, од местото на лево крило го преместуваа на местото на лев бек, заден поврзувачки или централен халф, но, на Синиша тоа му беше сеедно. Играше како во транс, бесен на се околу себе, зашто никогаш не се излечи од фактот дека беше отфрлен, секому сомнителен. Тоа што се однесуваше како генералот Благоје Аџиќ во панцир (за помладите читатели – Аџиќ беше началник на Генералштабот на ЈНА за време на судирот со Хрватска), го потврди апсурдот: Синиша, всушност, никогаш не се излечи од југословенството. Беше другар со Аркан, но, го посетуваше Меѓугорје со Италијанците и ја бараше Госпа, дева Марија. Бараше од момчињата да ја пеат “Боже, правда”, но, се ожени со италјанска водителка и децата ги запиша во италијански училишта.

И, конечно,  се смири со Штимац. Се прегрнаа, навистина, ама не се избакнаа, ниту се држеа за раченца, туку, на некаков тренерски самит во Полска, испија заедно кафе. Синиша подоцна изјави дека со пријтелите пие само вино, додека кафе може да сркне и со непријателите, но, заборави да каже дека двајцата стари, воени непријатели ги поврза Хрватот и хајдуковец, Ален Бокшиќ, Синишин пријател и соиграч од римскиот Лацио. На ова помирување медиумите му дадоа  значење на политички настан, со цинични додатоци – дека се споиле неспојливите: пријателот на Анте Готовина и тепачот од Лора – и Аркановиот стар пријател.

И на двајцата реториката им беше политички коректна. Како, божем, тие се загледани во иднината, посакуваат да се смират тензиите, зашто Хрватите и Србите се во иста квалификациона група, па глупаво е, поради долгите јазици на двајцата селектори, да се креваат  непотребни тензии и да се загрозува мирот во регионот.

Се разбира, во меѓувреме, Синиша, колку да ја сочува формата, успеа да се скара и со Роберт Просинечки, затоа што Роби тврдеше дека Хрватска има подобар тим, на што Синиша згрми дека Роби тоа го кажал после неговото одење од Ѕвезда, дека отсекогаш бил таков… Но, Синиша секогаш беше истиот. Се тепаше, плукаше и играше како змеј! Ги кинеше мрежите со удари од четириесет метри, неговата тепачка и размена на навреди со Патрик Вијер и Романецот Муту беа веќе легендарни, а селекторите се фаќаа за глава штом на противникот му се внесеше в лице и го погалеше по образот, што неправедните судии, скоро по правило, го гледаа како директ или аперкат.

Синиша не кокетира ниту со новинарите – напротив, најрадо би ги обесил на закачалките

Србите, сепак, се повеќе се оддалечуваат од својата репрезентација. Се веруваше дека Синиша ќе вшприца инјекција со адреналин во српскиот фудбалски леш, но, резултати нема, лешот не се подмрднува. Се наближува мечот со Белгија, но, тензијата не се крева, Македонија не се ни споменува. Можеби би помогнал Горан Пандев, кој веќе им се закани и на Србите и на Хрватите дека од Скопје ќе се вратат без бодови. Ама, тоа е премногу млака спортска порака, која не може да го протресе Синиша. Можеби ќе помогнеше ако Пандев напомнеше, како фуснота, дека ќе ги оживее Александровите фаланги, преслекувајќи ги како играчи и праќајќи ги на Ивановиќ и Коларев, ама со мечови, како би се обиделе да го заробат Синиша и да го продадат како роб.

Залудно, Пандев не е Синиша од младоста, а селекторот на српскиот фудбалски национален тим никогаш не беше блефер и мангуп, шармер и белосветски измамник, кој, всушност, сфаќа дека фудбалот не е игра, туку политика, дека, всушност, е споредна дејност во големиот, медиумски циркус и бизнис, та, со евентуално смислен скандал или провокација, би го вознемирил мирното море. Синиша не кокетира ниту со новинарите – напротив, најрадо би ги обесил на закачалките во преслекувалната, или би ги закачил на пречката, по што би ги испратил своите проектили кон нив. Синиша не е ниту матикаша, ниту политикант, не припаѓа на фудбалско-политичката, кумровачко-белградската школа што ја основаше стариот мајстор и филозоф, Миљан Миљаниќ, туку е разбивач и фајтер, фудбалски Роки Балбоа, во скапи италијански костуми, кој, место да удираше по телињата, ги тепаше бековите.

И, кога ќе се појави на стадионот во Скопје, вие нема да го видите само тренерот, кој некогаш беше светски играч. Ќе видите есенција од болка и гнев во човечки облик, со шал врзан околу вратот, како јаже.

Објавено: 04.10.2012