Нека почнат игрите: Една влада за Ивица и Ацо

Ивица Дачиќ и Александар Вучиќ сега се најмоќните луѓе во Србија. Затоа приказната за новата српска влада е впрочем легенда за две момчиња кои во српската политика влегоа пред пубертет, додека сè уште го цицаа палецот, јадеа кашички и си играа на трамболина. Кога се чинеше дека ќе имаат сè, останаа без никаква политичка иднина, без ментор, како сирачиња и омразени аутсајдери, а така мали, ни најголемите коцкари не им даваа ниту најмала шанса, во кладилниците каде се проектираа идните владетели

Ивица Дачиќ (лево) и Александар Вучиќ (десно)

Ивица и Ацо синови на Милошевиќ и Шешељ

И двајцата беа најдобри ученици на големите учители, па во старите времиња на југословенските галактички војни, одеа покрај Слобо и Шешељ, како верни пажови кои слепо ги пратат витезите на темната страна на моќта. И двајцата имаа избор. Да продолжат да лутаат во бестежинска состојба, без никаква иднина, бидејќи првиот политички татко Слободан Милошевиќ умре во хашката ќелија, а на другиот, Војислав Шешељ, во една слична соба без излез, уште му судат без судење и без никаква правна логика, веќе 9-та или 10-та година, во процес кој веројатно ќе трае уште цел век или два, бидејќи Војо сака на Србите и на светот да им остави тестамент со следната содржина: вака неверојатна интелегенција и образование може залудно да се потроши кога ќе помислиш дека си Годзила која згазнала во море и со камчиња ја гаѓа шестата флота.

Ивица Дачиќ и Александар Вучиќ сега се најмоќните луѓе во Србија. Затоа приказната за новата српска влада е всушност легенда за две момчиња кои во српската политика влегоа пред пубертет, додека сè уште го цицаа палецот, јадеа кашички и си играа на трамболина. Кога се чинеше дека ќе имаат сè, останаа без никаква политичка иднина, без ментор, како сирачиња и омразени аутсајдери, а така мали, на кои ни најголемите коцкари не им даваа ниту најмала шанса во кладилниците каде се проектираа идните владетели на Србија. Кога ќе сфатиме како на крајот на баладата, добија сè – Ивица премиерското место и фотелјата на првиот полицаец на 46 години, а Ацо местото на прв потпретседател на Владата, министер за одбрана и положбата преку која ќе ја координира работата на сите тајни српски служби, со само 42 лета, ќе сфатиме како функционира езотеричниот свет на српската политика, нешто малку помистериозно од црната дупка, која без прекин дише, пулсира, како некој жив организам, вшмукувајќи едни и исфрлајќи на површината други јунаци – повеќе по законите на магијатата, отколку на логиката. Затоа српската историска драма е неодгатлива, затоа и оној горe не го знае нејзиниот крај, затоа Ивица и Ацо се јунаци посоодветни за Шекспир, отколку на писарите кои овие денови го анализираат составот на српската влада.

Од студентска менза до портпаролско место во партијата на Слобo

Ивица Дачиќ

По 5 октомври, кога големиот поглавар на српското племе беше принуден да ја предаде власта, Ивица не ја напушти партијата, не побегна, не падна во постреволуционерна депресија, туку омрзнат и оцрнет во медиумите, продолжи во илегала со идеолошката и партиската работа, со неколку млади лавови, како Душан Бајатовиќ и Бранка Ружиќ, со постојан совет на старците, составен од Милутин Мркољиќ Мрка, легендарниот Слобин градител на мостови, автопати и брзи пруги во Србија, по кои возовите патуваат со брзина на светлината од 40 километри на час, нешто побавно од возовите од времето на кралот Александар Караџорџевиќ... Но Мрка е неодолив третоповикан од седум банки, кој неодамна ја смува угледната естрадна пејачка Ана Бекута и има неверојатна харизма со која подеднакво ги воодушевуваше не само тетките со напумпани усни на три атмосфери, туку и играчите како Коштуница и Тадиќ. Секогаш во сенка, незабележан, но и тоа како моќен, Ивица му го чуваше грбот на Петар Шкундриќ, играч достоен на старите комунистички кадри, кој времето на Слобизмот го помина како угледен професор на универзитет. Ивица не го напушти ни Славица Ѓукиќ Дејановиќ, професорката по психијатрија, најдобрата другарка на брачниот пар Милошевиќ, која со Слобо и Мира ја помина нивната последна заедничка ноќ, пред драматичното апсење на некогаш најмоќниот човек на Балканот.

Слоба, нешто подоцна е испорачан во Хаг, Мира бега во Москва, но Ивица остана во Србија, чекајќи демократската либерална екипа, се повеќе испокарана меѓу себе, сама да му затропа на врата. Слоба и Мира и праќаат писмо на партијата, сфаќајќи дека малиот Ивица е веќе повеќе од пораснат и способен да влкезе во пакт со смртните непријатели. Брачниот пар бараше Ивица да си оди, се праќа фатви и од Хаг и од московската резиденција на Мира Марковиќ, но малиот од Житораѓа наместо допишувања, ја поддржува владата на Воислав Коштуница и менувајќи ја агрегатната состојба, невидлив, влегува во власта. Сепак, за да покаже дека не ги заборавил Слобистите, редовно на гробот на Милошевиќ во Пожаревац го испраќа Мрке, кој се уште во својата владина канцеларија чува слика на големиот вожд од деведесеттите, нервирајќи ги антислобистите и припадниците на невладините организации.

Дипломецот од Правниот факултет станува трет човек во партијата на Шешељ

Александар Вучиќ

Меѓутоа, Шешељ доброволно заминува за Хаг, па Аца Вучиќ станува втор човек на српската десница, добивајќи втор татко, без намера да го прати на ДНК анализа, како би го проверил татковството. Негов тутор станува стрпливиот, смирениот и ледено ладниот Томислав Николиќ. Губејќи ги за влакно двата избори за претседател од Борис Тадиќ, Николиќ сфати дека ако сака власт мора конечно да побегне од дома. Иако има само педесет и некоја.

Разделбата со Шешељ беше бурна, иако беа на неколку илјади километри далечина. Тома ги ресетира радикалите, ја основа Српската напредна странка, додека Шешељ праќа клетви, обидувајќи се со вуду стрели од Хаг да ги погоди непослушните Јуди,  две парчиња. Тома собира поголем број пратеници радикали околу себе, додека Вучиќ мистериозно исчезнува, престојува негде во странство, за да може сам со себе да раскрсти, бирајќи кого во наредните години ќе го вика „тато“, а со тоа исчезнување, фамата за Вучиќ како клучен играч, дополнително расте.

Можно е пресвртот и провлекувањето на Тома и Вучиќ низ американскиот фотошоп да бил инспириран од прагматизмот на Дачиќ. Имено, по изборите во 2008 година, предизборниот неформален сојуз, Коштуница-Шешељ-Дачиќ, освојува мнозинство, но Ивица го раскинува договорот и игра судбоносен танц. Ивица навистина одеше на работ на провалијата. Свесен дека без поддршката на Американците и Брисел, затоа што Вашингтон и повеќето големи земји на ЕУ го признаа Косово, идната изолационистичка влада нема да има иднина, туку западниот свет ќе ја буши од сите страни, како Милошевиќ, тој прави спектакуларен потег, подготвуван, очигледно, долго време. Ивица го препушта мнозинството на Борис Тадиќ во парламентот, игра со него еден баскет пред стотина фоторепортери, за пред цела Србија да ја објават новата незамислена љубов. Демократите и социјалистите, како српски Ромео и Јулија, објавуваат веридба, но наместо отров пијат шампањ, додека нивните фамилии наместо да се гаѓаат со копја, ги делат министерствата и јавните претпријатија.

Уште тогаш на Ивица му го нудат премиерското место,  но малиот од Житораѓа, сега веќе ишаран со лузни, во душата капира дека часовникот се уште не зачукал за најголемата покерашка игра во неговиот живот, се задоволи со местото прв потпретседател на владата и министер за внатрешни работи во кабинетот на Мирко Цветковиќ.

Она поради кое Дачиќ и Вучиќ се уште не можат да пијат кафе ако со нив нема и трет во просторијата, е секако одлуката на Дачиќ од пред четири години да прекрши уште еден договор – во врска со формирањето на власта во Белград, кога му дава корпа на Вучиќ за трет човек во земјата и му го дава мнозинството на маркетиншкиот и медиумски маг, демократот Драган Ѓилас. Некогашниот студентски лидер во борбата против Слобо, кој во деведесетите ги помина во Прага каде се збогати, тргувајќи со маркетиншки телевизиски секунди на источната граница на западниот Балкан, го зазема повеќе од моќното место на градоначалник на Белград.

Тадиќ започнува со четиригодишно апсолутистичко владеење, и како претседател и како најголем српски егзорцист, затоа што и на најкратковидите им беше видливо дека истовремено е и премиер, затоа што влезе во умот и телото на Мирко Цветковиќ, избран како компромис меѓу спротивставените фракции на Демократската партија.

Западот, меѓутоа, нема разбирање за српските интереси околу Косово, додека на внатрешен план, партиите и тајкуните ја разоруваат економијата, така што Србија по просечни плати, паѓа на самото дно на европската листа, натпреварувајќи се во најниската лига со Албанија и Босна.

По одлуките на Томо и Ацо, од радикалните заклетви во „Голема Србија“ да се претворат во европјани кои одеднаш стануваат и драги гости на Стејт департментот, на Тадиќ му е јасно дека сега постои алтернатива, сфаќа дека веќе не е единствен вистински избор за Брисел и Вашингтон, кои ќе го плашат регионот со страшниот Томислав. Затоа Борис, исто како и Слобо во 2000 година, прави судбоносна грешка 12 години подоцна и распишува покрај редовните парламентарни – и вонредни претседателски избори – верувајќи дека со својата харизма на „српскиот Џорџ Клуни“, ќе си обезбеди уште четири години власт.

По изненадувачки добрите резултати на партијата на владејачката коалиција, Тадиќ на општо изненадување, ги губи претседателските избори, иако Ивица го поддржа помеѓу двата круга. Во ноќта на изборниот пораз, цар Борис изјавува дека нема да биде премиер, иако има мнозинство, но по неколку дена се предомислува и таа недосленост е всушност прав почеток на неговиот крај, по 8 години власт.

Освојувајќи го претседателскиот кабинет, Николиќ сфаќа дека без мнозинство во парламентот ќе биде слаб претседател и во српската равенка каде 2 плус 2 никогаш не се 4, јасно му е кој е клучниот човек за новиот судбоносен пресврт на Србија. На Дачиќ му требаше само 81 ден од изборите, филигрански да ја одигра партијата на животот. Цело време го убедува Тадиќ дека нема да го продаде, додека, истовремено, и на последното дете му беше јасно дека му се ветил на Томо. Конечно ја прифаќа понудата на напредните да биде премиер.

Една влада е тесна за двајца, но потесно е во опозиција

Ивица и Ацо конечно се смируваат, склучувајќи пакт за ненапаѓање. Барем се искрени и признаваат дека меѓу нив нема особени емоции, свесни дека една влада е премногу тесна за нив двајца, но дека ќе им биде уште потесно ако наредните 4 години ги поминат во опозиција. Со себе во коалиција го донесоа Млаѓан Динкиќ, неверојатен лик од српската политика, единствен кој опстојува во сите влади по падот на Милошевиќ, занимавајќи се исклучиво со економски ресори. Млаѓан во слободно време компонира песни за еден од легендарните музичари Кики Лесандриќ, а неразделен е и со Лепа Брена, преку која има одлични позиции во моќниот свет на естрадниот народен култ кој го води гуруто и моќниот директор на „Гранд“, Саша Поповиќ.

Седницата во парламентот на која требаше да се изгласа српската влада, траеше до 5 часот наутро, без резултати, а потоа истиот ден, кога се отворија Олимписките игри во Лондон, новите министри положија заклетва во Белград. И од Лондон и од Белград е објавено: Нека почнат игрите!

На бранот на победата на Франсоа Оланд во Франција, Дачиќ веднаш ги напаѓа банките и финансискиот систем, ветувајќи дека нема да има замрзнување на платите и пензиите, пракајќи со тоа јасна порака до неолибералистите дека европските политички гробови се преполни со такви ликови. За тоа време, Вучиќ се спрема за унапредување. Најпрво ќе стане „маршал“ затоа што ќе го преземе Министерството за одбрана, но она што во очите на овдешниот свет го претвора во „супер Ацо“ е секако помалку звучната, но моќната позиција, секретар на Советот за национална безбедност. Така Вучиќ ќе координира со српските тајни служби, цивилните и двете воено разузнавачки служби, наследниците на ДБ и некогашниот митски КОС, од кои се уште се плашат кревката демократија и малите деца во регионот. За Србите и останатите етнички заедници, отсекогаш фасцинирани од службите, акумулацијата на безбедносните функции на Вучиќ е доволен знак да се запрашаат: кој е всушност главниот фраер во земјата?

Местото координатор на тајните служби досега по автоматизам го извршуваше шефот на кабинетот на претседателот на Србија, што всушност беше место наменето за најдоверливиот човек на Тадиќ во сенка, Мики Ракиќ, за кого еднаш напишав дека изгледа како некогашниот моќен шеф на КГБ и премиер на Русија, Јевгениј Примаков –  кога имал 10 години.

Иако така млад, Мики Ракиќ беше татко на сите шпиони, а круна на неговата кариера е секако апсењето и испораката на Ратко Младиќ на Хашкиот трибунал. Сега негов наследник е Александар Вучиќ. За да има оваа приказна лекареовска трага, треба да се потсети дека Вучиќ и Ракиќ многу години наназад, уште од времето на меѓусебните партиски војни, се одлични пријатели.

Дали Ивица и Ацо некогаш тоа ќе станат? И двајцата знаат дека времето е нивниот сојузник, но и непријател, зошто кога тогаш ќе мораат да ги споредат своите сили, или со мачоистички јазик кажано, конечно ќе бидат принудени да покажат „на кого му е подолг“. До тогаш, двајцата влечат мудри потези. Напредните наместо своите кадри, на важни места, како шеф на дипломатијата, поставија непартиски кандидат и дипломат со кариера, Иван Мркиќ, кој освен функцијата шеф на кабинет на Добрица Ќосиќ, од времето кога познатиот писател беше претседател на СРЈ, ја вршеше и функцијата амабасадор на Кипар, во текот на 90-тите години. Во таа доба, Кипар беше омилена оф-шор дестинација на Србите, бидејќи преку овој остров се пробиваа меѓународните санкции против Милошевиќ и се создаваа првите супербогаташи кои ги правеа најголемите магионичарски финансиски трансфери – прелеваа државни пари на свои приватни сметки, објаснувајќи им на Србите дека така се влегува во капитализам.

Томо и Ацо исто така на местото потпретседател на владата и министер за трговија и телекомуникации го поставија Расим Љаиќ кој се наоѓаше на изборната листа на Борис Тадиќ, ширејќи ја така поддршката во парламентот и вметнувајќи ги во игра „браќата Расим“, Бошњаци подеднакво омилени меѓу своите и меѓу Србите.

И Ивица и Ацо се исто така согласни: Србија не го менува својот надворешно-политички курс. Значи, правец во Европа, ама ако може со руски пари. Се согласуваат и дека корупцијата мора значајно да се намали, што значи дека некој од капиталистите ќе мораат да го приведат на сослушување за да може Србите да почувствуваат барем малку правда. Се разбира дека ветија и дека ќе се живее подобро.

Но, како? Дали можеби и двајцата нашле нафта под Калемегдан? Или чепкале во лабораторија, па пронашле лек за рак и сида? Немојте однапред да се кладите дека не пронашле.  Зошто до неодамна, на нивната политичка иднина, повторувам, никој не би ставил ни пара.

Овој пат е помалку важно како нив двајца ќе ги гледаат Томо, Борис и Ѓилас или заборавениот, но секогаш присутниот Коштуница. Како што е сигурно дека нафта под Калемегдан нема, така е извесно дека нема да седат со скрстени раце.

Влада стара 51,5 година

Просечната старост на новата Влада на Србија која е составена од 14 мажи и 5 жени, ќе биде 51,5 година, а разликата помеѓу најстариот и најмладиот член изнесува 53 години. Најстариот член е поранешниот и сегашниот потпретседател на Владата, Јован Кркобабиќ (1930), лидер на Партијата на пензионерите на Србија, а најмладиот е министерот за правда, Никола Селаковиќ (1983), кој е член на Српската  напредна партија.

Од 19 членови на Владата, десетина ќе бидат прв пат избрани за министри. Куриозитет е тоа што во Владата, како непартиска личност, по предлог на напредните, ќе биде прославената шахистка Алиса Мариќ, на местото министерка за спорт.


Oбјавено: 31.07.2012