Буџетот е отепувачка

На денешен ден 27 декември 1938 во Скопје за првпат била одиграна претставата  – Парите се отепувачка. А, само пред некој ден во истиот град се одигра претставата – Буџетот е отепувачка. Со таа разлика што централна улога немаше македонскиот народен човек и актер на декемвриските настани од 1938, туку македонскиот собраниски политичар и актер на декемвриските настани од 2012.

Тоа е паралела на една суицидна замена на приоритети што заврши со невролошка дисфункција на вредносниот систем и потврда на „отепувањето“ предизвикано од нервозната и стратешки суспектната предизборна борба. Таа демонстрирана партиска нервоза од феноменот „парите се отепувачка“ кај македонскиот политичар не е од страв дека имањето пари ќе го отепа, туку дека ќе го отепа немањето пари – ама за скапите и комплексни политички предизборни кампањи. Што во основа беше инспирација за буџетската политичка „отепувачка“. Затоа што, во основа, потребни се три најважни работи за една успешна и влијателна предизборна кампања: 1) пари 2) пари 3) пари. Посебно кога партиското отсутвото на реална економска програма не нуди друга алтернатива.

Македонскиот политичар добро го знае тоа и рефлексивно мора да тепа, да биде насилен, да го парализира Собранието, да шири памфлети за системски опструкции под кои орвеловски се крие друга интенција и да го користи насилството и нихилистичката девалвaција на персонафикациите на државата како последен инструмент за политичко преживување и публицитет за една виктимизација. Иако, секако е губитник и според  феноменолошкиот дускурс на крлевизмот дека парите се отепувачка, а и според филозофската селимовиќ аксиома дека власта е ненадминат и најопасен порок и страст.

И како секоја потреба за порок – имитира, генерира па произведува нервоза и насилство. Парафразирано и со постмодернистичка интервенција таа негова аксиома еманира дека постојат четири големи пороци: алкохол, дрога, коцка и власт. Од првите три, луѓето некако и со малку среќа може да се извлечат, од последната – никако. Власта е најголемиот порок. Заради неа се гине, заради неа се губи човечкиот лик. Неодолива е, како волшебен камен, дава моќ. Таа е дух од Аладинова ламба, која му служи на секоја будала која ја држи. На одвоените не им претставува ништо, заедно – се коб за земјата. Чесна и мудра борба за власт и сама власт нема, затоа што моќта е безгранична. А, таа лаже. На човекот кој се бори на власт и на човекот кој е на власт, го храбрат обични кукавици, го бодрат подлизурковци, го поддржуваат насилници и измамници – и неговата претстава за себе е секогаш поинаква од вистината. Паметните на власт набргу го губат разумот и никој не е трпелив, затоа што властодршците мразат промени. Веднаш создаваат вечни закони, вечни начела, и врзувајќи ја власта за идеал на супериорност и ароганција, ја зацврстуваат својата моќ. И никој не би ги соборил ако не станат пречка и закана за други моќници. На други агресивни зависници од власт што го првеле истото додека биле власт. Ги рушат секогаш на ист начин – објаснувајќи го тоа како спречување на насилството кон народот, а сите се насилници, и рушените и тие што рушат. И, никого ова не го вразумило, сите подеднакво итаат и грабаат кон власта… Таа е порокот.

Во таа апстиненцијална криза на зависниците од власт кои јуришаат за да ја одбранат лажната пуританска кауза, насилството е последниот стадиум за спас – на суетите, гордоста, публицитетот и креирањето на јавното мнение. Вистината е дека сите борци за превласт кои само циклично се менуваат баш и не се многу восхитени од демократијата. Демократијата е нужна илузија. А институционалната демократија е општествен договор. Никогаш не постоела онака како што се идеализирала, ниту имала тенденција да биде модус вивенди, ниту на глобално, ниту на локално ниво. Посебно кога како „демократски” репер ќе се земат политички унии кои добиваат Нобелова награда за мир затоа што промовирале демократски вредности, а граѓани им крварат по улици. Историјата на насилството не е преседан – тој постои како инструмент на политичката култура. Секаде различно изразена, кај нас секогаш под влијание на тоталитарните модели на внатрепартиско управување. Црсто постои само внатрепартиска тоталитарност што се бори за власт и моќ и тогаш народната демократија постанува оксиморонска флоскула.

Апсурдно е да се збори за демократија кога не е воспоставена практика на лидерско давање на оставка после изгубени избори. Авторитарната структура на партиите се само еден усовршен, построг и предаптиран рецидив од минатиот систем како след на историски околности и национални поделби. Партиите функционираат императивно – централизирно и тоталитарно. Кога практикуваат власт само ја шират таа малигна практика врз, во и од институциите. Доволно е само да се погледне како функционираат: по султански принцип – партискиот статут е нивен највисок државоправен акт, но само онака како што го толкува партискиот суверен. И никој не смее да каже и делува поразлично од него. Неговиот збор е Уставот. Тој е опкружен со луѓе што му даваат лажна слика, ја супституираат неговата волја за моќ и власт со лага, ја хранат неговата потреба од порок се до моментот на конечната „отепувачка“ кога најмногу се гази по државата и нејзините институции, а на грбот на истиот оној народен човек од „Парите се отепувачка“, многу години подоцна …


Објавено: 27.12.2012