Дијалогот помеѓу Гоце Делчев и Фридрих Ниче

Ниче: Поздрав пријателе, би сакал да го запознаам човекот со бркови слични на моите. Ах да, и фризура да не бидам сфатен погрешно…

Гоце: Поздрав, јас сум Ѓорѓи Делчев од Кукуш, ме викаат Гоце, револуционер, учител во Ново Село.

Ниче: Јас сум Фридрих Ницше, филозоф, но слободно викај ме Ниче. Професор на Универзитетот во Базел. Значи ти си тој Uber Makedonische. Добар ти ден Натчовеку. Луѓе како тебе ми се непресушно поле на интерес.

Гоце: Дал Бог добро, задоволство ми е што токму тоа е твоето поле на културолошки интерес.

Ниче: Секако, но зошто веднаш почнуваш со Бог, јас велам Бог е мртов.

Гоце: Не фрлам со камења по Бога, иако сум социјалист.

Ниче: Си се наоружал до коска, збориш за Бог?

Гоце: Немам друг избор, се борам за слобода, нека проштева…

Ниче: За која слобода зборуваш кога никој не е слободен.

Гоце: Како тоа никој не е слободен?

Ниче: Никој не е слободен затоа што никој не е совршен.

Гоце: Се бориме за тоа совршенство.

Ниче: Велам дека и да бидете слободни, пак ќе бидете робови.

Гоце: Чии робови?

Ниче: На самите себе.

Гоце: Размислуваш нихилистички, тоа најмалку и треба на нашата револуција, јас не можам да размислувам така. Сакаш ли да запалиме цигара од табакерава додека разговараме?

Ниче: Не благодарам, имам некои ужасни главоболки, а и не сум ти некој дионизиски тип.

Гоце: Во ред, ние доста практикуваме тутун како народ, кога Македонија би била слободна треба да го ставиме и на грбот како симбол.

Ниче: Ете, робови сте на тутунот. Се шегувам. Сепак, тоа добро би ја илустирало вашата зависност како облик на слобода. Тој синоним на угнетувањето симболично ќе биде врежан и на грбот. Каква контрадикторност и симболичен песимизам, како да сте преодредени да се самоуништувате во сите можни облици, без навреди… Само констатирам факти, иако тие не постојат – само се интерпретираат…

Гоце: Ме вознемирува овој твој нихилизам, звучиш како некој што се премислил да се самоубие и почнал дели флаери за антипушачка кампања од досада. Како да полудуваш човеку, се оддалечуваш од надежта. А што е човек без надеж – мртовец. Или луд. Мртов во својата душа.

Ниче: Зарем? Само посочив дека човек е роб на ситни нешта за кои мисли дека е тотално слободен ако ги практикува. Во тоа е големиот трик на капитализмот. Јас пак мислам дека надежта е продолжување на страдањето затоа што е илузија. Остварлива коенциденција. Илузијата е лудило, борбата да им ја соопштиш вистината на луѓето – може да доведе до лудило, исто така. Аристотел, учителот на Александар, ја глорифицира надежта, но и тој е од твојот роден крај, вие од таму секогаш бевте најголемите оптимисти, задоени со надежта, за слобода и обединувањето. И секогаш страдавте – предадени.

Гоце: Да не беше така и Александар немаше да го освои светот. Сето тоа е засновано на надеж, секоја борба!

Ниче: Сето тоа е засновано на волја за моќ, имено. И Алекандар поробувал и убивал некого. Ја препознаваш ли таа дијалектика на војувањето. Парадоксот е именител на реалитетот. Но, сега размислуваш така бидејќи перцепираш од позиција на роб, а робот сака слобода како што болниот сака здравје, додека пак слободниот човек сака моќ и постанува роб на таа волја.

Гоце: Она во јас што верувам е прилично едноставно. Јас верувам во принципите на космополитизмот и слободата, луѓето треба културно да се натпреваруваат.

Ниче: Ооооо, па ова е максимум на твојата надеж, силни зборови, не би рекол дека е едноставно. А каде е твојата надеж? Дали знаеш дека со тоа што ти изгуби надеж во востанието, од некои „твои“ квалификуван си како безнадежник, нихилист, па дури и кукавица. Најмалку како визионер.

Гоце: Знам, затоа и ќе пукаат во мене.

Ниче: Кој би пукал?

Гоце: Моите братучеди, собраќата, лицемерите.

Ниче: Проклети луѓе, така го распнаа и Исуса на крст. Кога велам дека Бог е мртов, мислам на смртта на луѓето. Тие не веруваат во она за што бил распнат Исус, во она во кое верувал и проповедал како етика, побитно им е слепо да зјапаат во бездната на метафизиката. Така ја изградија европската цивилизација. Кога го убија Исус извршија предавство на себе, создадоа религиозен параван кој ќе го крепи слабиот морал и за своите лаги кои им служат за плакнење во истата вода од садот на Понтиј Пилат. Истото се случи и со Сократ. Кога твоите ќе те убијат тебе – ќе ја убијат и револуцијата – и себе. И твојата смрт е воља за моќ и превласт, фарисејска прекривка на илузиите и затоа никогаш, никогаш, човештвото нема да биде слободно, осудено е да биде роб на самото себе како исусова метафора…


 Објавено: 4. 05. 2014

Останато од авторот: