ДРАМАТА ЛЕПА БРЕНА: Кој ја проколна челичната лејди на турбофолкот

Југославија се распадна на дугмиња од хармониката на Саша Поповиќ, а Фахрета Јахиќ продолжува апсолутистички да владее со сите нејзини територии, покраини и „селендри“, ширејќи ја својата кич империја и на околните земји. Од неодамна Сале Поповиќ, Лепа Брена и Слободан Живојиновиќ ја продадоа Гранд продукција на најголемата балканска кабловска мрежа СББ за дури 15 милиони евра. Но тука не е крајот на овој „народњачки“ заплет.

Всушност, СББ во октомври минатата година стана дел од американската интернационална компанија ККР, на чие чело се наоѓа генералот Дејвид Петреус, поранешен директор на ЦИА. Моќниот Петреус лично барал од премиерот Александар Вучиќ, на просторите на бивша Југа да се отвори седиште на Си-Ен-Ен под име „Ен 1“. Меѓутоа, пред Си-Ен-Ен, Брена била многу позначајна за американската медиска инвазија. Бидејќи и ЦИА „воли диско, коло шумадијско“!

Кога зборуваше Милка Планинц, првата жена премиер на самоуправувачкиот социјализам, дека ќе биде запамтена по епохата на Лепа Брена, не била ни свесна дека поседува моќ на вуду-бабичка: Југославија се распадна на дугмиња од хармониката на Саша Поповиќ, а Фахрета Јахиќ продолжува апсолутистички да владее со сите нејзини територии, покраини и „селендри“, ширејќи ја својата кич империја и на околните земји.

Бугарите влегоа во Европска унија, но секогаш кога сопственичката на лиценцата на „шумадискиот рокенрол“ го постројува нивниот естаблишмент, од политичкиот до „пукачкиот“, тогаш тие всушност не знаат кому му се потчинети: на бриселската идеологија или на хармоникашката експанзија на челичната дама на турбофолкот.

Извесна бугарска емигрантка, Луси од групата „No Angels“, која пред неколку години пееше за Германија на Евросонг, трепереше во Софија пред кралицата на живописниот, возбудливиот и опакиот  свет на балканскиот шоу бизнис. Брена го направи она што всушност Слоба Милошевиќ го сонуваше: сите Срби и останатите кои тоа го сакаат, да живеат во една гранд-парада држава. Истото се случува во Македонија, Босна, Црна Гора, Словенија, Хрватска…

Всушност на Јадранот во Хрватска, во Нови Винодолски, каде што летувала со својата фамилија, Лепа Брена доживела незгода. Се сопнала, паднала и ги скршила двете раце. Операцијата во Хрватска на последната голема југословенска дива била успешна. Но Брена сепак е потиштена. Кралицата која стана симбол на тој идеолошки поредок кој еволуирал од „циле-миле“  хармоникашката наива на Милутин Поповиќ Захар, во епохата на оплакување на цајки-полицајки, уфирцани „курави“, неопеаниот „џиберај“ во тој полусвет на музичката Коза Ностра, каде конечно мутира во силиконски неолиберализам, која е последната фаза во културолошкиот и музичкиот правец и ја симболизира пљачкашката транзиција во европскиот исток – тврди дека некој ја проколнал. Навистина, одамна ѝ го киднапираа помалиот син на Брена, киднапирањето пред десетина години кое среќно заврши, сепак остави трајни белези врз Брена. Нешто подоцна е оперирана од опасен тромб. А сега, за малку ќе погинеше во хотел.

Каква мрачна карма ја прати жената која каде и да се појави ги собира и новородените европјани и најголемите евроскептици и професори и криминалци и политичари и пекари, за да се сместат во ВИП сепареата или да ги зафатат местата на трибините за сиромаштијата, само за да се вратат во раната младост кога возеле „трабанти“ и „лади“ слушајќи ја „Миле воли диско“, „Дуге ноге за гледање…“ Тие нешта некогаш предизвикувале „смејотрес“, а сега две или три децении подоцна претставуваат чиста класика. Таа симфонија го натера, вели белградската легенда, дури и Мик Џегер, кој на белградско Ушче со Стоунси муабетеше на српски, да ја повика пријателката, згодна пејачка и да ѝ порача:

–  „Брено кућо стара, ниси ти још за пензију!“

Добро, можно е во српската грандовска постмодерна, „резервистот“ на светскиот рок да планира да изврши интеграција на Стоунси и Гранд, па во таа фузија, Кит Ричардс да стане ритам-гитарист на „Слатки грех“ и во преполно шарено студио да ги крене на нозе очајните домаќини и нивните весели сопруги, па надуваниот Кит, во таа полифонија на тврдиот рок и хармониката, да го преиспита своето одамна изгубено второ јас: Кога тоа го ушмркав, Митар Мириќ?

Голем бум во југословенската поткултура се случи во Брчко, кон крајот на седумдесетите години, кога младиот и амбициозен скротувач на „певаљки“, хармоникашот Саша Поповиќ, остана без главната ѕвезда, извесна Спаса, која во тоа магловито гратче на Сава, ја пронајде својата љубов. Веројатно некој сезонец Спаса ја стрпал во комбе и ја однел да ја негува неговата стара мајка.

Брчко беше социјалистичка енклава за трошење на динари, доволно блиску до Србија и на самата граница со Хрватска, каде саомоуправниците пристигнувале на пијачка, музика и тазе пејачко месо. Мултиетничкиот „шљакерски“ Титов рај, денес е американски експеримент за воведување на братство и единство и добра локација за шпионите од регионот да се соберат на мегапазарот „Аризона“ и разменат информации за далечната дестабилизација на Западниот Балкан.

Хиперактивниот и амбициозниот Сале, хармоникаш од суптилна сорта, кого го напуштила Спаса, го превртел и небото и земјата во Брчко, за да најде соодветна замена, бидејќи бесните работници барале нежен вокал во „минич“, заканувајќи се дека младиот Сале ќе го претворат во ражнич и ќе го смачкаат заедно со оркестарот. Хармоникашот со шишките и очилата со голема диоптрија, кој отскокнуваше од стереотипот на мачо-музичарите од две метра, кои ја стекнаа својата слава цепејќи со една рака по дугмињата, а со другата по бутовите на келнерките, свратил до Домот на културата Васа Пелагиќ, каде што добрите девојчиња потпевнувале шлагери.

Му препорачале курпулентна плавуша. Брена најпрвин испила голтка сок од главата на Сале, му ги наместила шишките и му порачала дека пее рокенрол. Не се знае како Сале ја извлекол главата од Брчко. Можно е да се преправил во Спаса и да застанал на штикли, како првата босанска Тутси. Потоа, избегал и се сместил некако во Бачка Паланка, заборавајќи го доброто и примерното девојче од Брчко.

На 6-ти април 1980 година, еден месец пред браварот Јосип Броз да реши да им го каже последниот збогум на своите народи и народности и да одлета на небо, Брена се појави во Паланка кога Сале се подготвуваше за уште еден егзодус. Впрочем, помпезно ја најавил новата пејачка, но и таа извесна дама, како и онаа Спаса летнала, така што Саша Поповиќ веќе смислил тактичко повлекување со оркестарот, со намера со оркестарот да се скријат во буриња и да го напуштат градот. 

Брена стасала на време за да го извлече својот принц и така пактот е склопен. Фамата за високата, крупна пејачка, која јава на рамениците на ситниот хармоникаш почна најпрво да се шири по биртиите во текот на првите месеци на жалост за големиот водач Тито.

Саша не ставил црнина, не ја посетувал Куќата на цвеќето, туку се фрлил на свирка, а Милутин Поповиќ Захар ги пишувал песните за првиот албум на Брена „Чачак“.

Сите коцки се поклопиле. Југославија лебдела во воздух по смртта на Маршалот, републичките раководства ги трасирале патиштата за новото преуредување на федерацијата, а урбаните центри откачувале на Новиот бран, музички алтернативен правец на белградските и загрепските бендови, кој некои од јунаците ги одвлече во дрога, а некои на советничко претседателски места, а некои во таква алтернатива, да она што подоцна го свиреа стана екстремен аутизам.    

Работничката класа бараше нов херој. А доби хероина! Кога познатиот и славен водител и хуморист, Минимакс во „Неделно попладне“, ја пуштил снимката од настапот на Фахрета Јахиќ и „Слатки грех“ се случило чудо. Минимакс пуштил неколку фори за девојката во краток шорц кој го шиела заедно со мајка ѝ. Доколку сега би ги гледале тие снимки би умреле од смеа. Но, тој аматеризам на крупната девојка и малиот хармоникаш било токму тоа што нацијата го барала. Подоцна, Брена тврдела дека Минимакс сакал да ја исмее, но повеќе ништо не можело да го запре тој хипнотички микс на последниот народњачки треш, поп и диско. Југословените излегле од масовната беда и се однесувале како леш кој среде аутопсија се напил коктел од ред бул и шљивовица со додаток на екстази. Саша Поповиќ херојски се носел со товарот на своите рамена, постојано дувајќи во шишките, свесен дека се раѓа нова империја, помоќна од сите општествени претпријатија, самоуправни и општествени договори. Ајде да видиме каде се денес Генекс, ИМТ и целиот раковички комплекс, а каде е Гранд продукција. 

Брена им покажувала на југословенските жени како е штетна анорексијата, симулирајќи нови работни победи на естрадната сцена, како кафанска пејачка прекомандувана во врвен шоу-бизнис. Вториот албум „Миле воли диско“ е потпишан од Сале Поповиќ, а со појавувањето на Брена на Југовизија, со песната „Ситније циле, ситније“, на Корнелија Ковач и Марина Туцаковиќ, настанува потполна музичка и културолошка конфузија, која е само предворје на новиот жанр – трубо фолкот.

Албумот и филмот коишто следеа под патронство на Рака Ѓокиќ, брилијантниот менаџерски „мешетар“, ја претворија Брена во неформална владетелка на другата Југославија која се распаѓаше. Брена неа ѝ го даде последниот омаж со песната на Захар – „Живела Југославија“.

Муслиманката која се пресели во Белград и живееше најпрво со Сале во домот на православен свештеник, а потоа го мазна тогашниот најдобар фраер, тенисерот Слободан Живоиновиќ, кој тренингот го сметаше за непотребно заморување, па никогаш не стана број еден иако му ги кинеше скалповите на Џон Мекинро кога и да посакаше, беше совршен прототип на моделот за зачувување на заедничката држава.

Во тие турбулентни години на крајот од осумдесеттите и почетокот на деведесетите, Лепа Брена и „Слатки грех“ годишно одржуваа преку 350 концерти, а честопати се случувало да одржуваат и по два концерти во еден ден. Долго ќе се памети потфатот како што е – комплетно распродадениот седумнаесетдневен концерт во Центар „Сава“. На крајот од осумдесетите, Брена одржа концерт во Бугарија, на стадионот на Левски во Софија, пред околу 80.000 луѓе (ниту до ден-денес немало повеќе луѓе на било кој концерт во Бугарија), каде што е изведен прочуениот хеликоптерски десант на југословенската певаљка на сцена.

Мажачката на Брена со Боба го имаше третманот на првокласно општествено и државно случување, а мојата „Политика“ свадбата ја следеше како венчањето на Лејди Дијана. Пропаднатите претпријатија ја повикуваа да им помогне, дури постоеше и идеја да направи неколку хуманитарни концерти и да заработи плати за глумците во театрите.

Доживувајќи го болно распаѓањето  на Југославија, Брена сепак заминува во САД со Боба, а Сале Поповиќ, нивниот семеен пријател, продолжува да ја одржува работата, свесен дека новата каста на патриоти, воини, ќелавци и нивните верни љубови, млади спонзоруши кои сонувале да станат како Брена, ја бараат музиката за себе. Сале не е Мокрањац, туку класичен бизнисмен и затоа го спојува неспоивото, ги смирува хард-рокот и орцето, хип-хопот и Миле Китиќ, Ерa Ојданиќ и ЕКВ, гунче и Армани, Чезаре Пачоти и опинци, Версаче и работничкиот комбинезон, живот и смрт, создавајќи жанр над жанровите – турбофолк.

Ако Брена е владетелот, Сале е комесарот, идеологот на тој филозофски концепт кој продолжуваше да ги хипнотизира клинците, давајќи им ја основната мантра: „јебеш ноте, дај народу оно што тражи.“ Жељко Митровиќ, сопственикот на Пинк им го препушта ударниот термин на розевата телевизија и така Гранд импeријата e заокружена. 

Брена одамна не е веќе кафанска „певаљка“, туку менаџер на корпорација која е помоќна и од државата, која ги креира соништата на нашите деца, со супер-успешен проект „Ѕвезде Гранда“. Така е создадена армија на регрути кои ќе и овозможат доживотна власт. Ако војската нема војници, Брена ги има. После толку години, челичната лејди може наместо паролата на својата младост „И после Тита – Тито“, мирно да им соопшти на Србите:

– „То је живот мој и твој, ој Мораво ој!“ 

Да, тоа ти е живот. Од неодамна Сале Поповиќ, Лепа Брена и Слободан Живојиновиќ ја продадоа Гранд продукција на најголемата балканска кабловска мрежа СББ за дури 15 милиони евра. Но тука не е крајот на овој „народњачки“ заплет.

Всушност, СББ во октомври минатата година стана дел од американската интернационална компанија ККР, на чие чело се наоѓа генералот Дејвид Петреус, поранешен директор на ЦИА. Моќниот Петреус лично барал од премиерот Александар Вучиќ, на просторите на бивша Југа да се отвори седиште на Си-Ен-Ен под име „Ен 1“. Меѓутоа, пред Си-Ен-Ен, Брена била многу позначајна за американската медиска инвазија. Бидејќи и ЦИА „воли диско, коло шумадијско“!

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука.

Објавено: 04.08.2014