Фискализирани и увреѓени

Зашеметен од благопријатната веројатност Командант Марк да излезе од галијата захефтана пред пошта, Ве поканувам на сплаварење по брзаците на македонската адвокатура. Каде сѐ е средено и само фалеше да се отвори една богата и плодна расправа за фискални реформи. Ја следам расправата и си викам: добро е, реформите нема да ги биде! Зошто? Па, затоа што нема каде да се спроведат!

Чекај, чекај друже: три илјади адвокати, комора со куп запослени, делегатски систем (ееј делегатски систем во 21 век), регионални, месни комори, адвокатски балови, спортски игри, па немало каде? Па, нема шефчиња, нема каде.

Прво, во Македонија во ниту еден момент немало системска пропусност на правници  во адвокатура. Едноставно, нашата комора служела секогаш за прибирање на вишокот правници под еден кров. А вишок правници ќе се согласите дека бајаги се создал под дејанијата на научните првенци по факултетите. Кои својата дејност не можеа да ја додржат во рамките на Скопје и малку во Битола, па еве сега создаваат правни гении во Кичево и Свети Николе, а од правните факултети во Тетово и Куманово пак очекуваме да ги добиеме новите магистри со кои нема до може ниту да се зборува!! Мислам, колку ќе бидат начитани, де. Но, за делегатскиот систем во комората се баш одлична бројка. Десет илјади да ги примиме во наредните пет години, поделени во кружоци, колхозни совети и на баба ти чифтијаните, па ете совршена делегатска идила до пензија бе шефе.

Но, тоа е само безначајната база која треба да се претвори од универзитетското ништовнило во  сертифицирани професионалци со уверение за адвокати кои, ете нели сега се на пазарот и како ќе им даде Господ така! Ц,ц,ц, се ми личи на развојот на такси превозот кој ете нели процуте откако се затворија Железара и МЗТ и сега сите ги уживаме плодовите на таквиот процут. Три-четири газди на компании кои имаат математика да работат до првите рати од грејс периодот за отплата на кредититите и првите трошоци заради амортизацијата на Киите и Шевролетите Крузе дабоме. Овие три илјади што работат (бившата работна сила на Железара и МЗТ) работат колку да се каже дека работат. Ама, за статистиката се тие вработени луѓе кои ете мака мачат на пазарот на трудот во кој треба да се опстане бе шефчиња. Па светска криза бе другарчиња, што сакате?

Сега, што праиме со овие десет илјади кои некој ги излажал дека се магистри по право и светот им е отворен како на дланка? Пааа, педесетина годишно ќе  стажираат бесплатно во судовите и ќе носат регистри од приземје на први спрат првите шест месеци, а во вторите бурекот ќе го мењаат за баничка. Стотина во пет години вкупно ќе отидат надвор од државата да бидат релативно евтина работна сила во светските правни бироа, секогаш на раб на протерување од соодветната држава ако не им се продолжи договорот. Триста сигурно ќе бидат квалитетни и низ стажирањето заслужено ќе дојдат до адвокати, судии или обвинители. А останатите девет и пол илјади? Па, велком во адвокатура, бе пријателчиња. Ќе положите правосуден без проблем (испитот никако да стане практичен, значи е строго научен), ќе платите некоја пара и повелете, колеги адвокати, пазарот е ваш!

Добро, ама ова е базата, ваљда во адвокатура се прима и авангарда, колеги со особен општествено-политички придонес? Па секако, па каде би отишле одработените, отпуштените, недоразбраните или неадекватните одвреме-навреме судии, обвинители, правобранители? Па во адвокатура, бе шефчиња, повелете во адвокатура. Повелете во адвокатура во понеделник, а веќе во вторник можете да бидете во судница, во кривичен предмет каде обвинителот ќе ве ословува сеуште со „шефе“, во среда со  бившите колеги ќе позборувате за минатото и ќе ја договарате новата иднина, а во четврток ќе пробате да тргувате со информациите кои сте ги стекнале на старата работа. Во петок, па во петок нема ни да морате да работите бе колеги, сте ја сработиле вие неделата квалитетно! Се сеќавам еден колега, бивш судија, пред пет-шест години ми се жалеше дека еден предмет не му се решава две години, се убил од молење. Му објаснив низ насмевка дека мојот прв предмет во животот сѐ уште не беше завршен и го потсетив дека баш тој беше судија во предметот!

Супер, значи се намноживме, пролепшавме и опаметивме. Вклучени во делегатски систем поделен по села, градови, месни заедници, колхозни совети и кружоци. И сега ќе правиме реформи, кому ќе му правиме реформи? Осумдесет и пет отсто од адвокатите немаат основни финансиски изгледи (таканаречена математика) за вршење на адвокатската дејност, деведесет отсто немаат ниту основни просторни услови. На тој куп собран од секаде и сешто, вие ќе му отворите тема за фискализација. Што во превод значи, поединците да си купат адвокатски маркички, а друштвата да стават фискални каси. Небаре се дуќани за кломпи од Холандија. Втора рака. Па ќе влезете и ќе ја проверите фискалната. Која секогаш ќе биде нула. Па ќе ги проверите џебовите на адвокатите, стручните соработниците и приправниците. Кои сигурно ќе имаат по некоја пара во џебот. Па ќе им го затворите дуќанот за кломпи. Пардон, деловниот простор од милион евра. Каде се остваруваат годишни приходи од најмалку десет милиони евра само во првите петнаесет адвокатски друштва во државата. Вие на Мајкрософт ќе му барате дали денес во дуќан продал лаптоп и кај му се триста долари од лаптопот. Кој Мајкрософт не го продава, ало шефчиња!

Туу, па ја утињаме работата. Ни проаѓаат возови од ревијални адвокати кои секој ден се на телевизија, а не пријавиле банка на сметка. Вие сега по дваесет години театар, со маркички и со фискални сметки ќе правите реформа во адвокатурата? Уште пожално, ние за вашата „реформа“ треба да трошиме време. Бркајте работа….