Хамлет во законодавниот дом

Шекспир  би се констернирал од  тоа колку неговата искажана театралната смисла на животот функционира во македонскиот законодавен дом. 

Од античките трагичари преку зоон политиконот на Аристотел до рационалистичкиот дискурс на критизерскиот канонски дискурс на Акиндин ја имаме таа понудена можност шекспиријански да ја осознаваме драматичната собраниска атмосфера на нашите законодавно-процедурални трагичари задолжени за носење закони наместо интонирање на химнографски несуштински реферати и трагикомедијанско вршење на драматуршки интервенции во законодавниот процес.

Воопшто не е битен правниот квалитет, номотехничкиот израз и суштинска структура на еден закон бидејќи со декади по инерција тие се заменети и дерогирани со користењето на „политичката арена“ (Собранието) како средство за бесплатна политичка себепромоција во јавноста. Со таков пристап сликата на екранот за законодавниот дом и процес е изместена. Фиктивна, филмувана и театролошки компонирана. Затоа и таа јавност мисли дека пратениците во Собрание се тепаат и се мразат по собраниски комисии и седници.

Прилично глупаво, наивно и инфантилно што говори за отсуството на драматуршка перцепција за лошите рољи на „трагикомичарите“. Вистината е дека тие си глумат „расправа, омраза и тепање“ заради популистичка забава на јавноста која пак е склона да се пали на такви сеирџиски законодавни егзибиционизми. Нивната „омраза и тепање“ траат додека ги снима камера. Потоа сложно одат да јадат и џапаат во багателниот собраниски ресторан, буквално зафркавајќи се и смеејќи се со тоа кој потеатрален трик извел на сцена. Хамлет или омлет тензија.

Во суштина и практика тоа е автентичната активност и забава во законодавниот дом, во кој намногу од работа се утепуваат – келнерите. Кога сме веќе кај трудот и работата како онаа на највредните собраниски работници, прва асоцијација што доаѓа за таа децениска законодавна лежерност и театрална имитација е: Законот за работни односи, на пример. Егземплар за мошне битен закон, суштински закон, егзистенцијален и примарен по многу економски, социјални и правни основи, а истовремено закон  кој беше – препишан! Дрско, неаналитично, без номотехничка и структурална анализа едноставно беше симнат од интернет страните на земјите со сродно говорно подрачје и триумфално принесен на собраниска расправа. Каква иронија – расправаш за закон во кој е регулиран труд, а истиот е склепан со копи пејст методологија, поточно со нулта труд! Тоа е магичниот круг на феноменот административна мрза и незнаење пресликан во структурата на еден закон кој понатаму по иста методологија се едноставно се „обработува“ во законодавниот дом. Едноставно како да нарачаш ракија, шопска и скара во собранискиот ресторан.

Таа методологија е дел од историјата и актуелноста на нашето законодавство! Некој мрзлив и недоучен административец од одредено министерство симнал закон од интернет страна од институција во Словенија и Хрватска и други земји со сродно говорно подрајче. Го превел лесно, а неточно, го склепал во делови  и создал законски Франкештајн. Го мрзело или не знаел да напише – автентичен согласно домашните состојби и потреби. Потоа тој закон го пратил да се донесе во Собрание. Пратеникот ко пратеник, нема сега да троши енергија да го чита законот или не дај боже да провери да не случајно е препишан и некомпатибилен за условите во државата па кренал рака и гласал. Битно законот е донесен, на подарен закон не му се гледа во заби, најмалку во членови. Тоа што е со лош превод, некомпатибилен по ниедна првна, социолошка и економска основа – најмалку е битно, нема да „цепидлачиме“ сега, мора да се “оди напред”, Европа не чека. Така и Законот за работни односи стана хамлетовска  „пракса“. Но, тој е само еден во легендарната плејада на законски прописи испрепишани од каде не, а кои на себе го имаат жигот на – нормативен плагијат, мрза и медиокритетство.

Да биде трагедијата поголема, и дел од нашите велеучени правни догматици ја имаат користено истата копипејст методологија кога биле ангажирани како експерти за што наплаќале дебели хонорари. Таа оска институции – есперти солидно го бетонираше креирањето на закони во една тешка и лажна индоктринација на номотехниката, јазикот на правото, правната логика и апликативноста на законите. Затоа, воопшто не е чудно што театролошкиот амбиент на политичката законодавна арена отсекогаш ги фрлала правните аспекти на законодавството под нозете на популизмоти политизацијата.  Со таков пристап за фолклорано замајување и забавување на јавноста не е ни чудо што самата имплементација на некои суштински закони е кловновска…


Објавено: 17.12.2012

Останато од авторот: