Јужњак во подножјето на Алпите: Зошто „дежeлата“ го продаде Зоран

Тоа што Словенија го избра, стана кобно за Зоран Јанковиќ. Избирајќи го него, Словенците, всушност, го осудија, покажувајќи дека ксенофобијата е заедничка карактеристика на сите наши народи и народности. Додека, во Србија, победата на Јанковиќ беше прославувана како триумф, ентузијазмот во Словенија сразмерно спласнуваше. Затоа, приказната за градоначалникот на Љубљана и несудениот премиер на Словенија е далеку посложена од една политичка кариера и евентуалнa корупциска афера

Што се може да ти се случи кога си по потекло Србин и кога ќе победиш на парламентарни избори во Словенија?

Прво, не успеваш да формираш влада, затоа што, боже мој, зар да се случи таква ерес, па еден јужњак да ја води убавата, зелена, европска „дежела“? Вистина е дека тој јужњак и во своите доцни, средни години е убав како насликан, вистина е дека е нешто поспособен и од ѓаволот, но, како избрал, боже мој, да се роди баш во некое селиште, во некоја пустелија близу  Смедерево, покрај толку многу убави, скоцкани, совршени словенечки села, со средени тротоари, улично осветлување и внимателно негувани тревници?

И второ, кога си Србин и кога ќе победиш на избори во Словенија, веднаш те апсат, колку да те предупредат да не ти падне ни случајно на ум повторно да се кандидираш , повторно да победиш, па да те снајде истата работа – одново да не составиш влада и повторно да те aпсат.

Ја разбра ли Зоран Јанковиќ лекцијата што му ја испрати словенечката политичка елита? Тешко, зошто ништо не наведува на тоа дека харизматичниот градоначалник на Љубљана и создателот на „супермеркаторот“ ќе отстапи пред политичкиот естаблишмент, во кој што влета како вистински Србин кога ќе се напие: со нога ја отвора вратата,  парчосува неколку шишиња, ја повикува музиката до себе, лепи шлаканици наоколу и со најубавата „риба“ излегува на месечина, да си поприкаже за животот, за потоа да ја одведе во својата гајба, за да гледаат филмови и да слушаат плочи.

Вака, некако, изгледаше неговото влегување  во  политичката стратосфера на единствената земја од поранешна Југославија, членка на бриселското постмодернистичко царство, кое колективно ја доби Нобеловата награда за мир, што, патем, дури ни Борхес не би го смислил, та допрвин ќе следи гротескната драма – кој ќе ја прими наградата? Ван Ромпеј, Филе, Кетрин Ештон, фрау Ангела или, можеби, Роланд? Или, пак, најверојатно, сите заедно, како колективното Претседателство на СФРЈ?…Но, не сакам лошо да им мислам, ниту премногу да се оддалечувам од главниот тек на приказната, затоа, се враќам на Словенија, која, според европските вредности, би морала да биде толерантна кон човекот, кој што, генетски, педесет проценти е Јанез и педесет проценти е Србин. Се чини, меѓутоа, дека градоначалничкото место на преубавата словенечка престолнина е максимум за типот предодреден да биде аутсајдер, како дете родено во  мешан брак на Србин и Словенка, од некое таму село Сараоци, за кое одвај  и во Србија некој слушнал.

Првата фаза од подготовките за освојување на власта ја одигра мајсторски

Зоран Јанковиќ првата фаза од подготовките за освојување на власта ја одигра мајсторски, без грешка. Го заспа Јанез Јанша и останатата префригана екипа, прекалена уште во предисториските, пучистички битки за уривање на Југославија, со приказната дека не му паѓа на ум да се кандидира на вонредните парламентарни избори. Се чини парадоксално, но, Јанковиќ подготовката за освојување на Словенија ја изведе како вистински антисрбин, језуитски подготвувајќи се за пресметката со водникот Јанша, вонредно унапреден во генерал.

Додека и делеше дијазепами на политичката конкуренција, Зоран подготвуваше спектакуларна завера: вечераше со 26 угледни Словенци, меѓу кои беа и Милан Кучан, Франце Бучар, Јанез Становник – вистински јунаци на социјалистичко-самоуправниот социјализам, со волшебно стапче претворени во демократи – кои отворено го повикаа Зоран да тргне во политички блицкриг на Словенија.

Нашите најзападни браќа од подножјето на Алпите ја започнаа транзицијата убедливо најсериозно од сите поранешни републики, чувајќи ги своите државни компании и не наседнувајќи на примамливиот повик на ММФ, кому соработката со малите земји му е незначително поромантична од вечерното излегување на една девица во некоја мрачна шупа со напалениот Носферату. Меѓутоа, моќното стопанство на малата Словенија почна да пука и официјална Љубљана го почувствува мирисот на сулфур, што значеше дека ѓаволот на должничката криза е на самиот праг. Старите мудреци на словенечката политика, пораснати во Титовите градинки, исто како и заверениците од тајната вечера, добро знаеа кој е човекот кој би требало да биде  главен надзорник на ранчот наречен Словенија. Препредениот Кучан и екипата го имаа пред себе фотороботот на каубоецот кој би го држел стадото на број.

Кога ја склопи заверата, Јанковиќ го покажа своето вистинско лице. Одненадеж, на 11 октомври минатата година, се појави на љубљанскиот Конгресен плоштад, објавувајќи ја кандидатурата за мандатор на новата влада и промовирајќи ја новата партија Позитивна Словенија. Тоа, всушност, беше неговото симболично влегување во кафеаната, кога почна да крши стакло и да порачува музика. Месец и половина пред изборите, влета ненајавен и направи крш. Никогаш пред ова во политичката историја не е преземен таков поход кон врвот.

Зоран Јанковиќ не ги победи толку глатко искусните словенечки политички волци, со партијата која штотуку се роди, затоа што беше порасипан од Јанез Јанша или поубав од Борут Пахор, туку, причината е далеку поедноставна. Словенците имаат вродена прагматичност и инстиктивно го препознаа човекот кој што умее, може и сака. И, што е најважно, го идентификуваа типот кој им беше потребен.

Шокот во Словенија, меѓутоа, изби веднаш по објавувањето на изборните резултати. Типот, кој како десетгодишник пристигна од озлогласената Србија, а потоа дипломираше на Економскиот факултет во Љубљана и почна, како булдожер, да се пробива се до местото претседател  на управата на „Меркатор“, создавајќи балканска мултинационална корпорација, царство на шпорети, машини за перење алишта и телевизори, наеднаш стана подеднакво и обожуван и омразен.

Зоран знаеше една работа: дека нема искрена љубов кон него во дежелата, та често знаеше да каже: „Некои, едноставно, не ме поднесуваат. Им пречи моето потекло и велат да се врати таму, откај што дошол.“

Но, Словенија го избра, тој триумфираше и заверениците можеа да бидат задоволни. Тоа, што Словенија го избра, стана најпогубно за Зоран Јанковиќ. Избирајќи го, Словенците, всушност, го осудија, покажувајќи дека ксенофобијата е заедничка особина на сите наши народи и народности. Додека, во Србија, победата на Јанковиќ се прославуваше како триумф, ентузијазмот во Словенија сразмерно спласнуваше.

Грда балканска стварност

Требаше тоа да биде бајка за херој од југ во подножјето на Алпите, кој што ги урива националистичките предрасуди, за Србинот од околината на Смедерево, кој што ги освојува срцата на клаустрофобичните Словенци, а потоа ги извлекува од провалијата на должничката криза. Зоран, се разбира,  не состави влада и се што следеше по неговата победа на изборите, се претвори во грда балканска стварност. Конзервативните елити се здружија во проектот за политичка елиминација на Зоран, додека селаните во неговото родно село испекоа вол, му праќаа телеграми со поддршка, го славеа како национален херој. Српските медиуми редум одеа во родното село на „идниот премиер“ на Словенија и испраќаа репортажи за остварувањето на српскиот сон: да бидеш роден во Смедерево, а да станеш  словенечки цар!

Србите прославуваа, Словенците се каеа, а конзервативците започнаа политички државен удар исклучително вешто, спроведувајќи невидена математичка операција: губитникот на изборите, Јанез Јанша, да го преземе премиерскиот мандат. Не беше тешко да се утврди кој е водачот на пучистите. Веднаш по изборите, на Интернет страницата на партијата на Јанша, е оценето дека Зоран ги добил изборите благодарение на доселениците од поранешна Југославија, со странски акцент и тренерки. Зоран е нарекуван југословенски социјалистички тајкун, додека Јанша говореше дека не е говор на омраза ако на Србин му кажеш дека е Србин. Се разбира, тој тоа не го изговараше, но, се подразбираше дека, според таа равенка, Србин не може да биде премиер на Словенија, иако освоил најмногу гласови и веќе го договорил парламентарното мнозинство.

Апсењето што следеше неодамна е очекувана последица на Зорановото дисциплинирање и влечење по калта, за да не би му паднало, евентуално, на ум, повторно да влегува во словенечката изборна крчма и да прави гомненици. Дека не станува збор за вообичаена истрага, покажа и фактот дека полицијата дојде кај Јанковиќ дента кога тој стана дедо. Јанковиќ е приведен во рамките на истрагата поврзана со изградбата на „Стожице“, а истрагата ги опфати и неговите двајца синови, Јуре и Дамјан, како и неговата блиска соработничка, Јадранка Дакиќ и двајцата челници на компаниите вклучени во изградбата – Градис и Енергоплан, Урош Огрин и Златко Срак.

Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба, измами со влијание врз финансиските интереси на Европа, малверзации, перење пари, фалсификување и уништување на службени исправи и прифаќање на добивка, во замена за нелегално посредување.

Бидејќи е познато дека Зоран никогаш не користел компјутер, а за лап-топот, веројатно, мисли дека е ново оружје што треба да го извезе неговиот прастар непријател Јанша, полицијата ги одзеде компјутерите на неговата сопруга и синовите.

– Никогаш не сум бил во конфликт на интереси и не ќе најдете никого кој ќе каже дека му дал некакви пари на Зоран Јанковиќ  – рече градоначалникот на Љубљана во неодамнешното интервју на белградската телевизија Б92, нагласувајќи дека обвиненијата и медиумските напади врз него имаат врска со фактот дека е со српско потекло.

– Се гордеам со своето потекло, за себе тврдам дека сум чистокрвен мешанец и не прифаќам било кој да ме прогласува за свој, – рече Јанковиќ, а потоа нагласи дека Љубљана е негов град, дека Љубљана ќе ја избере како место од кое ќе замине во вечните ловишта. Патем, Зоран се наоѓа меѓу 25-те кандидати за најдобар градоначалник на светот.

 Тој често зборува дека неговото село е најубаво на светот, призна дека редовно се слуша со најзначајните српски политичари и тајкуни. И, конечно, во емотивното интервју за белградската телевизија, на крајот извика: „Поздравете ми ја Србија!“.

Порача и уште нешто. Дека сигурно ќе стане премиер на Словенија. Ќе го дозволи ли дежелата некогаш тоа? Затоа приказната за Зоран е далеку посложена од една политичка кариера и евентуална корупциска афера. Ќе дочекаме ли, навистина, некогаш, Бошњак или Албанец да бидат премиери на Србија, ќе биде ли, некогаш, Србин стопан на Хрватска, а Македонец претседател на Албанија? Значи, дали некогаш ке постанеме нормални? Тешко. Но, во меѓувреме, потребно е да се биде рационален. Што значи, ако Јанезите не го сакаат Зоран, не ми е јасно, што чекаме ние во Белград? Барем сме сигурни дека човекот е нашинец, од крајна пошта Смедерево.

Објавено: 17.10.2012