Кичево, блуз за почетници

Нестрпливо чекајќи мостот „Око“ да се изгради и конечно да добиеме пат од „Гирадико“ до Архивот на Македонија, си викам ете уште едно место полно со спомени и места за сликање на милите туристи од Јужна Кореја кои, заљубени од визурите на новата зграда на Министерството за надворешни работи (со тетките што ги држат греалките во скут за да се стоплат), сигурно ќе решат во наредните десетина-дваесет години да инвестираат во една од технолошките зони кои ги спремивме токму за таа намена.

Оти, битката за странски инвеститори е битка еден на еден. Секојдневна и упорна. Гледате ли што му прават даночниците на Субрата, на нашиот охриѓанец во најава? Му ги блокирале сметките, за некакви измами го кодошат. Уфф, добро е, не смири Мизо кој телефонски се слушнал со слугинката на братучед му што во моментов се во посета на село петсто километри од Мумбаи. На кратко, бидејќи при разговорот кравите мукале силно и силно биле возбудени, Субрата е добро и долговите си ги плаќа редовно. Штом ги плати, пак ќе не посети. А, штом не посети, посреќна нација од нас тешко дека ќе се најде. Можеби само Британците во тој момент. Што проектот не се направил кај нив.

Упс, адвокатските избори, Кичево, во кафаната.  Или така ми се причини од неколкуте снимки на локацијата. Кафана во Кичево, на изолирана локација. Столчињата ренесансни, термин до шест попладне. Пошто во седум се местат за свадба и така секој ден.

Се сеќавам, собранијата на адвокатите никогаш не изгледале сјајно, далеку од тоа. Ама, барем Дом на АРМ можеш на мапа да го најдеш. И до него да дојдеш со редовна автобуска линија, па и со воз (пошто на пола адвокати трошок им беше аутото да го запалат). Седиме така во Дом на АРМ, изборно собрание (тогаш имаше избори, извинете на дигресија) и некои постари колеги се спремале, читале статут, процедури, па дури направиле и некакво програмче која е нивната визија за македонската адвокатура. Ќе се јавеа меѓу првите за збор, ќе изложеа што имаат со дебел, свечен тон, ќе завршеа и ќе добиеа по некој скромен аплауз (Македонецот во просек никогаш не аплаудира изолирано, само во група аплаудирачи). После нив, спектаклот почнува! Задолжително ќе излезеше некој од „доајените“ и ќе почне „интелектуално“ да го делка претходникот: – Се е тоа во ред што го кажуваш, ама ти ли се најде да збориш? Ти ќе збориш за адвокатура? Два брака, три деца, еден абортус, швалерки во секој суд, ти ли се најде да збориш, од каде образ ти да водиш адвокатура?

Па ќе скине уште две-три зелени, ќе раскаже некој виц и ќе замине во блиското бифе. По него ќе излезеше друг „доајен“ и ќе се обрати до претходниците: – А бе точно е дека овој првиот со жени не му одеше, ама ти ли се најде бе колега да попуваш за морал и етика? Па тебе те бркаа клиенти што ги лажеше со години, по канцеларии те криевме, три месеци не смееше во својата канцеларија  да стапнеш, ти ли се најде да зборуваш, не туку треси ко да не те знаеме, те прочитавме како селско букварче, да знаеш.  Па ќе се јавеше трет, што проблем имаш бе ти со селото, ние немаме буквари, а ти имаше буквари, ооо седмо одделение го понављаше четири пати затоа си толку постар од нас, не дека имаш стаж во адвокатура, сељачиште селско ниедно! И, така, „интелектуално“ се развиваше расправата. Мајки, шајки, швалерки, коли (адвокатите и денес се слаби ако колегите им возат подобра кола), пари, долгови, лажговци, криминалци, се и сешто. И, оп, ќе се најдеше во приквечерината некакво решение, онака најбезболно и наредни десетина години ќе запловевме во мирни, непрокопсани адвокатски води…

Значи, по некоја анегдота, случка, гласање останале во сеќавање. Од ова, Кичевсково собрание немаме многу сознанија. Што било, како било, кој предлагал, кого предлагал, имало програма, немало… Чудно, мајката. Молк.

Управниот одбор поднел оставка во дваесетта минута. Го напуштил натпреварот. Натпреварот, сепак, морал да заврши достоинствено. Победник, ракување, записник. Записник има ли?

Не е лошо новиот претседател да започне од таму. Заедно со Управниот одбор да изготват предлог-записник објективно опишувајќи ги настаните и изборот, со број на предложени кандидати и број на гласови за избраните кандидати. Читам и новиот претседател се залага за тоа, одлично, да почнеме од процедурата, процедурата мора да е стакло.

Второ, најголемите проблеми во адвокатурата. Не е адвокатската маркичка најголем проблем во адвокатурата, најголем проблем е што адвокатите системски, со години, се напикани во ќошињата на ова општество. Проблем е што адвокатите реално не се дел од правосудството, не не фермаат ниту во судница, ниту во правосудните институции, ниту во полиција, ниту во администрацијата. За сите нив, ние сме изедначени со странките. Ги чекаме пред врата судиите, инспекторите, даночниците, кај обвинителите нема шанси да припариме системски, кај истражните судии ќе стоиш во сопчето како фикус. Тоа се нашите проблеми, адвокатската маркичка е само последица на ништожниот статус на адвокатурата како професија. На колеги им ги собираат компјутерите при полициски акции, им ги претресуваат просториите без присуство на претставник од Комора како што е ред, не им даваат да влезат во објекти каде странките им ги обработуваат во преткривични постапки, за доцнење од минута им запираат постапки, во даночната управа се буткаат со фризерите и масерките. Делумно сме и самите криви, примивме се и сешто во адвокатурата, дадовме значки на недоделкани кои денес ни ги истураат пред очи додека со пиздатиматер те поздравуваат во судница или на Фејсбук сеедно. Ред и процедура, проветрување на сопствените редови и изедначување на статусот во правосудството, со сите права и обврски. Само тоа треба да се направи, едноставно.

За што зборуваме, за адвокатската маркичка? Или дека не сме оделе на избори за делегати? Во Бриони одела и во Кичево на чорба. Супер. За цел град.

Објавено: 21.02.2013