Кој е Србинот кој е помоќен од носач на авиони: Повикај го Срѓа поради револуција

Некогашниот лидер на „Отпор“, организацијата што беше клучна за рушењето на Слободан Милошевиќ, им пружа консултантски услуги на опозиционите движења ширум светот за начините на ненасилен отпор, кој се покажа помоќен од тенковски дивизии, бомби и боеви глави. САД ги поддржуваат сите овие опозициони движења, а Срѓа Поповиќ има, речиси, митски статус во земјите, како што се Украина, Грузија Египет, ама и во Русија, каде што мислат дека е потенцијална опасност за интересите на Москва. Но, кој е, всушност, слабиот, урбан Белграѓанец, од кого што треперат сите диктатори во светот и кого што во Америка го сметаат за еден од 100 идни лидери на светот. 

– Се чувствувам како Бетмен. Вау! – ироничен е Срѓа Поповиќ, чист, непрскан Србин, висок околу метар и деведесет. Живее во елитниот дел на Белград, на Врачар, во стан малку поголем од 50 квадрати. Но, „Викиликс“ тврди дека урбаниот, слаб, четириесетгодишен Белграѓанец, што личи на  Ленин во раната младост, е многу повисок, потежок, поопасен и поубиствен.

Бре, што чудо е тој „Викиликс“! Ја објави внатрешната и-мејл преписка на вработените во американската организација за геополитичка анализа „Стратфор“, од медиумите наречена – „ЦИА во сенка“. Жити силната  ЦИА, на која и ги симнуваат и-мејловите, како што Жељко Јоксимовиќ ги симнува хитовите од Азербејџан.

Туку, јас да се вратам на главниот тек од авантуристичкава приказна: Еден од јунаците во мејловите на „сенливата ЦИА“ е токму Срѓа, некогашниот истакнат член на „Отпор“, водачот на групата момчиња, жестоки заебанти, кои со своите духовити перформанси ја побудалија Слобината тајна полиција и ги искинаа нервите и ја симнаа од власт. Денес Срѓа е извршен директор на Центарот за применета ненасилна акција и стратегија (CANVAS), кој што, според тврдењето во мејловите што ги провали Асанж, соборува диктатори и автократски режими низ светот, што не им се по воља на САД.

Стокмени се во убави и скапи костуми тие клинци, кои го оддуваа Слоба и, ѓавол да ги носи, импресивни се, нема што. Ова, првото, го велат Америте, а другово, пак, го мислат Русите. Ние да се позанимаваме со првото. Како што пишуваат Америте во ситниот мејл од „малата ЦИА“: „Доколку правилно се употребат момчињата од Отпор, помоќни се од борбена група на носачи на авиони“. Ова за „CANVAS“ го тврди извесен службеник на „Стратфор“, а „Викиликс“ го објави на својот сајт, на 15 ноември.

Срѓа одлучно одбива да ја прифати улогата на носач на авиони. Скромно е момчето, иако го сметаат за борбена формација од повеќе носачи. Не сака ни адмирал да биде, иако Американците му пришиваат значење на цела морнарица. И пари дека прима негира Срѓа, се сами доларчиња, од „Фридом хаус“ и од Меѓународниот републикански институт. Во „Викиликс“ се споменуваат и Институтот за отворено општество, УСАИД и Американскиот институт за мир, речиси сите алатки на американската надворешна политика за ширење на демократијата, на човековите права и останатите вредности, во кои уште веруваат само децата, кои сонуваат како Дедо Мраз се спушта преку оџакот, ги остава подароците под елката и мава една лута ракиичка со татко им, а потоа влегува во златната кочија и одлетува натаму по небото и други дечиња да израдува и да ги оддува злите диктатури.

Кој е, значи, тој Србин, кој што беше мозок на револуцијата во Грузија, во 2003 година, потоа во Украина и во Либан, во 2004 и во Египет, во 2011 година? Извозниот Срѓин пучистички ноу-хау беше клучна состојка во подготовката на коктелот на Арапската пролет, со оглед на тоа дека, пред да тргнат во акција, младите арапски активисти одеа на часови кај професорот Срѓа, во Белград.

Каква е таа светска, лекареовска драматургија што се случува во Белград? Каква е таа чорба што се вари во епицентарот на Балканот и каков е тој тип, тој Срѓа, кому, за време на уличните протести во Москва, руската државна телевизија, во ударниот дневник, му посвети прилог од цели 12 минути, опишувајќи го како мозок на операциите ширум светот, што ги руши мрачните типови кои не му се по вкус на Вашингтон и стиснатата тупаница, симболот на „Отпор“, ја насочува кон Путин?

Ако некој мисли дека ваков типус се движи низ Белград со булук телохранители, гадно се залажува. Срѓа не се вози ниту во блиндиран џип, ниту живее во вила, што е на дофат на Белград и што ја чуваат стражи и митралески гнезда, додека гладни добермани го душкаат воздухот и бараат некаква миризба од непознат човек, кој се мува околу Срѓината база…

Ништо од сето тоа! Со Срѓа добро стојам и понекогаш го среќавам на Калениќевскиот пазар, каде што пазари за неделниот ручек. А бидејќи и тој мене ме затекнува во истата субверзивна акција, во која што не праќаат милите сопруги, со список, но, не на агенти, туку на зеленчук, се случува сожаливо да си заклучиме дека со нас, всушност, теледиригирано, управуваат нашите мили женички. Срѓа, имено, не толку одамна се ожени и тој, „белградскиот носач на авиони“, кој плови по суво по тесните улици во центарот на Белград, во паузите за рушење на режими – готви за викендите и наместо „калашњиков“, користи правосмукалка…

Централата на ова момче, своевремено едно од најблиските соработници на убиениот премиер Зоран Ѓинѓиќ, се наоѓа во монтажниот трговски центар, во Гандиевската улица, во новобелградскиот блок 63, што го сочинуваат куп грди, сиви, скалести солитери, некогашни гигантски, станбени блокови за подофицерите и офицерите на ЈНА, меѓу кои, преку герилска акција, влетаа модерните шопингмолови и продавниците со хај-тек опрема. Но, Срѓа не избра скапа канцеларија, туку изнајми скромен, осумдесетквадратен, деловен простор. Тоа ли е, Срѓо мој, штабот на Центарот за применети ненасилни акции и стратегии, сместен помеѓу мало кафуле, пекарница и фризерски салон? Тука ли, бре, Срѓо, ги смислуваш стратегиите, поради кои доживеа генетска мутација, како прв Србин вкрстен со Шестата флота?

Меѓутоа, работејќи малку на терен, малку во тој буџак, Срѓа Поповиќ ги досегна највисоките сводови на глобалната моќ. Пред две години доби големо признание. Докажа дека го сметаат за светска марка. Американскиот магазин „Форин полиси“ го смести во добро друштво, помеѓу 100 истакнати мислители на човештвото, заедно со брачниот пар Клинтон, Обама, Саркози, Кондолиза Рајс… Тој американски часопис е издание на Советот за меѓународни односи и е основан во 1970 година, од Семјуел Хантингтон, тогашен директор на Советот, кој, своевремено, го предводеше Одделението за планирање при Советот за национална безбедност на САД. Сепак, Хантингтон е многу попознат како автор на култната книга „Судир на цивилизациите“ и е човек кој во последниве 20 години имаше огромно влијание врз надворешната политика на Соединетите Држави. Патем, беше и близок соработник на Збигњев Бжежински.

По овој повод, во интервјуто за „Политика“, Срѓа ми рече дека поприлично е шокантно колку нашиот, српски модел на ненасилна револуција е голем бренд надвор, како и за некои сериозни луѓе, како оние од „Форин полиси“ или од Универзитетот Колумбија, на кои отпорашите им се гости – предавачи. Според Срѓа, ненасилниот отпор е научен принцип, чиста физика, чии динамички закони, патем, само тој ги знае. Признава дека го нервираат критиките на сметка на некогашниот Отпор и Canvas, особено тезите за „извоз на револуции“:

– Прво правило во ненасилната борба е да не примаш совет од странци. Страшно ми ласка кога некој мисли дека сме толку моќни, што за 10 дена, со 15 Египќани, може да изведеме револуција во Египет. Ама, не оди тоа така. Ние би можеле да бидеме извозници на револуција, ако одведеме, некако, едно 2 милиони Срби, да прават демонстрации, ми рече тогаш.

Всушност, моделот на ненасилен отпор не се носи в торба, па со уште  двајца умни Срби и милионче ЦИА долари – ете ти револуција! И уште Срѓа кога ќе ти влезе во земјата, држи се добро, проблематичен претседателе! 

За волја на вистината, Срѓа е во право, иако досега не е разрешена фамата, дали за време на пионерското востание против Слоба отпорашите беа обучувани во Будимпешта, каде што на сите фори ги подучуваше пензионираниот полковник, Роберт Хелви, од Американската воена разузнавачка. Тој сега, на државниот, престижен Факултет за политички науки во Белград, има статус на специјален предавач. Мистериозниот Хелви му е консултант на асистентот Срѓа. Тие ги подучуваат белградските студенти за ненасилниот отпор, како вид на специјална обука, та, не ми е јасно зошто Америте и Русите трошат толкави буџетски средства за шпионажа, кога во Белград имаат сјајни кадри за мали пари…

Никогаш, меѓутоа, не ќе дознаеме дали полковникот Хелви, кога ги запозна клинците од Белград, го имаше оној циничен поглед на Харисон Форд од филмот „Апокалипса сега“, матниот фраер за кого не ти е јасно на која екипа и припаѓа, на ЦИА или на ДИА, воената разузнавачка, кој што ја опишува мисијата на младиот капетан Вилард, (Мартин Шин), кој треба да го убие полудениот, психоделичен полковник Курц, кој се одметна од војската на САД и создаде крвав култ меѓу Виетнамците… Курц незаборавно го играше, исто така, лудиот Марлон Брандо, ама, изјавата на Харисон Форд до капетанот Вилард е пророчка: „Мисијава не постои на ниедна хартија, ние секогаш можеме да одрекуваме дека имаме било каква врска со неа“.

Затоа, Срѓа секогаш зборуваше дека врската меѓу отпорашите и Хелви ја местеа слобистите, во склоп со нивната стратегија за одбрана од опозицијата, нарекувајќи ги Нато платеници, фашисти и останати подвидови домашни предавници… Иронија на судбината е што, во тоа време, таинствениот полковник Хелви се моташе по Будимпешта, додека амбасадор за рушење на Милошевиќ беше Вилијем Бил Монтгомери, некогашната виетнамска зелена баретка, лик според кого Копола го црташе ликот на младиот капетан од „Апокалипса сега“.

Меѓутоа, Срѓа е алергичен на такви теории на завери, на кои Белграѓани им се наклонети, па го тврди следново: Ако Че Гевара е симбол за вооружена, левичарска револуција, зошто тој можеше да извезува револуции, а ние не можеме? Затоа што за вооружена револуција не требаат многу луѓе. Доволни се 300 до 400 добро организирани десперадоси кои ќе ги стуткаш во камиони, ќе дојдеш во земјата „икс“ и ќе кажеш: “Го блокирам аеродромот, ја заземам радио-станицата, го вперувам пиштолот кон главата на постојниот претседател и тој изјавува преку радиото дека му ја предава власта на револуционерниот комитет. Потоа, ги собирам луѓето во ист број во камион и одам во друга банана држава.“

Ненасилната револуција има 50 насто шанси да успее, вели Срѓиниот прв закон на отпорот, ама, дури тогаш, кога ќе учествува 3 до 8 насто од популацијата. Тоа се десетици, стотици илјади луѓе. Нема, значи, шанса дека тие би следеле еден Србин или Американец или кој било од страна. Да е тоа толку лесно, како што се мисли кога се кажува дека така се извезува и се увезува  револуција, светот би станал демократија за шест месеци. Го ставаш Срѓа во авион и го испраќаш во некаква Украина, Грузија, Египет, Сирија… Тешко на претседателите, кога ќе им дојават тајните служби дека Срѓа, единствениот носач на авиони кој што лета во патничката класа, им атерирал во земјата…

Но, не скитал Срѓа само по светските жаришта и не го менувал светот. Се мотал и по егзотични места… Така, наместо орден за заслуги или некое слично одликување, заради консултантските, револуционерни услуги, што му ги давал на претседателот на Малдиви, Мохамед Нашид, уште во времето кога  го прогонувале и затворале, како лидер на опозицијата, добил, ни повеќе, ни помалку, туку – рајски остров.

Покриено со џунгла и обиколено со тиркизниот Индиски океан, островчето Тинаду, со 14 куќи, 37 жители, две улички, куќичка за изнајмување, колектор за дождовница и агрегат, им стана поморска база на српските идеолози за ненасилен отпор.

Момчињата со симболот на стисната тупаница, клучната состојка што му недостигаше на експлозивниот коктел за разнесување на Слобиниот систем во сенката на спектакуларните револуции, ја извршија и прекуморската мисија во светскиот, туристички рај, на Малдивите…

Приказната започнува во 2006 година. Си седел Срѓа на некоја ужасно здодевна конференција на невладини организации во Нант, кога му пришле девојка и младич. Те знаеме, му рекле, од филм, ти си голем херој во нашата земја. А, тие, всушност, го гледале филмот за српската револуција. И, навистина е така: за антиглобалистите, српските отпораши се клон на американската администрација, за прогонетите, опозициони групи во автократските режими низ светот, тие имаат статус на рок ѕвезди на демократските револуции.

Со ореолот  на овие, вториве, во земјата со 1.200 острови и 300.000 население, како претходница, замина Слободан, Срѓиниот заменик командант. Во Мале, главниот град со 70.000 жители, кои што живеат приклештени на 4 квадратни километри, заради што е наречен „Менхетн во шише“, го чекаше екипа на млади активисти, одлучени да тргнат во кампања против долгогодишниот автократ, Абдула Гајум. Поминувајќи повеќе од 30 години на власт, како неприкосновен управник на гламурозната и егзотична оаза за одмор на холивудските ѕвезди и богаташи, кои масовно ги окупираат луксузните хотели, расфрлани по бајковитиот архипелаг, Гајум, наместо држава на благосостојба, создаде творба на сиромашни луѓе.

Веднаш по пристигањето, Срѓиниот заменик тргна во агитација. Два дена јавно спроведуваше тренинзи, држеше трибини, објаснуваше како се организираат ненасилните движења, но, тогашниот владетел на Малдиви, се чини, дека не беше од калибарот на еден Лукашенко или Ахмадинеџад, кои, само при спомнување на отпорашите, ја подигаат борбената готовност на нивните гранични премини. Имено, Лукашенко и Ахмадинеџад не се верверички, како останатите диктаторчиња, туку се громади од политичка мисла, кои, штом се спомне поимот Отпор, на неговите активисти им се доделува статусот „персона нон грата“.

Малдивскиот диктатор не беше од тој калибар. Имено, младите бунтовници го прокриумчарија Слободан покрај полицијата, одведувајќи го во посета на лидерот на опозицијата, кој престојуваше во куќен притвор.

Беше тоа Мохамед Нашид, лично. Му рече на Слободан:  – Порачај му на Срѓа – откако ќе победиме, ќе ви дадеме остров. Да направите тренинг центар. Ќе биде тоа остров наречен – демократија!

И Нашид знаеше за белградските отпораши само од филм, а Срѓа го сметаше за Мик Џегер на уличните преврати. Разбра Срѓа од Слободан за островот, па, веднаш допатува во Шри Ланка, која што за опозицијата на Малдиви претставуваше исто што и Будимпешта за ДОС и Отпорот, во времето на Милошевиќ.

А, пак, Малдивците се покажаа неверојатни, колку и ние, Србите. Тоа  Срѓа веднаш го сними – класична, кул нација. Небаре некој создал српски остров во Индискиот океан. Комплетната организација на нивното движење се вршеше под сламени покриви. Срѓа се чувствуваше како во Дискавери. Но, Малдивците сјајно ги организираа младинските движења по островите. Имаа три–четири рок бендови, што со чамци одеа од остров до остров. Бидејќи знаеја дека некој комшија секако ќе ја повика полицијата и дека нејзе ќе и треба еден час да дојде и да ја исклучи струјата, тие испланираа дека секој протест или концерт ќе трае најмногу 45 минути. Таман толку време, колку да се исликаат, да ги стават сликите на „Ју тјуб“, да го сместат бендот во чамецот и да продолжат понатаму, до следниот остров. Тоа беа егзотични фори и фазони, засновани на српската, тактичка вежба од 1996 година, кога опозицијата организираше демонстрации во 30 градови истовремено, та, Слобиниот режим не можеше да ја развлече полицијата на 30 страни од српскиот, надреален свет.

Идентичната стратегија успеа и на Малдивите. Нашид ги доби претседателските избори со помош на демократската, револуционерна младина, облечена во летни маички со натписи „Егзит“ и „Гуча“. Една година подоцна, 2009, ги повика Белграѓаните на Малдиви. Им рече:

– Ви ветив остров и ќе го добиете!

По два часа пловење со бротче од престолнината Мале, на островот долг 680 и широк 270 метри, Срѓа и Слободан ги дочека шефот на селото, муслимански свештеник.

Организирајќи летни кампови за обука и политички школи во првата, муслиманска земја на светот што изведе ненасилна револуција, Белграѓаните си обезбедија уште нешто. И, затоа, кој и да го поврзе Срѓа со ЦИА, тој клевети и лаже. Срѓа е, всушност, автентичен, српски патриот. Она што не им успеа на Слоба и на Шешељ, му успеа нему. Можеби Србија нема море, ама, благодарејќи на Срѓиното востание, има излез на – Индискиот океан.

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 03.01.2013


Останато од авторот: