Кој е таинствениот, српски, економски месија: Лазар Нејакиот или Лазе Камиказе

Пристигнуваа во Србија купишта економски експерти, се сами генијалци од Харвард, Јејл и слични американски мегауниверзитети. И колку што повеќе доаѓаа, Србите стануваа се посиромашни! А штом тие силни експерти ќе се вплеткаа во српската економија, таа копнееше, се сушеше и изумираше. Ќе се смени ли нешто со доаѓањето на младиот Нишлија од Америка, дваесетидеветгодишниот Лазар Крстиќ, новиот министер за финансии во реконструираната влада на Србија, кој, како непартиска личност, дојде на повик на вицепремиерот и најмоќниот човек на Србија, Александар Вучиќ.

Со лице на Мики Маус, кого Мини го напуштила поради Шиљо, во Србија, после падот на Слобо Милошевиќ, пристигна прочуениот експерт за финансии, школуван во странство. Името му беше, а и денес му е Божидар Божа Ѓелиќ, кој покажа како изгледа кога Пироќанец ќе замине во белиот свет, а потоа ќе се врати дома. По запознавањето, рефренот на песната накратко гласеше: „Божо, куку-леле!“.

Искреиран како петтооктомвриски Тома Палчиќ, испратен меѓу Србите да им докаже дека во транзиционите бајки сите на крајот, освен ретките исклучоци, треба да живеат сиромашни и среќни до крајот на животот, Божидар Ѓелиќ покажа уште нешто: по ненадејното слетување од небото меѓу Србите, право на каучот на неговиот тетин, Илија Петковиќ, некогашниот волшебен дриблер на ОФК Белград и репрезентативец на СФРЈ, Божо наликуваше на хиперактивен консултант, вклучен на млазен погон.   

Таков, наголтан со криптонит, леташе над светата српска земја и ги подучуваше граѓаните како, со насмевка и без анестезија, да скокнат без падобран од 10.000 метри од социјализам во капитализам. Либерален социјалдемократ според убедувањето, што само по себе е нонсенс, Пироќанец според потеклото и, нешто за кое малку се знае, личен пријател на македонскиот премиер, Никола Груевски, и врвен харвардски студент според титулата, стана специјалист за откривање на хаотичноста на танзицијата. Најпрвин покажа невидена скромност.  Небаре, кутриот тој, спие на теткиниот кауч, а ваму стана идеален кандидат за пластичен хирург, кој им трансплантираше кожа на Србите, преслекувајќи ги за новото, мистично доба на црната дупка на преодниот период меѓу двата системи, од романтичниот социјализам во каубојскиот капитализам.

Божа планираше да остане неколку месеци и да му помогне на Зоран Ѓинѓиќ во трансформацијата на српската економија. И, ни остана Божа, да ни е здрав и жив, цели 13 години. Фасциниран од енергијата, политичките заткулисни игри и можностите што ги пружа најегзотичната точка на источниот лимес од западниот Балкан, која маѓепсала и многу покрупни примероци од него. Поради тоа и не се врати во Франција, каде што работеше како финансиски консултант. Напротив, се разведе од сопругата Парижанка и ги запозна сите ноќни благодати на Белград… Во име на Демократската партија се кандидираше за премиер, ама, за разлика од неговиот другар, Никола Груевски, Божа го нема во себе оној неопходен „фактор Икс“, владетелската харизма. И, не тренирал бокс, како моќниот македонски владетел, што му недостигаше за да изнурка политички, како лидер, од живата кал на српската политика.

Пристигнуваа во Србија, после Божа, уште купишта економски експерти, се сами генијалци од Харвард, Јејл и слични американски мегауниверзитети. И колку што повеќе доаѓаа, Србите стануваа се посиромашни! А штом тие силни експерти ќе се вплеткаа во српската економија, таа опаѓаше, се сушеше и изумираше. Во Џефри Сакс се колнам, ако лажам! И Божа Ѓелиќ се колне во стариот Џефри – кој му беше главен советник за приватизација, за европскиот исток.

Ама го приватизираше, секоја му чест!

Неодамна, кога одлучи да ја реконструира владата, најмоќниот српски политичар, Александар Вучиќ, доведе нов економски месија. Божа Ѓелиќ, член на Демократската партија, е во длабока опозиција. Ако се прашувате зошто е толкав воведов и што толку сум навалил на Божа Дерикожа – како смрт на баба – еве ја причината. Доаѓањето на малиот, дваесетидеветгодишен Крстиќ на местото министер за финансии, премногу наликува на некогашното Божино влегување во српските сводови на власта. Новиот министер за финансии, Лазар Крстиќ е, исто така, јужњак, од Ниш. Како Божа и тој, исто така, отишол во туѓина, како голем талент, во потрага по среќа. Дипломирал Лазар на американскиот универзитет Јејл, бил тамошен член на тајното братство, од чии редови се избираат американските претседатели и агентите на ЦИА… Потоа се вработил во компанијата Макинси, како советник, за да се врати волшебно во Србија на џиновска врата – да биде клучар на државната каса. Белградските медиуми и младиот Лазар, како некогаш Божа, исто така, го произведоа во суперѕвезда, започнаа да пишуваат бајки за генијалниот Нишлија и веднаш паднаа непримерни споредби: те, пристигнал нов Тесла, те, ни доаѓал млад генијалец… Како и да е, медиумите ја истакнуваат скромноста на младото и, неспорно, способно момче, кое би требало да ги научи Србите да одат преку Мртвото море.

Досега, Лазар не се меша премногу во својата работа. Од неговите досегашни јавни настапи се истакнува веќе легендарната фраза, што гласи: „Мора да го стегнеме ременот“. Но, тој економски рефрен јас го слушам откако дипломирав економија, за време на самоуправниот социјализам и многу пати подоцна – од Милка Планинц и Анте Марковиќ, до Слободан Милошевиќ и сите негови демократски владетели, кои го наследија покојниот Слобо. Затоа, тоа „откритие“ на младиот експерт од Јејл, ме воведува, всушност, во филм: сега сум веќе во кадар со Брус Вилис, пијаниот приватен детектив, кого жената го прељубува, а ќерката го смета за кретен и губитник. Во генијалниот, акционен филм, „Последниот скаут“, Брус Вилис неколку пати го повторува истиот дијалог, потенцирајќи ја Хегеловата дијалектика:

– Небото е сино, морето е влажно, а жените имаат тајни!

Лазар не е Брус Вилис, тој не е небричен, приватен детектив кој пуши три кутии марлборо дневно и војува заедно со пропаднатиот рагби играч против злобната, американска мафија. Лазар е млад, намирисан јапи, кој сака нешто да ни каже. Она, со ременот, е еднакво на мудростите на Брус Вилис. Ништо ново, значи, под капава небеска и експертска. Дознавме нешто што  ни е одамна познато: дека зарибавме. Веројатно затоа Лазар се фати за стариот, добар ремен, што можеме да го употребиме на два начини: да продупиме уште една дупка, зашто при волку големо поскапување на храната во супермаркетите, а  при исти плати, ќе одиме колективно на принудна диета. Другиот начин е ременот да ни послужи како јаже за бесење. Вторава опција многу би ја израдувала делегацијата на ММФ, која повторно дојде во Белград, со предлог што, засега, се врти само по кулоарите, како пробен балон. ММФ, имено, предлага одењето во пензија да се продолжи на 67 години старост и со толку години и жените да одат во пензија, макар што би било поискрено меѓународната финансиска олигархија на Србите да им го упати следниов ултиматум: сите Срби и останатите етнички заедници да одат во пензија со 80 години, со задолжителен услов – сведоци да им бидат нивните родители.

Што, навистина, го очекува Лазар Нејакиот? Воочи подготвувањето на буџетот за 2014, ММФ, според описот на работата, најмногу е заинтересиран дали државата, со која има било каков аранжман, е способна да ги враќа и да ги плаќа доспеаните заеми. И, секако, инсистира на почитување на договорите, на економската политика, при големи одрекувања на домаќинот, за да се осигури барем порастот на националниот колач, од кого добар дел би се издвојувал за плаќање на доспеаните обврски.

Дека на доаѓањето на таа мисија и се придава повеќе отколку должно внимание, сведочат и зборовите на премиерот Ивица Дачиќ, дека владата, во целина, ќе биде многу посветена на подготовките за тие разговори, кои, судејќи по се, ќе бидат многу повеќе, отколку чисто техничка размена на мислења. И, како цреша на врвот на сладоледот, доаѓа изјавата на министерот за финансии, Лазар Крстиќ, дека со ММФ секако ќе се разговара, но, дури после усвојувањето на буџетот.

Кутар е тој, богатиот Лазар. Повеќе не се огласува. Гледа во хартиите и веројатно се прашува каде тоа дошол, а можел да се разбашкарува во Америка, да кулира во некој пентхаус и да шпекулира на берзата. Додуша, по неговото доаѓање, пробен балон беше обидот да се протурка приказната  за солидарниот данок, односно, за оданочување на платите над 100.000 динари со 8, 10 или 12 проценти. Кога го чу тоа средната класа, оние маченици кои само што се беа приближиле до тоа ненасетено богатство од нешто повеќе од 900 евра, просто, полудеа и фрлаа со дрвја и камења по креаторот на таа идеја, та сега, идејата се нарекува „солидарен данок“ и е насочена исклучително кон арамолепците, односно, кон партиската пешадија вработена во јавните претпријатија.

Умен тип е Лазар и веднаш ги нареди коцкичките, та повеќе не му паѓа на памет да дава такви изјави. Се држи за ременот. Затоа, неговата улога ја презеде премиерот, Ивица Дачиќ, кој ја продолжува фората за солидарниот данок, што, патем е стара идеја што се појавува циклично, како популистички, предизборен фазон, кој би ги навел сиромашните место да се бесат со ременот, да дупат на него следна дупка. И Александар Вучиќ почна да зборува за болните резови и тешките реформи, воведувајќи, притоа, медицински фрази во економската политика, како онаа, дека „Србија е заболена од канцер“, со хируршки забелешки за „болните резови“.

Лазар, веројатно, молчи и затоа што се вдал во читање. Сега му претстои подготовка на буџетот за пренапрегнатата 2014 година, во која, покрај главнината, доспева и милијардата евра за камати. Доколку в година имаме пораст на БДП од 3 отсто – ќе бидеме на нула, каде што сме и сега, затоа што сиот годишен пораст на националниот колач ќе отиде за плаќање на каматите. За домашните дубиози и да не зборуваме. Според правилата на играта, тој најважен, годишен документ мора да биде усвоен до 1 декември. Колку што е засега познато, се планира буџетскиот дефицит да биде сведен на 4,7 отсто од БДП, за да во неколкуте идни години биде доведен до само три проценти.

Можеби е добро тоа што Лазар не е партиски човек, иако политиката го донесе на местото главен сметководител на Србија. Затоа што, донекаде, има одврзани раце, но, прашање е дали постои политичка подготвеност за темелно чистење на сите наши Аугиеви штали. Велат дека постои. Ќе видиме, затоа што за таа работа се потребни многу Херкули. Дали е тоа Лазар Нејакиот? Или, на крајот на баладата ќе биде Лазе Камиказе? Бидејќи, никогаш не се знае со Србија.

Иако е планирано да дојде во Србија со звуците на фанфарите и со одушевување, впечатокот, делумно, го расипа Џевад Галијашевиќ, самонаречен експерт за меѓународен тероризам. За „Слободна Босна“, тој Галијашевиќ изјави дека Лазар Крстиќ никогаш и не го видел Ниш, а не пак да се родил во него.

Сега повторно сме во трилер, овојпат шпионски: тој Галијашевиќ тврди дека Лазар е, всушност, по потекло од Катар и дека моментно го учи српскиот јазик, па затоа го нема на телевизија да дава изјави. Значи, Лазар не го изготвува нацртот на буџетот, туку ги учи падежите! Покрај тоа, нема 29, туку 31 година. Според овој надрианалитичар Галијашевиќ, херојот Лаза од Јејл доаѓа во Србија за да ги заштити инвестициите што Катар намерува да ги вложи во Србија – во најава, речиси милијарда долари, барем засега!

Еве вистински, сочен, балкански заплет: наводно, во разузнавачките кругови се знае дека Крстиќ е од Катар, дека работел за американските разузнавачки служби, а тоа, се претпоставува дека и е познато и на власта во Белград, која е согласна за неговото доаѓање, само да ги добие толку потребните пари. Ова го анализира Џевад Галијашевиќ. Лекареовскиот спин, воедно е и нушиќевски комичен, па Лазар, ниту крив, ниту должен, (засега сме должни само ние, обичниот свет), излезе дека е катарско-американски разузнавач. И, уште Галијашевиќ ни препорачува да го погледнеме внимателно Лазаровото лице. Ни словенско е, ни турско. Ова, второво, Џевад донекаде и би го разбрал, бидејќи, ако е од Ниш, таму со стотици години се мешале Турците и Србите.

Ама, ајде, според Галијашевиќ, Лазаровото лице е арапско, чисто како солза.

Ама, кога и јас ќе се подзагледам поарно во огледало, како и уште еден мој колега, блогер на „Академик“, забележувам дека и не сум баш некој особен примерок на Словените. Поскоро би се рекло дека мојата прапрабаба ја заскокнал некој Турчин. Или, можеби Арапин, кој дојавал ваму да ни ја среди состојбата во јавните финансии. Или, што би се рекло, да ни го стегне учкурот!

 >> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Фото: novosti.rs Објавено: 02.10.2013