Кристијановото шоу: Како прочуениот криминалец стана телевизиска ѕвезда!

Во тек е, навистина, необјаснивата „кристијанизација“ на јавниот простор во Србија, под што се подразбира селидба на ренесансниот сликар и поет од асфалтот, кој како номад – селанец, од вечер на вечер, се сели од една на друга телевизија, паралелно освојувајќи ги насловните страници на таблоидите. Конзервативниот, осиромашен свет, некогашната средна класа, кој до половината на месецот оди во продавници, а до крајот на месецот ги обиколува контејнерите, се прашува – од каде толкава хистерична, медиумска побарувачка по ликот и делото на Кристијан Голубовиќ, момчето кое, речиси, половина од својот возбудлив и романсиерски живот го има поминато в затвор – колку во Србија, толку надвор од неа. 

Што ќе стане, наскоро, Тони Монтана на српското подземје, легендарниот Кристијан Голубовиќ, кој изгледа како Конан Варваринoт кој се изнаголтал екстази, па се изнадавал интервјуа, како Цеца после нов албум? За што се токми легендарниот криминалец, доверувајќи се како никој не ја разбира неговата улична поетика, неговиот нов правец во сликарството, како и намерата да стане нова ѕвезда на реалити програмата?

Навистина, што му е наменето на Кристијан? Да биде народен пратеник? Министер, можеби? Или водител на дневник? Аналитичар? Почесен конзул во Колумбија? Можеби, пак, главен уредник на забавната програма на „Пинк“ телевизија?

Се штипев по раката, пред некој ден, за да проверам да не сум упаднал во некаков комендијантско-трагичен кошмар, кога снажниот Кристијан се појави како водител во ударното ток-шоу на Огњен Амиџиќ, на „Пинк“. И се доверуваше тој на целата нација како го мува некоја силиконска кралица, порано слатка девојка, која сега, по многу операции, потсетува на тажна фигура, сочинета од којзнае какви хемикалии.

 Таа девојка, скулптура на бесмислата на Новиот Свет, исполнета со пластика, глина и којзнае какви суровини на пластичните хирурзи, исто така, одненадеж стана ѕвезда на таблоидите, иако никој жив немаше поим ниту од каде е дојдена, ниту поради што е интересна, ниту кој, да простите, ја пика во медиумите.

Кутриот Кристијан, да се расплачеш по него. Зарем да го ќари силиконската муза? И, откако ја довери својата најголема тајна дека одамна, една од неговите бивши девојки ги вежбала забите на неговиот најдобар другар скриен во тесните фармерки, обичниот човек во Србија кој ги гледа таквите исповеди по телевизиите, може да го стори само следново: брзо да се спакува, да ги фати жената и децата за рака и да замине во амбасадата на Папуа Нова Гвинеја, барајќи политички азил.

Во тек е, навистина, необјаснивата „кристијанизација“ на јавниот простор во Србија, под што се подразбира селидба на ренесансниот сликар и поет од асфалтот, кој како номад – селанец, од вечер на вечер, се сели од една на друга телевизија, паралелно освојувајќи ги насловните страници на таблоидите. Конзервативниот, осиромашен свет, некогашната средна класа, кој до половина месец оди во продавници, а до крајот на месецот ги обиколува контејнерите, се прашува – од каде толкава хистерична, медиумска побарувачка по ликот и делото на Кристијан Голубовиќ, момчето кое речиси половина од својот  возбудлив и романсиерски живот го има поминато в затвор – колку во Србија, толку надвор од неа.

Право да се каже, Кристијан од секогаш сонуваше да постане жестоко и сурово момче од белградскиот асфалт. Тоа е стара, добра и истрошена изрека на новинарите на црната хроника, кои ги опишуваат белградските криминалци. Токму таков опис посакуваше Кристијан. Да се знае, бре, за него. Сакаше да постане крими – ѕвезда. Во 1990 година, кога имаше 21 година, влета со пиштол во славниот, ноќен клуб „Мажестик“, принудувајќи ги сите присутни ноќни птички на тогашен Белград да се испружат по земја, а потоа пукаше во воздух.

Белград, тогаш, беше европска Казабланка, полн со интересни ликови: гастарбајтери-повратници, стари четници со нивната младеж, овенати контеси и врвни шпиони на малите и големите сили, писатели и интелектуалци, арамолепци и хуманисти, кои што во балканскиот Њујорк посакуваа да управуваат со лудилото што требаше да уследи. Се чекаше распадот на земјата и граѓанска војна.

Момчето од Нов Белград, воспитувано како Тарзан, во теретана, само што не се бесело по лијани,  туку се фаќало за тегови, сакаше слава сега и веднаш. Велат дека таа ноќ во „Мажестик“ бил и Аркан. И дека и тој бил испружен на подот. Тоа било достатно, момчето, небаре од Шар Планина одвоено, да се промовира во нов талент на српското подземје.

Почнал да рекетира златари, да предизвикува тепачки со најјаките типови во Белград, а потоа се преселил во Атина, за да го промовира своето ноу-хау кај браќата Грци. И таму, поради кражби и улични пљачки, бил осуден на 14 години затвор, но, по спектакуларното бегство од затворот „Маландрино“ додал уште една контроверза на својот лик.

Очигледно е, меѓутоа, дека во последно време Кристијан многу напредуваше. И тој е свесен за тоа, па, би сакал да постане вистински напредувач. Играва со зборови значи следно: во едно интервју, Кристијан дури и изјави сериозни политички амбиции, восхитувајќи му се на новиот премиер на Србија, Александар Вучиќ и на неговата Напредна партија. Ама, засега, тоа е само негова политичка амбиција, што ветува дека ќе ја оствари дури кога ќе постане признат интелектуалец, сликар и поет. И кога немарно ќе го симне од себе плаштот на криминалец.

Ова елоквентно и забавно човечиште, истетовирано како подвижна боди-билдинг сликовница, кое што уште од мали нозе сонувало да стане чесен криминалец со патриотска ориентација, та, според сопственото признание, вршело и некакви работички за Службата во деведесеттите години, сега се обидува да влијае едукативно врз српската младина. Укажува на сите погрешни патишта во животот на еден десперадос, повикувајќи ја да учи, да пишува поезија, да слика и да ја поддржува власта.

Значи, освен образовната мисија што му ја доделуваат српските медиуми, преку која стана некаква врата на транзициониот Невен, по углед на незаборавната, детска серија од крајот на седумдесеттите години на минатиот век, Кристијан не се воздржува да ја шиба опозицијата со сета сила. Просто ја нокаутира со своите обвинувања дека, замислете, сите редум се – крадци! Море, секако треба да се поверува во тоа, штом е кажано од некого, како Кристијан!

Така стана добронамерен и посакуван негативец, кој силно и бескомпромисно се заложува за државен интервенционизам. Неодамна тоа и го нагласи со следната мудрост:

„И вистинскиот криминалец посакува цврста држава, а не шушумиги!“.

Се разбира дека Кристiјан, престорен во јагне, заслужува уште една шанса. Ама, иронија е човек осуден на 14 години поради поседување дрога, да се заложува за силна држава. Верно е, исто така, дека казната за покајникот Кристијан е несразмерно голема во однос на количината на „белото“ во пакетчето пронајдено кај него, околу 150 грама хероин, кој што, како што му доликува на секој божји човек и патриот, го дилал во близина на белградската црква Свети Марко, на Ташмајдан. Меѓутоа, на судењето тој тврдеше дека е невин како цветче.

Што уште може да се очекува во земја во која пупулчето Кристијан е повеќе гледано, отколку каубојскиот дуел на Небојша Човиќ и Дуле Вујошевиќ, во култната телевизиска емисија „Впечаток на неделата“, кај Оља Беќковиќ? Човиќ е  некогашен градоначалник на Белград во времето на Слоба, потоа, потпретседател на владата во кабинетот на Зоран Ѓинѓиќ и сега главен човек на Црвена Ѕвезда. Дуле Вујошевиќ е пранепријател на Човиќ и легендарен тренер на кошаркашкиот клуб Партизан, ама, тие двајца толку се мразат, што нивниот ТВ дуел беше најавуван како боксерскиот меч Али – Фрејзер. Ама, џабе, кога на „Пинк“ во исто време гостуваше Кристијан.

 И, ајде пак да бидеме чесни. Споредено со спомнатите великани, Човиќ и Вујошевиќ, на многу гледачи Кристијан на „Пинк“ им оддаваше впечаток на интелектуалец, искрено опседнат од грижа за иднината на Србија. Ете, тоа беше неговата игра на вистината.

Отсекогаш постоел ваков магнетизам на мрачните херои, но, оваа привлечност е опасна за тинејџерите, кои се на пат да избираат меѓу темницата и светлината. И Кристијан бил еден од нив, ама, кога тој растеше, растеа и приказните за, таканаречените, херои од белградскиот асфалт.

Попопуларен од сите старлети заедно, Кристијан сега станува идол на тинејџерите. Иван Ивановиќ, водител на извонредното шоу „Вечер кај Иван Ивановиќ“, се жали на опаѓање на гледаноста, штом Кристијан ќе се појави на некоја друга телевизија. Па, што не го покани? Ако многу мисли, ќе му биде доцна. Како што му тргнало на Кристијан, можеби ќе стане и асистент на социјална педагогија на Филозофскиот факултет? Јунакот и единствениот преживеан капиталец од некогашниот документарец за криминалот во деведесеттите години, „Да се видиме на некролог“, не е, сепак, со ум да отстапи од медиумскиот трон. Филмот „Да се видиме на некролог“, беше брилијантен документарец за првите криминалци од добата на Милошевиќ. Набилдани, со златни, како прст дебели, синџири околу врат, во тренерки, тие беа снимани во ѓакузи или разбрчкани во базени, без задршка да позираат со пиштолиштата. Криминалот го промовираа како нова, успешна гранка на српското стопанство, за лудилото што следеше.

 Од таа екипа никој не преживеа. Навистина, на крајот на баладата, сите се видоа во некролозите. Сите, освен Кристијан. Овој  тип, значи, не е обичен. Многумина, во она време поопасни од него, сега ја мирисаат тревата одоздола, додека новата телевизиска ѕвезда се стреми кон повисоко. Тој сака натаму. Не постојат граници за него. Кристијан сака на Фарма.

 Ама, каде ќе биде, навистина, послободен? Во реалити или в затвор?

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 29.04.2014