ЛЕТНА РАЗОНОДА: Торнада, Ноле и рецепт за успехот на една „певаљка“

Белград е најубав на лето, кога сите белграѓани си одат дома – на село! Улиците се пусти, кафулињата се празни, само странците кои се селат од Егзит на Гуча го реметат мирот на летниот Белград. Тогаш Белград е најубавиот европски град. Дури и кога настапува потоп. Всушност Белград брзо се суши. И уште нешто за свадбата на Ноле, Законот за работни односи, теророт на експертите, лошиот фудбал и евтините трачеви за скапите „певаљки“.

Одеднаш небото над Белград стана темно. Потоа настапи потоп. Неколку торнада со својата моќ  преместија неколку села во Војводина на некое друго место.

А утредента, Сонцето повторно се раѓа, што би кажал другарот Хемингвеј. Но, тоа српско летно Сонце трае само еден ден. Или можеби два. Потоа се отпочеток. Во Белград нема торнада, ама потопот е таков што пред некоја вечер ми се чинеше дека шекнав, па се симнав надвор да ја сликам надојдената вода на мојата улица. Неколку хулигани се бањаа во реката која се создаде за пет минути и за пет минути исчезна.

Така настануваат и исчезнуваат реките кои што не постојат ниту на војничките мапи. На момент ги гледаш на момент не ги гледаш. Лудо е ова лето Господово, 2014 година. Каде се оние лета кога офкавме од жештините и се пржевме, кога спиевме на терасите и брефтавме како нилски коњи. Сѐ се промени. Само ние останавме нилски коњи!

Така коњасти, никако не разбираме дека сме среде јули. Отидов на познатиот базен на Ташмајдан со ќеркичката. Никаде никој. Ме загледуваат на касата како да сум, Бог да чува, забеган. Надвор 25 степени. Сонцето пече – веројатно исчезнала целата озонска обвивка над Србија, или можеби сѐ е отидено по ѓаволите – бидејќи Сонцето некаде ги изгубило своите пеги.

Има уште една теорија на заговор. Дека Американците по Србија монтирале некое геостратешко оружје за промена на климата со кодно име ХАРП. Значи, Америте ни го вклучуваат невремето, потоа Сонцето, потоа торнадото, потоа и по некоја поплавичка…

А, јас кретен, сум дошол на базен! Како да ми ги читал мислите некој работник кои ги изнајмува лежалките. Му го дадов бакшишот, за да има подобро мислење за мене.

Белград е инаку најубав во лето, кога сите белграѓани одат дома – на село! Улиците се пусти, кафулињата се празни, само странците кои се селат од Егзит на Гуча го реметат мирот на летниот Белград. Тогаш Белград е најубавиот европски град. Дури и кога настапува потоп. Всушност Белград брзо се суши. Воздухот е чист, луѓето ги нема, уживање за мизантропите, каков што знам да бидам кога се менува климата. Или кога Америте ќе ги вклучат апаратите, па почнуваат со кофи да ни истураат вода врз глава. Па го вклучуваат џиновскиот фен или нешто слично на тоа…

Но, ако е пусто на улиците во парламентот не е. Усвоен е реформски Закон за работни односи. Синдикатите малку се побунија, но таблоидите ги распнаа синдикалните лидери два-три дена на насловните страни. Ги нарекоа банда која го руши системот, објавија дека имаат плати небаре се менаџери на банка, па работничкиот гнев се стиша.

Всушност, работнички гнев нема, бидејки нема ни работничка класа. Иако капиталистите сега можат да отпуштаат кога сакаат и кого сакаат, ништо со тој Закон, кој го сметаат за судбоносен и реформски, не се промени. Се разбира дека во транзициските земји заштитена ќе биде новата буржоазија. Јок, туку ќе ги штитат работниците. Не е ова Германија! Што би рекол лидерот на социјалистите и шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ – што сакате сега, зарем не го баравте капитализмот?

Навистина тие работници се некоја безобразна сорта. Ѓубриња едни расипани. Замислете си, сакаат да јадат, пијат и децата да ги носат на море. Мало морген, што би кажал  покојниот Слоба! Не може се одеднаш.

Младиот министер за финансии Лазар Крстиќ, Вучиќевиот хобит, сакаше со намалувањето на платите и пензиите за 20 отсто да го намали и бројот на пензионери и работници. Среде лето кога мозоците работат на резерва.

Ама срце премиерско не издржа. Пушти солза и дојде до неверојатна генетска трансформација на премиерот Александар Вучиќ. Страшниот Вучиќ се претвори во Лав со Меко Срце, витез кој го запре поморот на немоќните.

Што всушност, детето Лазар знае што е тоа пензионер! Детенцето завршило универзитет кај Богољуб Кариќ, па заминалo на американскиот Јеил. Се разбира, сепак младиот министер после оставката нема да ја напушти положбата. Ќе остане во екипата на Вучиќ како специјален советник, додека финансиите ќе ги преземе далеку поискусен играч, експертот од Светска банка Душан Вујовиќ, до скоро министер за правда…

А напишав ли тоа дека и Душан е есперт? Се разбира, дека тој беше тоа цело време. А во една од тие експертски епохи, се обиде економијата на Украина да ја доведе во ред. Ама ги оправи, секоја чест!

Сега и самиот тој го покажува целиот тој алтруизам на чиновниците од меѓународните финансиски институции и инвестициски банки кои добиваат прекоманди ширум светот, како би со платите од милион и многу повеќе долари годишно, заминувале во колонии, за 900 евра месечно.

Цар Душан сега би ги намалил пензиите и платите во јавниот сектор дури до 10 проценти. Вучиќ, ако се случи тоа, од кого сега да позајмувам пари пред крај на месецот како секој успешен српски маж и колумнист, кога пензијата на мојата мајка изнесува триесетина илјади, а јас се распаѓам со тезгарењето по земјава и регионов забележувајќи го помеѓу другото, учинокот на експертските мозоци, од Хрватска. па се до југ, до Македонија?

Зад тие типови во одела, јапиевските специјалци од Вол Стрит, останува пустелија, а потоа тивко исчезнување… Исчезнуваат и земјите кои што ги реформирале и тие исчезнуваат. Потоа,  кога работите ќе стивнат, се дознава како ненадејно оживеале на високи позиции во финансиски институциски сили. Дали ви е ова познато, браќа од тажниот Југ?

Создадени како демократски „Тома Палчиќ“, пратени се меѓу Србите за да им докажат како во транзициските бајки на крај сите, освен ретки исклучоци, треба да живеат сиромашни и среќни до крајот на животот.

Откога ненадејно се спуштија од небото меѓу Србите, изгледаа млади, исончани, избричени како хиперактивни консултанти вклучени на млазен погон кои што, при тоа, се наголтале со криптонит, па надлетуваат преку светата српска земја и ги едуцираат граѓаните како со насмевка и без примена анестезија да рипнат без падобран од 10.000 метри од социјализам и треснат во каубојско-селскиот капитализам. И Србите рипаа, еден по друг, смеејќи се, во амбис.

И така, од дното, Србите сега ја гледаат околината. Сепак наидуваат и на нешто убаво и позитивно. На пример Новак Ѓоковиќ се ожени. Ама, не во Србија. Го одбра Свети Стефан, островче на синото море во Црна Гора, на кое што престојува џет-сетот, покрај екипата која го посетува Мило Ѓукановиќ.

Црногорската полиција ја обезбедуваше свадбата и од море и од копно од силните светски папараци кои што ги заземаа сите ридови околу островот и сите слободни глисери како би можеле да фатат по некој кадар од Ноле со неговара сакана Јелена Ристиќ.

Беше како во Турско време. Чесните Црногорци против лошите папараци. Нацијата сега го очекува нолевото бебе, затоа што Јелена е бремена. Србија чека нов крал. Или идна кралица?

И сите Срби ќе играат тенис. Со фудбалот е готово. Замислете, некогаш големиот Партизан игра квалификации за Лига на шампионите со некои рибари од Фарските Острови. Победува со 3-0, но се плаши за реваншот. Се тресат партизановците, им се тресат гаќите, тренираат на вештачка трева за да нешто не ги изненади на Фарските Острови. Господе мој, што да ги изненади со клубoт во кој аматерски фудбал играат келнери и рибари? 

А и климата нѝ стана иста. Дождлива есен, наместо лето. И по некоја бура. Ниту трач рубриките не се како што беа некогаш. Цеца пеела во некоја голема дискотека во Црна Гора, но имало технички пречки, јавуваат таблоидите. Всушност микрофонот не одговарал на нејзините усни! И бил голем тој микрофон, па не можела да пее. Не можам да поврзам каква врска има големината на микрофонот со устата на Цеца. Најверојатно сум глупав. Што всушност не е невозможно. Бидејќи да имав мозок немаше да бидам новинар. Ќе бев да речеме, експерт. Потоа би влегол во голема партија и би се кандидирал на изборите. Би ги намалил пензиите, би ги смалил платите, би ја уапсил опозицијата, би ја укинал слободата на медиумите. Така прават фраерите. Познавате ли вие некој таков? 

Ова го пишувам додека сонцето ме мава во глаава. Но, за среќа надоаѓаат облаци. Затоа заборавете го претходниот пасос. За тоа е виновна жештината.

Се враќам на Цеца. Повторно трач – дека некој ѝ ги тепал децата. Но таа тврди дека не е точно. Кој е луд да ги допре аркановиот син и ќерка?

Се разбуди и Јелена Карлеуша. Војува против некоја Дара Бубамара. Каква убава, летна размена на стихови помеѓу дветe фолк-диви:„скоте, курветино, мрцино, говедо, краветино, кратконога, смрдлива душо…“

И на Ана Николиќ, „певаљка“ која не пие виски само додека спие,  некоја манекенка ѝ го смувала дечкото. Тој тип е ракометар „Б“ категорија чиј татко се збогати за време на воjната во Босна, па збриша во Србија. Татиниот син го окупираат спонзоруши, а тој никако да се ожени. Сака некоја домаќинка. Но таквите не можат да дојдат на ред од оние кои си го знаат занаетот.

Навистина ми е жал за таа Ана. Некогаш сјајно пееше џез и забавно. Тогаш сфати дека од тоа нема леб, па премина на народно и старци.

И повторно нема среќа со фраерите.

Дечко и бил Мишо Банана, но се воспостави дека тој чичко е осомничен како лидер на нарко-кланот на Дарко Шариќ. Сирота Ана од тага купила стан нешто поскап од 300.000 евра.

 Затоа сестри работнички и браќа работници, наместо да кукате, цмилите, цмиздрите и чекате милостина, земете микрофон и доближете го до усните. Нема врска која големина е микрофонот. Ќе падне прво некој денар, па уште еден. Кога ќе ја научите работата, ќе добиете евро, па уште едно евро…

Брзо ќе се рашират муабети за вас. Не обрнувајте внимание на нив. Мислете само на микрофонот.

Се надевам дека ќе ја разберете оваа мала игра на зборови! Мислев да научите да пеете!

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука.

Објавено: 23.07.2014