Мистеријата на ливницата Јеремиќ: Како новото Скопје е излиено во Белград

Српскиот фармацевтски гигант „Галеника“, која за три години загуби 100 милиони евра, за време на најголемата деловна агонија, од приватната ливница „Јеремиќ“ нарачуваше 11 скулптури, за неверојатни два милиони евра, па, така, меѓу уапсениот менаџмент на „Галеника“ се најде и сосопственикот на ливницата, Миодраг Јеремиќ. И, ако таа ливница ја реставрираше македонската престолнина, можно ли е да ги редизајнираше и паричниците на даночните обврзници на Македонија, преку проектот Скопје 2014

Србија на здрави луѓе!

Тоа е слоган пред влезот во најголемата српска фабрика за лекови „Галеника“, чие раководство е уапсено неодамна, како пример за кражба на државни пари во износ од 12 милиони евра. Здрави како дрен, цели 12 милиончиња евра завршија во приватни џепови. И, попатно, онака, ноншалантно, транзиционо менаџерски и патриотски, за три години е направена загуба од околу 100 милиони евра.

Навистина е потребен револуционерен лек, шарена пилула за невидливост, за да исчезнат толкави пари од легендарната фабрика сместена во Земун, а големата, олкавка Србија, да се прави слепа, при очи. Бившиот директор бил толку опуштен, толку сигурен во лекот за невидливост што делувал со години, што орочил бедни 770.000 евра во експозитурата на една овдешна банка, наместо барем малку да се потрудел, па да засолнел некоја паричка во Цирих или во Лугано, на тајна сметка, во дебел сеф и со авионски билет во еден правец…

Е, а сега, браќа Македонци, мислете му ја, зашто, како што се чини, трагите од „Галеника“ водат накај југот, кон Скопје, директно кон вашите џепови. Ама, Балкан е ова, не плашете се: никакво отровче не ви е заматено, освен она апченце за невидливост, кое Србите и останатите етнички заедници го голтаа секое утро.

Инаку,  каква транзициона пљачка од прв ранг би била оваа, каква фантазмагорична ујдурма, за каква првокласна каубојштина и брилијантна бурлеска би се работело, ако во целата каша-попара со лековите и државниот фармацевтски гигант не се вплетени и – уметнички скулптури!

Не, драги мои, ниту мене некој ми го мати умот, ниту пак јас полудувам, туку, даночните обврзници, со оглед на тоа дека во текот на 2009 и 2010 година, во време кога „Галеника“ веќе западна во долгови, кога сериозно се разболе, значи, токму тогаш, таа фабрика порачала цели 11 скулптури, со уметничка вредност на еден камен, ама, необработен, што се платени по енормна цена од два милиони евра!

Во земја во која млади свештеници му местат кршни момчиња на владиката Качавенда, кој потем е сниман со нив во вонепархиски, креветски активности, во земја во која владеат морбидни реалити програми, каде што старлети и пејачки креваат секири една на друга, во славната земја, каде што најдобриот пријател на славниот кошаркар, Предраг Даниловиќ, првин му ја скрши главата со пепелник, а потоа го прободе со нож, колку да му ја вбризга својата братска љубов што подлабоко во внатрешните органи – во земја во која на 25 мај, на Титовиот роденден, на јуначката Топола се подготвува погребот на последниот југословенски крал, Петар Втори Караѓорѓевиќ – секако дека недостига доза апстрактна уметност, за наративната градба на оваа крими – трилер – пародиска приказна да биде совршена.

Во земја во која аптеките немаат инсулин, та несреќниот народ се мајтапи како треба да биде зголемено дозволеното количество на шеќер во крвта, за да стане излишно инсулинот воопшто да се произведува, а камо ли да се извезува, во земја во која се размножува некаква бактерија, што вирее само по болниците и убива по некој од кутрите болни – бившиот директор на „Галеника“, Огњеновиќ, потпишал договор за набавка на скулптурите „Хипократ“ и „Хигија“, двете високи по три метри. После тоа ја нарачал статуата „Мислител“, па уметничките дела со меланхолични имиња: „Девојка со венец“, „Римјанка“, „Белиот анѓел“, „Свети Сава“, „Балерина“, „Девојка со лира“, „Весталка“ и „Мајка со дете“. Поради овие нарачки, сега, на државен трошок, зад решетки, спие и се храни сосопственикот на уметничката ливница „Јеремиќ“, господинот Миодраг Јеремиќ. И Мирко Радосављевиќ, обвинител за организиран криминал, (кој, патем, не прилега на уметнички критичар), после апсењето морал да забележи дека една скулптура, иако е платена 650.000 евра,  никогаш не ја напуштила ливницата „Јеремиќ“ – зашто, внимавајте сега на ова – немала никаква уметничка вредност! Што му требале „Девојката со лира“ и „Балерината“ на загубарскиот гигант? Поискрено би се чинело да побарале, на пример, да се излие ајдукот Чаруга, со сета своја банда на мустаклести разбојници, кои пљачкале меѓу двете светски војни, за потоа да ги поапсат и да ги осудат на бесење…

Поразумно би било да се лијат пљачкаши со машинки и со црни чорапи врз главите. Би се разбрало, некако, дека тој вид на уметнички ангажман во транзиционата лудница има логично оправдување, дека поттикнува на размислување, дека ги разгорува емоциите и внатрешните немири, при што може да биде произведена нова уметност. Како на пример, производство на лек, кој на сите граѓани ќе им всади мозок и емоции како на менаџментот на „Галеника“ и сопственикот на ливницата, што би било општествено корисно, а не само лековито. Таква револуционерна таблета би ја искоренила бедата, а менаџерите, кои сега лежат од онаа страна на излиените решетки, би биле херои на хемијата и патриотизмот.

Туку, ајде да видиме како најголемата, српска фабрика за лекови ги плаќала скулптурите на приватната ливница, небаре во неа хонорарно работеле најголемите уметници на светот, со одненадеж разбудениот Леонардо, кој, конечно, на оној свет, ја конструирал својата временска машина, седнал во неа, ги активирал суперсоничните мотори, го пробил волшебниот ѕид меѓу светот на живите и на мртвите, пробил и неколку временски  димензии, ги собрал, патем, Ван Гог, Пикасо и Тицијан, ги сместил на задното седиште и слетал во старата, српска ливница, создадена одамна, воочи  Првата светска војна, кога нејзиниот родоначалник, дедо Власта, смислил да се занимава со уметничко лиење, та заминал на печалба во Виена, кај прочуениот мајстор, хер Милер.

Миодраг Миќа Јеремиќ, внук на дедо Власта од сестра, го презел бизнисот и во 1927 година отворил своја ливница, која со квалитетното работење и со умерените цени, токму така пишува на сајтот за историјатот на оваа компанија, го достигнала својот врв во 1935 година, затоа што победила на конкурсот за изведба на композицијата „Си играле коњи врани“ на вајарот Тома Росандиќ, која се смета за  еден од најголемите уметнички потфати, та и денес го украсува влезот пред Домот на народното собрание во Белград. Од истата печка се излиени и Мештровиќевиот „Победник“, па „Човекот со лавот“ на Симеон Роксандиќ и уште неколку монументални споменици од националната историја на Србија и на бившото Кралство Југославија.

За време на Втората светска војна ливницата не работела, а по влегувањето на партизаните и на Црвената Армија во Белград, повторно биле запалени високите печки, ама, тогаш се лиеле нови јунаци, хероите на револуцијата, така што нема местенце во бившата Југославија чија биста на народен херој не се изродила од ливницата, која што синовите на Јеремиќ ја осовремениле во 1987 година и продолжиле со династичкото, уметничко лиење, а нивните статуи патувале од Ватикан и Осака, до Нирнберг, Загреб, Скопје и Охрид.

Што ја натерало ваквата ливничка империја да се впушти во бизниси со „Галеника“, да ги ангажира Леонардо и останатите светски мајстори и, конечно, нејзиниот газда да заглави на робија?

Колку што гледам и, особено, колку што слушам, (затоа што водечките медиуми во Србија немаат повеќе дописник од Скопје, сите се отпуштени, поради, таканареченото, кастрење на трошоците, па граѓаните и граѓанките на Србија повеќе немаат поим што се случува ширум бившата, голема и заедничка татковина), ливницата на Јеремиќ го променила изгледот на Скопје. Го промени ли и изгледот на вашите паричници?

На меѓународен тендер, како дел од проектот Скопје 2014, во конкуренција со Италијанците и Хрватите, белградската ливница ги излила и Филип Македонски и Јане Сандански, па Питу Гули, Кирил и Методиј и, ајде, да не набројувам, има околу триесетина сериозни херои, револуционери, поети, по неколку фонтани и паркови, што го преплавија Скопје и создадоа, практично, нов град, а бидејќи долго не сум доаѓал, веројатно ќе се изгубам помеѓу сите тие силни фалангисти, комити, партизани…

Додуша, не ми е јасна уште една работа: каков е тој македонски политичар и патриот, кој, кога веќе троши државни пари, не нареди да се излијат во бронза Дарко Панчев, Илија Најдоски, па Милко и Бошко Ѓуровски и, на крај, Васил Рингов и Аце Русевски. Ама, тоа ќе да е мој проблем, зашто, одовде, од Белград, можеби не гледам и не ги препознавам новите трендови…

Се поставува далеку поважно прашање од мојот уметнички сензибилитет: колку ја платија Македонците реставрацијата на својата престолнина? И, да бидам директен – се сомневате ли, по вестите од Белград, дека и Македонија е земја на здрави луѓе? >> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 30.05.2013