Напуштајќи го лице местото

Во Македонија се случи културен земјотрес и како гледам никому не му затитра душичката за тоа. Раководството на Музејот за современа уметност конечно реши да извади репрезентативен дел од делата кои ги чува (они знаат во какви услои се чуваат делата во подрумчињата) во своите депоа и одеднаш добивме на виделина таков квалитет на постојана поставка за кој околните држави од Турција до Австрија можат само да сонуваат. Мислите некој се „насекира“ што доминираме во оваа сфера? Се разбира дека не. Па раководството и цел кутурен естаблишмент толку срамежливо го одбележаа овој грандиозен настан шо човек ќе се запраша: а од што тоа ни е срам? Дека сме најдобри во регионот? Дека имаме културно богатство од непроценлива вредност?

Постојат суштински причини за нашата инфериорност во презентација на вистинските вредности. Прво, поставката е во Музејот на современата уметност, а нас зборот современо не нѐ интересира многу. Значи нѐ интересира од класицизам наназад. Што повеќе назадуваме при истакнувањето на нашите предности, толку по ни е интересно во маркетиншка смисла. До ренесансата и точка, ренесанса никако оти многу е либерална и некако маркетиншки не е исплатлива. Што во превод значи дека туристите кои во огромен број доаѓаат од Јужна Кореја не би имале кај да сликаат „селфи“ како шо тоа би го правеле покрај античките статуи, барокните згради и галиите со дизајн од граѓанската војна во Америка. Се сеќавате, кога Командант Марк со исукан меч ги избегнува куршумите на Црвените мундири. Па веројатно се качува на француска вртелешка залепена со најлони. Пред да отиде во Гирадико на лапање.

Сега, по таа логика може да ги разбереме и другите феномени во општеството. На пример утринската програма на една телевизија. Веројатно законот им налага на телевизиите за да ја зачуваат дозволата тие мора да продуцираат определена програма. Ама не им дава дефиниција за современа продукција. Што наједноставно сфатено значи една камера, цурка шо за двеста евра стој на глава ќе праи и ако треба ќе се смее ако треба ќе плаче и некаква музика ќе иде у фон. Па оваа телевизија се досетила и за својата утринска (демек) програма го ангажирала Раде Ман. Актер кој најголемиот дострел го доживува кога во интересна смисла е обработен во песната на Суперхикс. И решил од тоа да си направи маркетинг. Исто како и маркетингот со барокот, ние ќе ги дупиме, а они ќе сликаат „селфи“ на нашата лажна уметност. Па така Раде, наместен со ненаштимана гитара и ливче пред него во три акорди го „ремпа“ целото македонско фолклорно творештво од запалените одајчина до три музики шо ги свират сватови. Но, тоа не е се. За будалаштината да биде појака, тука е цурката шо некој ја убедил дека е водителка па она рефрените ги мрмори цело сабајле, видно задоволна од перформансот на Радета. А, врв на финтата е шо оваа телевизија утринската програма је „тера“ као целодневна програма. Така, во единаесет саат навечер, Раде наместен со едното око во хартивчето со песните на евтиното масиче, гледачот вика „добро утро, имате ли нешто за сабајле за бешика ме боли…“, па Раде ќе ја затера болна легнала Ленка Пиргова, па гледачката ќе ја пофали утринската програма  и феноменалната идеја што навистина ја нема на друго место (пази мајката) и ќе нарача нешто за долготраен опоравак, па Раде ќе ја завергла Три години болен лежам амаан амааан амаааан… Циркус. Па дупачката да биде уште поголема (ооо како уште не се сетил Советот за радиодифузија дека ги онакваат со траен налог) оваа комедија иде како реприза цел ден.

Море си викам, да не е тренд сега да си недоквакан? Како иначе да разбереш дека една плавуша која е портпарол на некоја полициска станица упорно не убедува дека постои поим „лице местото“. Пазете ова, откако НН го напуштил лице местото и се вдал во бегство, „лице местото“ било обезбедено од силите на полицијата. Малтене ќе нѐ убеди дека наместо да се чекаме пред „Тренд“ на пример, можеме да се чекаме пред „Лице местото“. Не е криво девојчето, криви се тие што ја вработиле и што ја пуштаат на телевизија не сакајќи да се спрда со нас и со целата правна професија со приказните за лице местото. Шо не ги измисли она, него упорно пред неа истото го повторуваше друг портпарол на друга полициска станица кој после стана градоначалник на една општина. Пази, некако ако течно ти оди мислата и не таласаш многу, ќе те биде и за унапредување. Па девојчето си вика вака: колегата повтара лице местото лице местото, не само шо не го избркаа од работа, него стана градоначалник, па дај и јас да ја заверглам исто. Па не мора градоначалничка, раководителка на лице местото е доста, кај и да е сместено мајку му.

Сега, главната поента. Во судството, адвокатурата, нотаријатот, обвинителството, зарем е поинаква ситуацијата? Зар не ни пее Раде Рогожаров во секоја пресуда, само граматички да ги видите пресудите ќе ве фати срам, не мора да се навлегува во суштина. Квалитетот на обвинението, одбраната и пресудите никогаш не биле на пониско ниво. Ви се случило ли да добиете кривична пресуда од Врховен суд во ултра комплициран предмет која е напишана на нецели три страни? Колку такви пресуди сте добиле? Колку пати ви се случило колегата обвинител или правобранител апсолутно да не знае ниту еден факт во предметот, или колегата адвокат да го видел предметот петнаесет минути пред расправа па да пелтечи како во прво одделение. И сега што, ќе тераме вака? Ќе глумиме правда и правосудство додека петпари колеги ни верглаат за лице местото и глумат правосудни работници во новобарокното време, накитени со титули, унапредувања и сликање за ТВ. Па што знам, одбраната на правата на клиентите веројатно е малку посериозна работа од гранде зафрканцијаа што се случува во областа.

Вртелешка. Јас последен пат гледав ваков филм пред бајаги години и упорно го гледам кога и да го начекам. Се вика „Форест Гамп“. Погледајте го пријателчиња, сѐ ќе ви стане јасно. Се надевам само дека нема филмот да го гледате додека го напуштате лице местото на вашето живеење. Во еден правец, се разбира. 

Објавено: 19.03.2014