Нови херои

Тарчуловски има историска шанса својата симболика и авторитет на херој да ја искористи кон рицарски повик за национално и етничко помирување, за згаснување на наметнатиот конфликт и за повикување на единство кон мир. Да каже зборови со кои ќе ги заузда споулавените повици за нова крв и војна, зборови едноставни, а моќни како: ГОТОВО Е, ВОЈНАТА Е ЗАВРШЕНА – употребете ги сите свои сили и енергија од името на сите кои загинаа во една бесмислена војна кон иднината на земјата и вашите и нивните деца.

 

Само такви зборови се одлика на големи воини и херои. И таков пацифистички инает најдобро и пркоси на балканската агенда за разнебитување на Македонија. И таков пацифистички инает им треба на популистичките „команданти“ со увезени униформи сликани со калашњикови дури и по профили што перманентно бараат некоја провокација да се трескаат во гради за алегоричното обединување.

Токму заради нивното однесување Тарчуловски добива масовен народен пиетет и почит и прераснува во фолклорен мит и легенда како  своевиден Кузман Капидан – заштитник од дивите орди жедни за крв. И по таа инерција, воопшто не е спорно прашањето за феноменот на херојството, но сепак најпрво тој е херој за неговите деца, што ќе бидат и растат со него. А, нив им треба мир. Тоа денес е најголемо херојство, имено. Друго е прашањето што тој одлежа за СИТЕ, како сам да беше дел од таа валкана и грда игра на геополитиката и што претставуваше персонификација на вина принесен кон олтарот на „правдата“ како бестијален симболизам. Правната интактност кон другиот „фактор“ во воениот конфликт говори за пресметаната хашка политичка „амнестија“ врз други поединци. Таквата состојба на нормативен дупол аршин создаде колективна национална огорченост бидејќи етнизацијата на хашкиот процес симболично ја обзнани парадигмата – и се суди на Македонија и само на Македонците. Тоа дополнително Тарчуловски го прави новохерој по сила на апсурдите – сам во хашкиот политички симулакрум како суд на историјата и дневната политика, чунки „другата страна“ блика од безгрешност и невиност ко утринска капка роса на масакрирано тело.

Хашкиот галијматис на правното рацио и идејата за правда е засенето со немилосрдната политизација на процедуралната и правната логика. Неговата ад хок функција е само лицемерен политички спектар на сите воени акции аминувани со прстот на истите кои можеа да спречат воени конфликти. Истите што говореа за мир, а патот на оружјето потекнуваше од нивните милитарни стратегии. Практично, хашката индивидуализација на вина само е параван на нивната политика на Балканот. Ако нешто досега може да се научи од хашката конструкција на парадоксите и „филозофијата на правото и правилата на војување“ е дека сите војни на Балканот се туѓи, за туѓи интереси, сите се нечии марионети на глобалната политика и сили, само жртвата и смртта се наши и автентични, а историјата- циклична…


Објавено: 11.04.2013