Операција Мишковиќ: Среда во Србија после која ништо повеќе нема да биде исто

Одамна најбогатиот Србин се најде на раскрсница. Можеше да седне во авион и да одлета кон некоја далечна дестинација, каде повеќе никој не ќе можеше да го види и да пие коктели од кои ѕиркаат чадорчиња, со што ќе ја оствареше својата девиза: дека, всушност, никогаш и не постоел. Ниту тој, ниту ѓаволот, ниту маржата. Имаше и поинаков избор. Конечно да сфати дека да се биде газда на цела Србија и не е некоја особена привилегија. Таа коба, да се владее и да се поседува апсолутно или никако поинаку, заслепила и многу поголеми фраери од него. Мишко, меѓутоа, не стекна чувство за мерка и покрај толку ваги кои ги поседува

Ништо повеќе не ќе биде исто во Србија после оваа снежна, романтична среда. Готово е и со тоа – господарот на Србија, нејзиниот најбогат син, Мирослав Мишковиќ, е уапсен, заедно со својот син Марко и со екипата соработници. Осомничени се, затоа што, злоупотребувајќи ја службената положба, извлекувале финансиски средства и имот од приватизираните патни претпријатија, со што незаконски присвоиле имотна корист од преку 30 милиони евра. Ајде, да ги оставиме настрана тие ситници, за кои, обвинителството, очевидно, прибавило докази, затоа што премиерот, Ивица Дачиќ и неговиот прв заменик, Александар Вучиќ, се и премногу препредени момци за да се впуштат во ваква сложена и опасна операција од прв степен. Она што никој пред нив двајца не смеел ни да го помисли, дури ни на  сон – значи, додека нема сведоци – е сторено. Човекот, кој до пред некоја година беше меѓу 100 најбогати луѓе на светот, сега е во затворска ќелија, како и неговиот јуниор, детето и синот божји, кого, неодамна, на белградскиот аеродром, белградската полиција го спречи да одлета за Лондон, со приватен млазен авион.

Последните неколку денови, Александар Вучиќ, господарот на српските шпиони, секретар на Советот за безбедност и министер за одбрана, клучниот човек на „операцијата Мишковиќ“ ги помина во САД, каде што се сретна со водечкиот безбедносен естаблишмент на Америка. Дали таму е спомнувано името на Мирослав Мишковиќ и дали Вучиќ добил зелена карта од Америте да се впушти во акцијата на својот живот, што упатува на меѓународните размери на префрлањето на газдата на Србија, од тајкунскиот суперсвет во мемливата ќелија на злогласниот Централен затвор во Белград? Но, како, меѓутоа, се започна? Пред обидот да ви одговорам, ви посакувам добредојде во „Србија Сити“, Мишковиќевиот шопинг мол во проколнатата зона на западниот Балкан, црната, зачадена дупка, која изгледа како да е мртва и како да ќе се проголта себе си за вечера. Само што ќе помислите дека исчезнала во некоја од галаксиите на Стенли Кјубрик и дека ќе бидете поканети на нејзиниот парастос, да чукате со коските по земјата во нејзина чест, кога, таа, ненадејно, почнува да пулсира, луда и возбудлива, како кога среде рејв журка костурите ги прашуваат запалените спонзоруши за танц.

Се однесуваше како слон заглавен во телефонска говорница

Тој проколнат шопинг мол, како голема метафора на нашата пропаст, со најголем асортиман на неволји по квадратен метар од светата земја на хипермаркетот, се надрасна себе си, претворајќи се во џиновска империја, која не можеше повеќе да ја контролира ни трговскиот патријарх со темни очила. Погодете, ајде, ама, без да ви шепкаат, на кого мислам: на Србија или на „Делта“? Мирослав Мишковиќ е последниот голем играч, осуден да игра гол во директниот, 24-часовен пренос, без да се зачлени во клубот на Големиот брат.

Иако мислеше дека, како порано, е невидлив и за рентгенот и за Америте и за Александар Вучиќ и дека сеуште е способен да го изведува стариот, ѓаволски трик: да ги уверува Србите дека ѓаволот не постои, најбогатиот Србин, во нејзините меѓународно признати граници, се однесуваше како слон заглавен во телефонска говорница.

Зошто, Давид Коперфилд на валканата транзиција, со ѓаволски ноу-хау, кој подразбираше секаде да те има, да си газда на стоки и услуги, на партии и на бирачкото тело, а никој да не те гледа, стана „мишко – бу мишко – ба“ на српската политика, небаре претворен во зол волшебник, со кого Дачиќ, Вучиќ и секој кој, одненадеж, ќе се почувствуваше  како маж, ги плашеше малите деца, исто како лошите играчки што Мишко ги увезуваше од Кина.

Човек кој раснел со него, ме уверува дека свеста за тоа дека си најголем кога никој не те гледа, било неговото најголемо мајсторство, што го следело низ целиот живот и, од директор на Хемиската индустрија Жупа, го лансирало до престолот на Србија. Бил дух, кој ги држел Србите заробени во шишиња и се појавувал на полиците, покрај јогуртот, павлаката и мајонезот, додека тие, цело време, си мислеле дека се движат слободно низ неговите продавници со светнат под, до небо среќни ако не се лизнат и, така, хепи не пристигнат пред касите, како пред божјиот суд, на месечните, макси намаленија во Делта сити.

Не би било чесно да се рече дека Мишко бил дете на комунизмот

Мишковиќ не бил никогаш класичен, социјалистички директор, со мевиште, со кошула што виси преку панталоните, со разврзана вратоврска и со чепкалка во устата. Иако постојат сведоштва дека знаел да обуе и шими чевли на бели чорапи, па во кариран костум, онака, скоцкан, да излезе на мегдан со германските партнери, кои ги доведувал да купуваат пестициди во Крушевац, неговите пријатели, кои ги заборавил и, главно, ги предал, признаваат дека се обидувал да ги имитира западните менаџери. Делел ситни подароци, а тесните чевли не ги собувал скришно под маса, додека преговарал за бизниси вредни  милиони долари. Бил еден од првите језуити на самоуправниот менаџмент, слабникав, сериозен и папски грижлив кон своите потчинети. Потсетувал на академик, залутан на првата линија на фронтот, каде што се војува со бојни отрови, но, доволно свесен, со години, да издржи без  гас -маска. Немал моќен, семеен бекграунд, туку сам се пробивал низ живата кал на комитетските интриги.

Затоа, не би било чесно да се рече дека Мишко бил дете на комунизмот. Поскоро, бил сираче на црвените, унапредено во маршал. Ги поврзувал конците на моќта од комитетот и ги спроведувал во фабриката на отровот и многу бргу ги пробил локалните рамки, станувајќи кандидат за крушевачки Берлускони. После седум години раководење, во 1989 година ја добил престижната награда АВНОЈ, како најуспешен стопанственик на СФРЈ, во истата година кога таа Титова лента, скроена во Јајце, со шест грбови, факели и лавори, на јуначките гради ја ставаат и такви големини, како што се Емир Кустурица и  писателот Милорад Павиќ. Кустуричиниот филм „Се сеќаваш ли, Доли Бел“, Павиќевиот бестселер „Хазарски речник“ и Мишковиот менаџмент со хемикалиите – беше тоа добра берба или запаллива смеса, како што ви е помило, спроти распаѓањето на Југославија. Некаде во тоа време, јас добив лента на денгубник со багремови лисја, заслужно одликување за студентите на Економскиот факултет, кои теоретизираа за монополите и картелите на вдахновените предавања на Стипе Ловрет. Тоа беше време на вистинска благосостојба пред смртта на Југославија, кое може да се спореди само со див секс со орда од русокоси, по што ќе ве принудат, со литар вињак врз главата, да шетате по мински полиња, на патот за Трст, преку Книн.

Кадровикот на Социјалистичкиот сојуз на Србија, Радмила Анѓелковиќ, позната по стискањето со Јоже Смоле на караваните на пријателството со Јанезите, потоа наречена Рада Ламбада, го повикува Мишко на танго во Белград. Тој станува потпретседател на владата на Србија, заедно со Душко Долгоушко Михајловиќ, подоцна министер на полицијата во владата на Зоран Ѓинѓиќ и, кога по толку години, ќе ја превртувате документацијата и ќе прочитате дека на Мишко и на Дуле Радојловиќ шеф им бил безличниот, но, слободен, Станко Радмиловиќ, ќе сфатите зошто двата колоси на сивата зона на моќта – Дуле Михајловиќ, Ваљевчанин, мудар како советот на старците на Апачите и другиот, тивкиот и внимателен Чарапан, кој е творец на манифестот на српскиот бизнис – дека најмногу вревиш кога молчиш и дека најмногу вредиш кога не постоиш се задржуваат прилично кратко во тоа весело друштвенце на Слобините министри од времето на Јура, свесни дека преминот од нарушениот, социјалистичко–дарвинистички експеримент во бруталниот и крвав капитализам, нуди многу шанси за мозоци, какви што се нивните.

Додека Дуле паралелно ги развива активностите со политиката, бизнисот и безбедноста, Мишко веднаш сфаќа дека е посигурно да отиде на отворена операција на срцето без анестезија, отколку во медиумите. Даде еден безличен интервју во НИН, полн со бесмислени, апологетски фрази за економскиот патриотизам. Имаше и едно телевизиско интервју, дуел со потпретседателот на СИС, Живко Прегл, а, потоа, тивко се искраде во белградскиот хотел „Славија“, каде што изнајми соба и во романтична верзија, што со задоволство ја пласираше, започна од нула.

Хм, од нула? Многумина се заколнуваа дека го гледале како ги пласира првите работи сам, без секретарка, покрај шанк. Фамата за компанијата „Делта М“ започнала да се шири  во сенка, без медиумите, како дух, а чаршијата, во деведесеттите години, особено анализирала чии иницијали, освен неговите, покривала магиската буква „М“. Главната теорија на заговорот била дека „Делта“, всушност, е параван за работите на Милошевиќ, па, верниот Мишко, во чест на Мира, Марија и Марко, Слобините сопруга, ќерка и син, ја придодал и почетната буква на своето скромно име. Но, ако го отфрлиме таквиот заплет, доаѓаме до врската што се чини многу пологична: со него, во дил, се впушта Јоца Милеусниќ, долгогодишен социјалистички директор на гигантот за надворешна трговија, „Југохемија“, кој, во свое име, во Делта ја поставува својата ќерка, Милка Форцан, со што го цементира своето сосопствеништво. Милеусниќ, кој, исто така, е еден од асовите на бизнисот и тајните текови на парите, информациите и луѓето, во она време, кога се калел челикот, бил за неколку светлосни години поголем од Мишко.

Надарениот Крушевјанин веднаш ги презел контактите со општествениот сектор и почнал со едноставна операција: откуп на извозната стока по пат на ефтини кредити од државните банки и од централната банка. Работите се ширеле и тој основал сопствена банка, по капитален цензус од два – три милиони евра. Отворил филијала во Москва и рингишпилот почнал да се врти.

„Делта“ холдинг, всушност, е транзициона реплика на „Генекс“

Во тоа време, секој кој себе си се нарекувал стопанственик, бил опсенет со „Генекс“, еден од најмоќните деловни и разузнавачки холдинзи на Европа, најголемиот, златен ковчег на српскиот комунизам, чие богатство и покрај бројните разбојници кои го разграбувале, трае и денес. Мишко знаел, дека токму тој, еден ден, можел да постане „Генекс“. И, навистина, постана. „Делта“ холдинг, всушност, е транзициона реплика на „Генекс“, дизајнирана од еден мудрец од Крушевац, кој на своите нејаки, шварценегерски плеќи, ги презел сите работи на брзиот бизнис: осигурителни претпријатија, трговија со спортска опрема, фабрики за детергенти и минерално ѓубриво, малопродажни синџири на трговија, а, потоа, станал ексклузивен застапник на БМВ, Фиат, Ланчија, Алфа Ромео, Нива, Фереро, Најк, Спидо, Аскад, Мекс… И, да не се лажеме, тој ја добил франшизата за застапник на животот и на смртта! Но, она по што се разликува од пеќкиот кнез, Богољуб Кариќ, е свеста за невидливоста. Боги ѕидал вили по Дедиње, натпреварувајќи се сам со себе и ширејќи ја сектата на српските домаќини. Мишко не постоел, а толку растел.

Невидливиот џин го дочека 5 октомври поподготвен од останатите, скенирајќи кој е првиот оперативец на револуцијата. Инстиктот да почувствува кој ја води играта, го чуваше Мишко од опаките стапици на комунизмот, така што бргу воочи кому треба да го испрати младиот Немања Колесар, еден од младите од неговата деловна ергела, младите Делтини преторијанци, кого го подготвуваше за најголемите игри.

На волшебен начин, Колесар станал шеф на кабинетот на Зоран Ѓинѓиќ, премиер, кој за жал на сите, го прескокнал она драгоцено воспитание и обука, низ кои поминале магионичарите како Мишко или Милеусниќ. Додека Зоран ја изучувал германската класична филозофија, другите докторирале на српската игра со вистината, езотерична наука која ги обединува историјата, мистиката и социологијата, четирите основни математички операции и краткиот курс на фул-контакт и тркалање во кал.

Кариќ стана симбол на лош, Слобин богаташ, кому империјата му се распадна, како хармоника со копчиња. Макси Мишко ги купува Пекабета, Сонце, Јахор, ПЗП Белград, Автокоманда, Подунавје, Базар и, ајде, не терајте ме да ги попишувам фирмите по азбучен ред. Во Војводина стана сопственик на илјади хектари земја, така што и најголемите автономаши ќе мораат да си го стават прстот на чело, кога ќе помислат на сецесија на Војводина од Србија: никогаш не ќе бидат сигурни од кого, всушност, би се отцепувале: од Србија или од Мишко.

Ова, другото, би им бил потешкиот пат.

Немал обезбедување, свесен дека го измислил еликсирот да биде видлив само за оние, кои го гледаат право во очи. Но, ја потценил мафијата. Водачот на земунскиот клан, Душан Спасојевиќ и компањоните умислиле дека можат да наплаќаат екстрапрофит на црно. Едно утро, 2001-та година, го грабнуваат Мишковиќ, неговиот возач го ставаат во гепек, а него во шахта. Драмата траела 16 часа. Откупот од седум милиони марки бил исплатен и, за среќа, господарот на Србија му се вратил на семејството. Тогаш сфатил дека еликсирот нема магично својство, со ортопедско – деловната мантра, што му ја упатил на чачанскиот политичар од супертешка категорија, Веља  Илиќ:

Во Делта не можат да стојат, зашто кој стои, паѓа!

Веља Илиќ мудро го советувал да потсопри, но, Мишко одамна ја имал ставено циглата на гасот, ширејќи се по регионот. Во ретките изјави за своите браќа богаташи, што внимателно ги пласирал, се издвојува оваа:

Би било добро  да  имаме во Србија некого, како Бил Гејтс, но, ние таков немаме. Такви сме какви што сме, но, подобри од нас немате!

Ги продал на Италијанците својата банка и осигурувањето преку Кипар, инвестирајќи ги парите во три бренда, најголемите продажни синџири во земјата: „Макси“, „Пекабета“ и „Темпо“. Така станал Макси Мишко на нашата младост и по втор пат дознал дека е видлив, кога „Сандеј тајмс“го пренесол извештајот од пазарот на лондонските недвижности. Му купил на синот Марко луксузна вила, меѓу Нотинг Хил и Холанд Сквер, таму кај што Хју Грант се натегал со Џулија Робертс, за 14,4 милиони фунти. Надевајќи се дека купувањето на вилата, од која се откажале Елтон Џон и Мик Џегер, ќе остане тајна, ја започнал оваа трансакција. Приказната стасала до српските медиуми, за кои, дотогаш, се шпекулирало дека, всушност, ги уредуваат во Делта. Вилата ја дизајнирал омилениот декоратер на руските тајкуни, додека таваните ги фарбале реставраторите на прочуениот Таџ Махал. „Сандеј Тајмс“ пишувал дека вилата е наменета за Мишковиот наследник Марко, предодреден да ја наследи најголемата српска империја.

Сигурен во себе, мислејќи дека епизодата со Лондон е само изолиран инцидент, Мишковиќ го заокружил својот трговски синџир, купувајќи го Це – маркетот, што со години го водел Слободан Радуловиќ. Се раскажува дека тогашниот премиер, Војислав Коштуница, лично посредувал при завршувањето на трансакциите околу приватизацијата на некогашниот Радуловиќев феуд, а ги примил Мишко и Беко пред заминувањето на самитот на премиери во Букурешт, каде што се ѕидала балканската зона на трговијата, популарната Цефтославија, за да ги поддржи, индиректно, нивните настојувања за ширење во регионот.

Одамна Мишко се најде на ракрсница

Мишко и пред Вучиќ, всушност, го начнале две жени, а, потоа, на ред дошла и третата. Верица Бараќ и Дијана Марковиќ – Бајаловиќ, шефици во Комисијата за заштита на конкуренција, го спомнуваат како монополист, а, потоа, го напушта и Милка Форцан, неговата најблиска соработничка. Потоа, работите в раце ги преземаат и одделни партии, чии лидери го имаат она нешто, скенирајќи дека на избори нападот на Мишковиќ, кој ја хранел Србија, можеби, со најскапи намирници во овој дел од светот, може да биде пресудна, капитална добивка.

Меѓутоа, Мишко, на претпоследните избори, 2008 година, ја пласирал тезата дека испраќал свои емисари во американската амбасада, за да посредуваат во размената на интереси и територии: на Мишко американска виза, а на Америте независно Косово. Света, српска земја, за света, американска виза. Западот, тогаш, им порачал на богатите српски момци: дека ќе ги пропушти низ варикина, дека ќе им ги обели биографиите, дека ќе ги поддржи нивните амбиции да бидат носители на проектот на српското приближување кон Западот, но, дека пред тоа, олигарсите, сепак, ќе мора да го научат демократскиот бонтон. Значи, убаво однесување и крај масата и под неа.

 И, така, Мишко се нашол таму, каде што никогаш не сакал да престојува: во центарот на вниманието. Моќната империја пукнала пред Србите и големиот одек сеуште трае. Добар со сите влади, а ги формирал барем трите последни, со тек на време, станал човек кому ниеден политичар не смеел да му се приближи, а да не го обвинат за корупција. Министрите веќе не смееле ни да ги лижат делтините сладоледи, а да не бидат сомнителни. Одамна Мишко, најбогатиот Србин, се најде на ракрсница. Можеше да седне во авион и да одлета кон некоја далечна дестинација, каде повеќе никој не ќе можеше да го види и да пие коктели од кои ѕиркаат чардочиња, со што повторно ќе ја оствареше својата девиза: дека, всушност, никогаш и не постоел. Ниту тој, ниту ѓаволот, ниту маржата. Имаше и поинаков избор. Конечно да сфати дека да се биде газда на цела Србија и не е некоја особена привилегија. Таа коба, да се владее и да се поседува апсолутно или никако поинаку, заслепила и многу поголеми фраери од него. Мишко, меѓутоа, не стекна чувство за мерка и покрај толку ваги кои ги поседува.

На крајот на баладата, како секој класичар, ќе се цитирам сам себе. Убаво, во еден текст, му го предлагав следново: доколку му е потребен совет, нему, толку огромен, а стварно, толку ситен, нека скокне до некоја своја продавница и нека ја праша првата касиерка, која осум часа стои на нозе, работејќи за него, за плата помала од двесте евра. Тоа што таа би му го кажала,требало и да го стори.

Дали е ова Мишковиот крај? Можен ли е спектакуларен пресврт? Вистинити ли се тврдењата на овдешните медиуми дека после приведувањето, Мирослав Мишковиќ рекол пред полицијата дека Александар Вучиќ не ќе ја дочека вечерната емисија „Сведок“ на државната телевизија? Вучиќ сега премина преку Рубикон и со одењето на Мишко во притвор, лидерот на Српската напредна партија, која ја презеде од Томислав Николиќ, ги има сите шанси да постане Цезар, ама српски.

14.11.2012 – После емисијата на РТС, блиндираниот џип на Вучиќ удри во бандера, додека на Мишковиќ му беше одреден притвор од 30 дена. Вучиќ не е повреден, додека Мишковиќ, како што пишуваат белградските медиуми се заканува дека со неговото сведочење ќе предизвика пад на владата. Ќе пропее, само нека му го пуштат синот. Сагата продолжува… 

Објавено: 13.12.2012