Патлиџани, свадби и задолжница за партерно уредување

Веднаш да се произнесам, фала богу што државата никогаш не би издала задолжница, туку се задолжува со закон. Сешто може да и текне на Дојче Банк, па за седумдесет и пет милиони да се појави кај некој од нотариве со барање за издавање задолжница. Скраја да е, ја поддржувам државата за вакви ситници никогаш да не го издава овој супер ултра гаден инструмент кој само што ќе го чуете ви влева некако малаксаност, немир и благо растројство.

Во положението на државката сум и јас. И мене да ме прашате дали би му потпишал задолжница некому, ќе ве пратам одма по ѓаволите. Постојат најмалку три причини за тоа: прво, не сум во очај ниту емотивно, ниту финансиски, а до Дојче банк немам достап. Второ, не пијам дрога (што би рекле во Шутка) и не се коцкам па да бегам по Кумановски села две години да ме нема. Трето, стварно не ми треба нотар за да направам исправа за долг. Ќе издадам меница, ќе се обврзам со договор со извршна клаузула, ќе фатам рака или ќе дадам збор.

Па добро, ако адвокат со просечна интелигенција не би издал задолжница, тогаш кој би издал, можете да се прашате ако немате друга работа во моментот, не си го плетете миљето или не ја гледате тревата во дворот како буи под благото дејство на ситниот есенски дожд.

Па, на пример би издал тој што мора да издаде. Еве, некоја цурка кандидатка за старлета се мажи и тато и пазарил музика. 500 евра, без фискална. Добар ден нотарке, еве дојдовме со Биоритам, ние ќе ги користиме нивните музикантски услуги, тие ќе ни наплатат 500 евра без ДДВ. Но, типците не ни веруваат дека ќе им платиме, може да им потпишеме една задолжница? Причекајте малку бидете така, да ми се упали системот, нешто Централниот регистар денес свадбите не ги прима. Сакате розева или плава задолжница?

Или на пример сиромаштијата што пазари во локалното гранапче на рабуш. Сузе–Пром. Може две задолжници за јуни и јули? Може, да се поврземе со Централниот регистар одма или ќе одиме на трајна?. Па не знам, дај и две за септември и октомври, ние секој месец сме во должничко-доверителски односи, знаете пазариме денес плаќаме кога ќе земеме плата. А кога не земате плата? Па тогаш потпишуваме анекс во тетратката! Добро, извод од матична книга, слика од патлиџаните и три заверени копии од тетратката. И се си оди во Централниот регистар на Република Македонија, лизга колку е уредено!

Или пример што ќе ве остави без здив, задолжница за провизии. Ве чекам да процесирате колку е генијално! Има ли појак инструмент да си ја обезбедите провизијата отколку задолжницата? Па колку јадни посредници останале без провизија, а чесно си ја завршиле работата, знаеме ли?

Дури си викам, зошто морало до збор да се препише законот од Хрватите, зошто не се додало нешто македонско мајката, наше, домашно. На пример зошто не се воведе издавање на облигаторна задолжница. Замислете македонска облигаторна задолжница за греење, струја, вода, телефон, влошки, леб, млеко. „Користете македонска облигаторна задолжница.“ „Почуствувајте свежина секој месец.“ „Освежете ја потрошувачката кошничка со една сензуална задолжничка. Со крилца пикнати во македонските иновативни гаќички произведени во нашата Лисца.“

Кога ќе помислам, па тој што не мора да издаде задолжница и нема да се согласи да ја издаде. На пример, работи некој како подизведувач за надизведувачите. Проект – партерно уредување на плоштад. Работен наслов на проектот: „милина“. Тие што ги порачале надизведувачите не платиле, а надизведувачите, консеквентно, не платиле на овие што партерно го уредувале плоштадот. Со целата флора и фауна и водата што паѓа по штитови од тенеќии. Сега ми е јасно кои типчиња се овие што седат карши фонтаната (боже фонтаната) на едни клупи и гледаат во еден огромен екран закачен на стоковната куќа. Јас мислев дека се некои ултра-забегани кои чекаат да почнат „Отпишаните“. Тоа да ти биле овие подизведувачите од партерно уредување. Кои гледаат реклами со цела фамилија чекајќи надизведувачите да им издадат задолжници. Па ако немаат пари на тој и тој ден на сметка, директориве ќе одат во затвор. Петре Прличко! Па секретарките на овие им рекле, да, да секако почекајте, погледајте малку реклами на плоштад и чекајте да почне филмот, во меѓувреме ќе ви издадеме задолжница. А филмот на плоштад никако да започне, само реклами за болници. Аџибадем и Медикал парк. Демек ем си болен ем уживаш. „Уживајте во вашата болест. Аџибадем“

Сепак, шегата настрана, Македонците никако да научат да прават закони од потреба. Или некој не тера или го копираме. Или, ако веќе препишуваме закони од Хрватска (каде неликвидноста јава како Вајат Ерп по преријата), зошто да не го препишеме Законот за финансиско работење (или финансиска дисциплина) каде е пропишано дека секој (па и милата им државичка) ќе мора да плаќа максимум за 60 дена од денот на доспевање на побарувањето? Затоа што, што би рекол еден Хрватски пејач, со фига во џебот е лесно да дадеш чесен збор!  Нотарски заверено и впишано во Централниот регистар. Море привилегија невидена.


Објавено: 21.09.2012