Последната југословенска тајна: Зошто Јованка Броз е осудена на 33 години самотија

Телеграми со поддршка, букети цвеќе и шарени бонбониери со кич-фотографии, секојдневно пристигаат во белградската болница, каде што најмистериозната жена на втората половина на 20 век, под специјална стража и надзор, ја бие, можеби, својата последна офанзива. Како во финалето на голема љубовна, историска и шпионска драма, Јованка стигна во болницата речиси пред смрт, во својата 88 година, со целосно запуштено здравје. Толку беше стар и нејзиниот маж, маршалот Тито, кога умре во Клиничкиот центар во Љубљана, во 1980 година. Таа е жена која што живееше како кралица повеќе од три децении, а потоа, исто толку, како најтаинствената политичка затвореничка на Европа. Што е тоа што Јованка го знае, ама, светот не смее да го дознае? Дали нејзината последна исповед ќе ни покаже зошто ни се причинува дека, кога ќе се погледнеме во огледало, имаме впечаток дека ушите ни се малку поголеми? И дека тие уши прилегаат на магарешки? Дали таа генетска промена, дека од луѓе сме престорени во магариња, Југословените не смеат да ја дознаат? Дали е тоа последната Јованкина тајна што ќе ја објави или ќе ја однесе в гроб со себе  и ќе ја подели со човекот кого што искрено го сакаше?

Некогаш преубавата, млада партизанка, Софија Лорен на југословенската револуција, која го опсени Јосип Броз Тито на прв поглед, беше единствената жена, која што семоќниот Голем Маниту на Втората Југославија, вистински ја сакаше. Колку да се знае, многу убавици завршуваа во Титовиот скут, но и сега, со децении подоцна, таа е една единствена и вистинска наследничка на Брозовиот политички тестамент, иако е само немоќна, од болеста разорена старица, која и во своите доцни години, повторно ги собира на мобилизација сите народи и народности – од Вардар, се до Триглав.

Затоа вдовицата на Јосип Броз Тито е многу повеќе, отколку што е само вдовица на доживотниот, црвен суверен на СФРЈ. Таа е вдовица на една земја која што, формално, веќе не постои, но, која се повеќе ни се јавува во сеќавањата. Зашто, да е поинаку, драмата на Јованка, во последниот чин од  нејзината неверојатна судбина, би била само куса, незабележителна вест, сместена некаде при дното на страниците на белградскиот печат. Ама, колку и да се напрегаме да ја заборавиме и Југославија и Тито и неврзаните  и „фиќото“ и самоуправувањето и Јованкината пунџа и сиот тој чуден и толку далечен свет, кого што сегашните неспособни политички елити се обидуваат да го негираат, да го исмевааат и да го омаловажат, Јованкината голема битка во Клиничкиот центар на Србија, одекна како бомба во регионалните и во светските медиуми.

Телеграми со поддршка, букети цвеќе и шарени бонбониери со кич-фотографии, секојдневно пристигаат во белградската болница, каде што најмистериозната жена на втората половина на 20 век, под специјална стража и надзор, ја бие, можеби, својата последна офанзива. Како во финалето на голема љубовна, историска и шпионска драма, Јованка стигна во болницата речиси пред смрт, во својата 88 година, со целосно запуштено здравје. Толку беше стар и нејзиниот маж, маршалот Тито, кога умре во Клиничкиот центар во Љубљана, во 1980 година.

Како времепловот да е вратен 33 години наназад: конзилиум од врвни лекари во Белград секојдневно ја известува нацијата за здравствената состојба на Јованка Броз, а дописниците од регионот и од светот закупуваат апартмани низ белградските хотели, откаде што испраќаат прогнози за можниот исход на болеста на некогашната прва дама, копаат по деталите на нејзиниот надреален живот, кој, како што тече времето, повторно поприма контури на политичка мистерија од највисок ранг.

По три децении, колку што помина во куќен притвор, под надзор, најпрвин, на југословенската, а потоа на српската, тајна служба, најмоќната жена на Југославија, после смртта на нејзиниот сопруг, се претвори во заточеница во запуштената вила на белградското Дедиње, каде што тогашниот комунистички, воен и разузнавачки врв, со вооружена придружба од мистериозни разузнавачи, без никакво судење и пресуда, ја спроведе и ја стави под клуч. Таа ноќ, неколку месеци после смртта на Тито, ја одведоа во ноќница. Тогаш мислеше дека ја водат на стрелање, додека на нејзината сестра и се заканија дека ќе ја убијат, ако проговори нешто за тоа. Современа Европа не познава ваков случај на кршење на човекови права: одземен и беше целиот имот, одземени и беа личните документи, одземени и беа сите пријатели. Само сеќавањата не и беа одземени. Таа е последен архивар и задужбинар на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, земјата која што до крајот на седумдесеттите години економски беше силна колку и Италија, а далеку побогата, како според бруто општествениот производ, така и според животниот стандард, од многу сегашни членки на Европската Унија.

Сеќавајќи се дека прилично се радував на Титовата смрт, затоа што губевме многу часови во основното училиште, за разлика од повозрасните, кои што организирано плачеа, се прашував од каде се црпи толкаво медиумско и политичко значење од судбината на една заборавена старица, чувана зад седум брави и зад седум белградски гори? Јованка ги полни насловните страници на светските медиуми, политичкиот естаблишмент на Србија ги разгледува начините како таа, конечно, трајно да биде згрижена и да го поврати статусот на прва дама на една непостојна земја, во болницата ја посетија сите водечки политичари на Србија, новинарите се наттркуваат кој ќе пронајде најпикантни детали од нејзиниот живот и политичкиот тестамент. Но, повторно се прашувам – зошто последната битка на Јованка, со толку емоции, го погодува обичниот свет од сите поранешни републики и покраини? Со дедукција, лесно доаѓам до решението: Ве потсетува ли, мили мои, вашата судбина на Јованкината? Е, ајде, да видите дека сум во право.

Чувствувате ли дека некогаш сте живееле како крал и кралица, како неа, а потоа се сте изгубиле и преку ноќ сте се претвориле во роб, во непостоен судски процес, заробени од невидливи разузнавачи? Секако се сеќавате дека со „Јатовите“ златни „боинзи“ патувавте на море, како обичен работник, но, најмалку на две седмици, не чувствувајќи дека тоа особено ќе ги потресе вашите финансии? Се сеќавате ли како си ги ѕидавте своите мали викендички-дворци, да имате каде да се мешколите преку викенд, гледајќи си ги дечињата како ви трчкаат по  ранчот, додека вие, сигурни во светлата иднина, знаевте дека еден ден ќе ги вработите, дека и тие ќе продолжат со таквиот, безгрижен живот, зашто се воспитувани да бидат токму тоа – само обични луѓе.

Потоа, новите месии не убедија дека сето тоа било лага и сите нас, редум, како во Маркесовата класика „Сто години самотија“, не препуштија на разорувачкото самоуништување. И, како југословенско племе, без мозок, потекло и иднина, како и да ни завршуваше презимето и на кој и Бог да  се молевме, ние немавме друг избор, освен да набљудуваме, како што би рекле белградските мангупи, како масовно се „самоубиваме“.

Нешто слично се случи и со Јованка. На почетокот на седумдесеттите години, кога на големо се одвиваше заплетот со разбивањето на Југославија, делови од расцепканото југословенско раководство, тие мали, комунистички кнезови, кои што, после крвавата граѓанска војна, ќе се прогласат за шефови на новонастанатите држави, го придвижуваат маханизмот на катастрофата. Во тоа време, Јованка имаше статус на недопирлива, каприциозна Титова сопруга, жена, која што од најголемите лидери на 20 век, лично не го познаваше само Мао Цедунг. Кој жив човек може денес на светот да му ги раскажува своите сеќавања од разговорите со Черчил, Кенеди, Хрушчов, Никсон, кралицата Елизабета, римските папи, Насер, Садат, Јасер Арафат, Фидел Кастро, Индира Ганди, Гадафи…? Кој, денес, може да сведочи за дружењата со Ричард Бартон и Елизабет Тејлор, за пиењето еспресо со Софија Лорен, на Бриони, за прошетките по брионската плажа со Орсон Велс?

Како жива енциклопедија за внатрешната и надворешната политика на Југославија, во вкопаните републики што се подготвуваа за сецесија, таа, кон средината на седумдесеттите години, е препозната како еден од најсилните интегрирачки фактори на земјата. Таа, виолентна Србинка, Личанка, потполковничка на ЈНА, омажена за маршал со светско или белосветско реноме, Хрват, кого веќе го налегна болест и другарот Алцхајмер, што почна да завлегува во нивниот дворец.

За планското разбивање на нивниот брак, лично ми сведочеше Иво Етеровиќ, фотограф со светско реноме, кој што кон крајот на шеесеттите и на почетокот на седумдесеттите години снимал фотографии на Тито и Јованка за светски ексклузивниот фото-албум,  за нивниот заеднички живот. Сплиќанецот Етеровиќ неодамна почина во Белград, каде што е и погребан, како еден од последните примероци на изумрената лоза на „Југословеништа“, но, до својата смрт и остана верен на Јованка Броз. Низ неколку исповеди ми сведочеше како клучна задача на разбивачите на Југославија била Јованка Броз, на секакви можни начини, да биде оддалечена од Тито. Или, пак, Тито од Јованка, сеедно. Сведочењето на Етеровиќ има големо значење, затоа што тој, без сомнение, беше човек со неспорен интегритет: кога му истекол договорот со Тито, бил личен фотограф на римскиот папа, се до својата смрт. Онака, како што со својот телеобјектив нишанел во Тито и во Јованка, на ист начин го лоцирал и светитот татко во оставка, Бенедикт Шеснаесетти, оставајќи совршени фотографии од поглаварот на Ватикан во фасциклите на белградската надбискупија.

Етеровиќ ми раскажуваше дека во Љубљана, броејќи ги последните часови, Тито, во бунило, го изговарал името на Јованка, иако неколку години живееја разделени. И таа, денес, така го споменува Тито, та, во ефтините љубовни романи нивната романса би можело да се нарече – љубов за сите времиња. Неколку недели пред сместувањето во болница, Јованка, во опширната исповед пред белградските медиуми, опишала како Тито, откако му бил вперен пиштол на челото, бил одвоен од неа, три години пред неговата смрт.

 – Тито беше принуден да се раздели од мене. И тој добро знаеше со какви злобници е опкружен и дека тоа беше единствениот начин да ми го спаси животот, зашто тие беа подготвени на сѐ – раскажувала Јованка неверојатни детали од последните години на Титовото апсолутистичко владеење.

Делејќи ја постелата со Тито, таа ги делела и најсуптилните државни тајни. Во спалната соба, таа сфатила дека се подготвува распадот на земјата и знаела кои се главните  инженери кои работат на демонтажата на „балканската златна земја“, која што го претставувала последниот бедем за нараснатите национализми. Според нејзината исповед, клучни луѓе биле семоќниот шеф на УДБА, југословенската тајна служба, словенечкиот комунистички функционер, Стане Доланц и началникот на генералштабот на ЈНА, генералот Никола Љубичиќ, клучен, српски кадар во највисоките врвови на југословенската моќ. Двајцата најмоќни луѓе после Тито, кои што управувале со механизмот на тајната и јавната сила на СФРЈ, сметале дека најголем внатрешен непријател на земјата, всушност – е Титовата сопруга! За тоа сведочи 50-та седница на Претседателството на СФРЈ, Претседателството на ЦК СКЈ и седницата на фамозниот Совет за заштита на уставното уредување, на кои што исклучително е разгледуван „случајот на другарката Јованка“. Подоцна, една нејзина роднина, на Бувљиот пазар во Белград, ги пронашла тие стенографски белешки, што се покажале како веродостојни.

За Стане Доланц, Јованка и денес тврди дека е германски шпион и дека, во младите години, бил член на озлогласената Хитлерјугенд. Љубичиќ бил класичен кариерист, но, целокупната дворска екипа од комунистички лордови сфаќала дека, после неговата смрт, како можна наследничка, ќе фигурира челичната лејди од маршаловиот брачен кревет. Зашто, ако Јованка, толку децении, умеела да го држи крај себе,  на врвца, палавиот Тито, кој, пред неа, трчкал по млади партизанки повеќе отколку Вермахтот и домашните предавници заедно, дворјаните лесно дошле до заклучок дека првата дама, при евентуална, политичка комбинаторика, би можела да го наследи Тито. Особено поради нејзините лични познанства со лидерите ширум светот.

Заради тоа и сместуваат игри: најпрвин, ја прогласуваат за српска националистка, која што, наводно, подготвувала со српските генерали, (внимавајте, со српските, покрај живиот и здрав Љубичиќ) воен пуч и преземање контрола врз српските кадри во Југославија. Потоа, пуштена е приказна дека таа, всушност, е советска шпионка, уфрлена во Титовиот кревет, за оттаму да и шепоти нежни сказни на Москва. Да, сето тоа можеби и би било можно, кога играч како Тито би можел да се врзува на грб. Ама, сите историски факти сега потврдуваат дека тој неа безгранично ја сакал и дека Јованка Броз, всушност, била жена која го насетувала и се противела на распаѓањето на Југославија. И, дека не успеала во тоа. Затоа, во една дождовна ноќ, во ноќница, е префрлена во старата, трошна вила на Дедиње, без греење, па се греела така што полнела пластични шишиња од минерална вода со врела вода и ги редела потоа во креветот, за изутрината да не ја најдат замрзната во него. Затоа и ги одзеле и сите лични документи, за да не може да ја напушти земјата. Да не го заборавиме и тоа дека таа е првоборец и носител на Партизанска споменица, потполковник во пензија, но и дека и е забрането да ја прима и таа пензија. Таа не ја наследила дури ни Титовата пензија, како законска сопруга на шефот на државата.

Таа е жена која што повеќе од три децении живееше како кралица, а потоа, исто толку, како најтаинствената, политичка затвореничка на Европа. Ова, на Јованкината драма би и дало белег на античка, да не е српска.

Што е тоа што Јованка го знае, ама, светот не смее да го дознае? Дали нејзината последна исповед ќе ни покаже зошто ни се причинува дека, кога ќе се погледнеме во огледало, имаме впечаток дека ушите ни се малку поголеми? И дека тие уши прилегаат на магарешки? Дали таа генетска промена, дека од луѓе сме престорени во магариња, Југословените не смеат да ја дознаат? Дали е тоа последната Јованкина тајна што ќе ја објави или ќе ја однесе в гроб со себе и ќе ја подели со човекот кого што искрено го сакаше?

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 03.09.2013