Рабит Хил

Не знам како ќе ви звучи вака предновогодишно една вест што се провлече низ светските медиуми без никој посебно да падне во несвест: власта на една малечка држава во зафркнат дел од светот решила врз урнатините на својот римски град и старите гробишта над него да се изгради луксузна населба!

Веројатно некои од вас со поистенчени нерви веќе не можат да се концентрираат на хоророт што следи понатаму во текстот па веќе се намонтирани во првата фитнес сала и дишат чист кислород додека гуруто за јога им кажува што да јадат за празниците. Поумерените оптимисти си викаат, добро, можеби се работи за високо централизирана држава па власта одозгора не ги догледува секогаш тривијалните урбанистички техники на планирање на луксуз врз гробишта и стар римски град на микро план. Но, разочарувањето следи веднаш: не власта, туку опозицијата баш таму во периферната единица на локалната самоуправа во малата волкоебна транзициона република била на власт. И така свечено, заедно со власта, се договорила врз гробишта и стар римски град да се направи луксузна населба.

Брее, ќе се рече типичен претставник на трета категорија граѓани, заљубеник  во новите градби, луксузни како што е луксузно и самото ново време, ебаго, доволно луксузно само што тече нанапред: што на милата мајка може да ни пречи што одредена далечно позиционирана фалабогу држава сака да гради луксузни населби кај стигне, зарем наназад ќе се враќаме, во историјата?  Се разбира дека ќе одат луѓето напред, во светлата урбанистичка иднина! Чекај, чекај бе шефе, оваа трета категорија е катастрофа! Чекај, па овие се директно против влегувањето на републиката во сите интеграции што уште не сме ги достигнале: зарем ние не градиме нови административни велезданија под мотото: ако одиме во Европа, барем да влеземе со репрезентативни стари згради каде ќе бидат сместени новите луѓе од новото време во новите институции! Зарем немаме конзенсус мајкаму дека штом испадна стариот театар бомбона и се друго ќе биде по план? Зарем имаме дилема на тој пат, за кого го правиме бе пријатели ова, за нас? Или за нашата историја која недоволно сме ја имале во минатото и сега конечно ја добиваме барем најминимално?

Ц,ц,ц,ц би рекла на сето ова една пензионирана госпожа која Водно го направи Лептокарија. Добро, зар се дебатира некаде во светот за вакви глупости? Ако треба да се прави штрасе ќе се прави штрасе, ако треба во планина да се влезе со багери ќе се влезе. Што анализа? Од локален карактер ли бил Водно? Од локален. Е, па кој одлучува локално, кој презима одговорност, Костарика? Се разбира тие што си делуваат локално. Консензус, па стално имало консензус. Инфраструктура, трансформатори, бели дробови: шо сега да кажуваме и потпорни ѕидови како се праат, чиста техника. Техниката на техничарите! Од дрвата не можевте да ја видите шумата. Сега, кога дрвата на булевар ЈНА ги нема, ете ви ја шумата мајмунчиња! Шо шума, луксуз ли е сега на Водно, па чист луксуз бе глупаци!  Иљада и двеста евра квадрат едвај, па нормално, со кои цени овој народ…….., со кои цени? Се развика госпожата во едно кафе додека го довршува четвртиот Џим Бим и со запаление во очите им гестикулира на келнерките кои тапо ја гледаат со прашалници од кај ја знаат бабава.

Си мислам, можеби и оние од дистантната транзициона република си имале мака, недоволно историја, многу артефакти, многу најави ништо реализација. Излегол гроб онаму, недовршена модерна таму, ништо конкретно, ништо луксузно. А и тоа римскиот град, урнатини, нездраво е градено тоа, остај таа работа. Може е подметнато тука да стои со илјадници години, да им копа по нервите на тие локални типчиња таму со бради и големи стомаци што ги кријат со светлозелени кошули со кратки ракави врз кои очајно им висат свиланит машните во боја на кајсија. Кај баш во нивната локална самоуправа гробишта и римски урнатини. Ништо луксузно! Ма нека се гонат и Рим и турските гробишта у фината далечина! Купус ќе ги направам тоа зелките бе шефе! Кај било урнатина таму болница ќе никне, кај биле гробишта верски објект ќе се вкрсти. Полудел локалецов во транзиционата топла република со висока влажност одвреме-навреме: ма каква инфраструктура, урбани луксузни вили, спа и ресорти, Рабит Хил спа анд ресортс, мајне дамен унд херен!

Уф, веќе ги гледам наездите на туристи и странски инвеститори како ја окупираат малата и незначајна земја со висока влажност во воздухот. Ручеци, вечери, ќе отечат во абдоменот луѓено, брее жал ми е за господините. Со оштетена дијафрагма ќе се втуштат во новите спа ресорти, ќе се туркаат со разјарените маси на туристи. Каде гуруата за јога веќе им спремиле коктел од тревки за новогодишните празници. Тревки да се напасат, врв на луксузот бе магариња низаедни.


Објавено: 18.12.2012