Шапкарев, правната држава и феминизмот

Покрај тоа што пронаоѓам многу интересни податоци за правната наука во записите на Кузман Шапкарев, уживам да читам лекции на недоучени правници и новинари во обид, а кои не го знаат ни елементарното разграничување помеѓу поимите и концептите ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВО и ПРАВНА ДРЖАВА.

Забавни се. Ме релаксираат. Тие мислат дека ПРАВНА држава е држава во која и најмалиот социлошко-билошки шум на човекот е регулиран со закон и обременет со „челични“ процедури и процедурални лавиринти. Веројатно префиксот ПРАВНА ги носи кон тоа тоталитарно сознание.

Претпоставувам дека истиве за ПРАВНО ЛИЦЕ мислат дека се работи за лице кое е ПРАВНИК. Но, тоа за нив не е битно – нив им треба вокабуларно ржење, несуштинско караванско лаење. Тоа е исто како кон главата на некој бесен ротвајлер во двор до го џитнеш ултрадебелото Уставно право на Саво Климовски – сигурно дека песот ќе почне да лае и ржи, но тоа нема да го направи уставноправен критичар. А, убаво си има експликативен и јасен ред на нештата што се нарекува јазик на правото како дел на правната филозофија, онаа иста правна филозофија која, покрај другото, ги проучува и еманира феминистичките сфаќања и нивната практична инклузија во законодавствата.

Но, во ист манир, драгоцениве профети на правото ламентираат околу женските права и феминистичката правна филозофија, без да знаат (јадните) дека феминизмот во основа е поделен на ДВА правци и ТРИ сфаќања: а) Феминистки кои тврдат дека жената е ЕДНАКВА СО МАЖОТ и треба да има ЕДНАКОВ законски третман б) Феминистки кои тврдат дека ЖЕНАТА Е РАЗЛИЧНА ОД МАЖОТ и заради тоа треба да има РАЗЛИЧЕН законски третман.  

Не постои унифициран феминизам, тој е дисперзија на НЕКАКВИ, диверзитетни ПРАВА и тоа е основа за различни правно теоретски и нормативни варијации!!! Од тие причини, понатаму и потребата за нормативна и културолошка интервенција е сведена од контекстите на културниот, умерениот и радикалниот феминизам како учења/сфаќања. Од друга страна пак, ако им кажеш дека во записите на Шапкарев за обичајното македонско право се третираат аспекти и за правата на граѓанинот, семејството и жената – ќе им звучи неверојтно, бидејќи нели – како е можно во тоа време и на “шовинистичко поднебје со ориентален резон кадешто мажот е свиња” да се говори за НЕКАКВИ човекови права, дури и кога тие се граѓански во констелацијата на правната релација сопруг/сопруга, семејство, пледоаје на  претпоставки за граѓанска идентификација па се до семејно насилство? Па може, едноставно е – клучната европска правна доктрина и законодавство е инспирирана и преточена од територијата на Македонија и Јустинијановото законодавство, а сите револуции на кои сржта им се човековите права се поттикнати од вредностите на овој законик, кој пак понатаму е апсолвиран во обичајното автентично право со сите негови правнокултуролошки рефлексии и преадпатации, меѓудругото и  онака како што говорат сведоштвата и записите на Кузман Шапкарев…