Случајот Џајиќ: Боговите не се апсат!

Кој и да сплеткарел со Џаја, успеал во едно. Без него на чело, осуден да се влечка по судовите, протнат низ медиумската кал и осуден на срам, Ѕвезда се повеќе тонеше во долгови и порази. Меѓутоа, се случи неверојатен парадокс: каде и да се појавеше по излегувањето на слобода, Џаја беше дочекуван како жива легенда

Легендарниот десен бек на германската репрезентација, Берти Фогст, чувајќи го Драган Џајиќ, го доживуваше невозможното: се чувствуваше како силата на земјината тежа да не делува само врз него, зашто тој беше тој проклетник, осуден да биде тука, кога крај него татнеше левото крило на репрезентацијата на Југославија. Тогаш, десната страна на одбраната на панцерите се претвораше во бестежинска оаза, во експериментална станица каде што кутриот Берти лебдеше во воздухот, небаре е еден од немите патниците од „Одисеја во вселената“, кој се откачил од својата орбитална станица и патува по својата судбина.

Да, на тие стари, црно-бели снимки, Драган Џајиќ, навистина, беше божество, а силниот Берти само ситна честичка што го бара патот низ вечноста, небесен талкач кој лута низ непознатото, кој  бара спас од суперсоничната ракета, лансирана од белградската Маракана.

Џаја беше толку моќен, што во полуфиналето на Европското првенство во 1968 година, во Фиренца, сам го победи тогашниот светски фудбалски шампион Англија, откако го претрча директниот чувар Вилсон, а потоа, во шеснаестерецот, го фрли на колена Боби Мур со вешт трик, принудувајќи го во Италија, пред повеќе од 90.000 луѓе, да му се помоли на Севишниот и да бара од него југословенското лево крило да не продолжи понатаму. Но, Боби Мур не беше свесен дека точно на оној што го фрли на колена и му се молеше. Драган Џајиќ беше бездушен. Презриво фрли поглед на сер Боби, одликуван од кралицата Елизабета, но не му ја ислуша молитвата. Го заболе увото за Домот на лордовите, за односот кон круната… Потрча понатаму, додека англиската одбрана го гледаше како скаменета, зашто Џаја се претвори во дух кој излезе од мрачната шума и ги маѓепса халфовите на Гордиот Албион. Ја поткопа полека топката и лобуваше уште еден великан на светскиот фудбал, голманот Бенкс, кој гледаше во празно, како Мистер Бин, кога го суредија во обложувалницата. Снимките покажуваат дека на Бенкс му беа потребни неколку секунди да си дојде на себе, а потоа да се сврти назад и да ја види топката како подигрува зад неговиот грб, фатена во мрежата. Со тој гол, Џаја ја однесе Југославија во финалето.

Пеле беше она што е Меси денес, додека Џаја беше – Кристијано Роналдо

Помина многу време оттогаш, а познато е дека Србите и сите останати граѓани на нашите републики и покраини  имаат памтење како кокошка болна од Алцхајмер. Затоа, добро би било да потсетам на уште нешто, за да не помислите дека претерувам, бидејќи и од сателит се гледа дека сум ѕвездаш: Пеле, имено, изрично барал последниот, проштален натпревар за Бразил, да го одигра против репрезентацијата на СФРЈ. Пеле тогаш изјавуваше дека сака да го размени капитенското знаменце токму со Драган Џајиќ, капитенот на сините, сакал Џаја, лично, да го  испрати во историјата, зашто бразилскиот бог тогаш се сомневал во постоењето на, можеби, уште еден севишен и дека токму заради тоа го бара на сопствениот, фудбалски погреб.

 За денешните деца, пораснати  на Фејсбук и Твитер, најдобро ќе биде да ја поедноставам работата: нека замислат дека тогаш Пеле беше она што е Меси денес, додека Џаја беше – Кристијано Роналдо. Но, кому на Балканот му е гајле за боговите? Ако ги има, треба да ги скратат за глава, како би биле сите еднакви, затоа што типовите како Џаја не потсетуваат дека сме вакви, какви што сме, никакви. Ја водеше Црвена Ѕвезда со децении, како играч и како капитен, беше нејзин претседател кога го освои Купот на шампионите во Бари. Беше еден од неприкосновените владетели на Србија, зашто, како што вели легендата, српството почива на четири столба: Српската православна црква, Академијата на науките, весникот „Политика“ и фудбалскиот клуб Црвена Ѕвезда.

Дали тогаш неговото апсење пред телевизиските камери, на 5 февруари 2008 година, поради сомневање дека проневерил околку 5 милиони евра, при трансферот на центарфорот, Горан Друлиќ, од Ѕвезда во Сарагоса, во текот на 2001 и 2002 година, беше, всушност, удар врз носечкиот столб на Србија? Уапсен е како последен криминалец, како сериски убиец. Му ставија лисици на рацете пред сопругата, ќерките и двете куќни помошнички, во неговата вила на Дедиње и таа слика и ја дадоа на увид на нацијата во Вториот дневник.

Токму тоа утро, Бранка, сопругата на Џаја, се подготвуваше да одлета во Вашингтон, на традиционалниот Молитвен појадок со претседателот на САД. Тоа беше врвен, фудбалско – политички трилер. Најголемиот фудбалер од овие простори лично им приготвува кафе на полицајците кои му се беа најавиле, со барање само да поприкажуваат со него за трансферот на Друлиќ, додека неговата жена, на позиција заменик на републичкиот јавен обвинител, ги пакува куферите, повикува такси, го бакнува Џаја во образот и им мафнува на полицајците, не насетувајќи зло. Но, полицијата не сака таа да замине, туку ја пакува легендата во марица, во присуство на камерманите на МВР, кои цело време ја снимаат големата претстава.

Јавноста беше шокирана. Во злогласниот ЦЗ Џаја помина повеќе од пет месеци, делејќи  ја ќелијата со наркодилери, убијци, џепчии, силувачи…

Џаја никогаш не сакаше да зборува за тие денови. Само неговата сопруга кажуваше дека редовно го следел печатот и, при посетите, бил многу поцврст од неа. Таа, заменик на републичкиот јавен обвинител, поканета кај претседателот на САД, тој, фудбалскиот волшебник, пикнат во затвор. И, некој, кој ја смисли заверата. Каква приказна, каква земја!

Тој е неверојатно едноставен човек за ѕвезда од таков калибар

Го среќавав неколкупати по излегувањето на слобода, но, тој изгледаше совршено смирено и ладно. Она што е помалку познато е дека Џаја е многу добар тип, за човек со такви, клинците би рекле, магични способности. Во складен брак, без ниедна афера, иако уште во периодот на најжестокиот социјализам, тогашните папараци го следеа во стопа, дежурајќи пред култната кафеана „Мадера“, на белградскиот Ташмајдан, каде што докторот Аца Обрадовиќ и Миљан Миљаниќ формираа фудбалско – разузнавачки штаб, од кого се влечеа конците на најмалку две нешта: на високата политика и играњето со топка. Фоторепортерите се обидуваа да го уловат Џаја со некоја манекенка, глумица или пеачка, подоцна многумина ги испитуваа неговите активности, но, тој е неверојатно едноставен човек за ѕвезда од таков калибар.

Дури и лондонскиот Гардијан со гадење пишуваше за апсењето на великанот, прашувајќи се дали британската влада би го уапсила некогаш Боби Чарлтон? Во една прилика германскиот печат  чепкаше околу  наводните даночни малверзации на Франц Бекенбауер, но, тогашниот германски канцелар, Хелмут Кол, оцени дека во Германија може да биде уапсен секој, освен еден човек: хер Франц. Со тоа, тој недвосмислено му порача на правосудството  да не го напаѓа славниот центархалф. Хелмут Кол, всушност, сакаше да каже дека боговите не се апсат. Дали е тоа правно коректно и дали е одлика на демократски уредените земји? Секако дека не е, но, по ѓаволите со правото, ако Џаја се наоѓа среде спорниот процес, во кој што спомнатиот играч, Горан Друлиќ и компанијата Делта, ги застапуваше ист адвокат. Само таа реченица ја изговори Бранка Џајиќ, кога ја запрашаа кој бил тој, доволно моќен, да го намести Џаја? Компанијата Делта, имено, е сопственост на најбогатиот Србин, Мирослав Мишковиќ, чиј син, Марко, едно време, беше финансиер на Ѕвезда, та белградската чаршија наголемо полемизираше околу тоа дали, тогаш семоќниот Мишко, ќе постане сопственик и на српскиот свет грал: Црвена Ѕвезда.

Власта  е власт, Ѕвезда е Ѕвезда, а Џаја е Џаја

Но, кој и да сплеткарел со Џаја, успеал во едно. Без него на чело, осуден да се влечка по судовите, протнат низ медиумската кал и осуден на срам, Ѕвезда се повеќе тонеше во долгови и порази. Меѓутоа, се случи неверојатен парадокс: каде и да се појавеше по излегувањето на слобода, Џаја беше дочекуван како жива легенда.

Кога влегуваше во рестораните, најпрвин ќе настанеше страшен молк, потоа џагор, а потоа следеа аплаузите. Колку повеќе го валкаа, тој стануваше се поблескав. Конечно, после падот на режимот на Борис Тадиќ, почна се погласно да се зборува за враќањето на Џаја во Ѕвезда. Судскиот процес стана бесмислен, но, без правосилна ослободителна пресуда, неговата инаугурација беше невозможна. Ама, власта  е власт, Ѕвезда е Ѕвезда, а Џаја е Џаја. Моментно најмоќниот Србин, првиот потпретседател на владата, министер за одбрана и координатор на сите српски тајни служби, Александар Вучиќ, неодамна, пред полноќ, свика итна конференција за новинарите на белградската Маракана. Вучиќ, патем, е заколнат Ѕвездаш, како мал, бил загрижен Делија од Северот и учествувал во најважните навивачки пресметки кон крајот на осумдесеттите и на почетокот на деведесеттите години, особено со навивачите на загрепски Динамо и сплитски Хајдук. И, се подразбира, со комшиите Гробари, навивачите на Партизан. Вучиќ растел со песните на навивачите кои му се заколнувале на Џаја. Го гледал како спокоен и леден седел во ложата и затоа сега, како претседател на најсилната партија во Србија и како крал на сите шпиони, како сопственик на најцврстите лостови на државната моќ, дочека да го оствари детскиот сон. Да го повика Драган Џајиќ и да го праша дали му е потребна помош. Познавајќи го Вучиќ, сигурен сум дека тоа му е поважно од секоја власт. Зашто животот, тоа е Ѕвезда. А Ѕвезда, тоа е Џаја. Знаејќи за таа српска тавтологија, Вучиќ ритуално го круниса Џајиќ како шеф на работната група за спас на Ѕвезда, точно на полноќ. Неколку дена подоцна, претседателот на Србија, Томислав Николиќ, го аболираше Драган Џајиќ. 

Дали,  тогаш, апсењето на Џаја беше дело на Големиот План? 

Ќе успее ли повторно Ѕвездиното божество, зашто пред неколку денови е објавено дека долгот на клубот изнесува неверојатни 48,4 милиони евра? Многумина веруваат во тоа. Хрватскиот магичен тренер, Ќиро Блажевиќ, од Загреб им испрати порака на Србите, со следнава содржина: најпрвин им рече дека ич не му е гајле што мислат за ослободителната хашка пресуда за Готовина и Маркач, а, потоа, ги утеши дека Ѕвезда повторно ќе ја освои Европа. Ќиро, инаку, сонува уште само за две нешта – да постане тренер на Ѕвезда и да биде погребан во Куќата на цвеќето, покрај Тито. И, верува дека Џаја е семоќен.

Но, Ѕвезда и натаму игра срамно лошо, со очаен играчки кадар, па без огромни пари, што, евентуално, би ги вшприцал главниот спонзор, Гаспромњефт, пресвртот би бил, речиси, невозможен. Русите, меѓутоа, не цицале весла, за да истураат евра во фудбалското буре без дно. Што,тогаш, му преостанува на Џаја? Да се задолжи кај ММФ и кај Светската банка?

Затоа, го гледам како, по урнек на големиот учител Џедај, собира момчиња од младинските школи, фудбалски сирачиња и со  нив тргнува од прапочетокот, учејќи ги на дриблинзи, кратки пасови и центаршутови. Потоа, нека го постави за тренер Иван Јовановиќ, актуелниот шеф на кипарскиот Апоел. Човекот прави чуда во Лигата на шампионите, за инает на сите, зашто, да не го повторувам тоа, таков вреден и чесен, во Србија никој не го сакаше. Ама, барем не го апсеа. Доколку Јовановиќ одбие, ништо полоша опција не е Милован Рајевац, тренерот кој ја предводеше Гана на Светското првенство, до четвртфиналето. И, повторно, не треба да пишувам двапати: и него  Белград никогаш не го сакаше, туку го шутна што подалеку, во африканската пустина, таму да го докаже златното балканско правило: дека никогаш не можеш да бидеш пророк во своето село. И, конечно, третиот кандидат за тренер би можел да биде Богиќ Богичевиќ, тренерот на Долни Срем, овогодишното фудбалско чудо, на селскиот клуб  кој на почетокот на првенството застана на чело на табелата, но, кого, потоа, судиите и Фудбалскиот сојуз го вратија таму каде што му беше предвидена судбината пред почетокот на игрите: некаде на средината на табелата.

Џаја, момчињата и некој од презрените тренери, кои што мораа да го восхитат светот, за некако, низ глувчешка дупка, да влезат во Србија – тоа би можел да биде рецептот за спас на Ѕвезда. Се друго е опсена. Зашто време нема. Некогаш, Маракана, против Реал или Милан, собираше 100.000 луѓе на трибините, а екот се слушаше со десетици километри надалеку. Денес, според пропозициите на УЕФА, на стадионот на Црвена Ѕвезда не смее да има повеќе од 40.000 гледачи.

Дали е сега се совршено јасно? Србија се смалува како Маракана, Србија е слаба онолку, колку што е слаба Црвена Ѕвезда. Дали,  тогаш, апсењето на Џаја беше дело на Големиот План? Можеби, на крајот од баладата, ќе го испратат во Хаг, затоа што ја доведе Ѕвезда на покривот на Европа, спроти  почетокот на југословенската граѓанска војна, што би можело да се третира како дело на здружен, злосторнички потфат против Баерн, Олимпик и останатите демократски, мирољубиви клубови…

И, тоа ќе биде крај. Не мислам, при тоа, на Србија и на Ѕвезда, туку на лекареовскиот заплет на тиражната книга, која, потоа, би прераснала во одличен филм. Џаја, верувам, брилијантно ќе го одигра Ралф Фајнс.

 Објавено: 04.12.2012