Србите, Хрватите и мигрантите

Има некаква историска правдина во тоа што ние –  прогласени за абортус на Европа – толку сме сиромашни, што и мигрантите не се толку забегани за да се населат овде. Тоа се привлечностите на глобализацијата и дигитализацијата на овој проклет свет. Ќе отчукаат мигрантите на Гугл „Србија“ или „Македонија“, па кога ќе видат каде пристигнале, бегаат што подалеку одовде. Бегаат кон оние, кои што не направија вакви! Што е тоа што сакам да го кажам, по извесното отсуство од мојот омилен, македонски портал? Што сакам да порачам од Белград, откако сфатив дека многу ми недостигате? Само две нешта: дека светот се превртил наопаку и дека е прашање на време кога ќе падне на глава.

Србија е повторно лидер во управување со кризите. А која земја би можела да биде махер во контролата на контролираниот хаос, ако не Белград? Кому и да му е потребен менаџмент за управување со бедник во светот, може да ги повика Србите. И навистина е така. Откако се случи најголемата преселба на народите во историјата, патот на голготата на мигрантите од Блискиот Исток води кон Европа. Патем, сега ми се јасни и мотивите за оние силни „арапски пролетти.“ Зошто не му одговараа на западниот свет искусните, пустински старци, како Моамер Гадафи, Хосни Мубарак или Садам, кого што, неколку години порано, Америте го извлекоа од некаква дупка и го обесија, додека тој рецитираше патриотски стихови? Им беше потребна нафта и им беше потребно и уште нешто. Да вселат во Европа неколку милиони луѓе и да и создадат проблем на Ангела Меркел, на Германија и на нејзиното царство. Што е тука нејасно?

Но, на тој катаклизмичен, континентален пат од Сирија, Либија и од останатите новонастанати демократии, што горат или пливаат во крв, како сакате речете, стотици илјади луѓе непрекинато се движат во епски марш без преседан. Есента ги подига брановите на Медитеранот и тешко дека било кој од тие несреќници ќе помисли да заплови со бродовите, што се одвај побезбедни од гробници.

На таа траса низ Еропа, Белград на сите им одржа лекција. Како што надоаѓаат емигрантите, Србите ги примаат, како родени браќа. Најпрвин во Прешево, каде што влегуваат, а потоа луѓето од далечните светови се снаоѓаат сами. Наоружени со смартфони, тие сегде бараат исклучиво две нешта: Wi-Fi и експозитури на банки. Кога ќе се поврзат, оние, од челото на колоната им испраќаат податоци на оние, од нејзиниот крај. А банките им се потребни за да ги соберат легално од сметките доларите и еврата што им ги праќаат. Кој ги финансира? Теоретичарите на заговори велат дека тоа се Ротшилди, ИСИС или некоја од опаките, заговорнички групи. Оние, нормалните тврдат дека парите им ги испраќаат роднини. Па, вие проценете кој е тука, навистина, нормален.

Не ќе згрешам ако речам дека нестварната, бегалска колона е најголемиот инвестициски вложувач во Србија. Ја плаќаат храната, превозот и сето останато, за да се доберат до Унгарија, потоа до Германија и до Скандинавија.

Ама, премиер на Унгарија е десничарот Виктор Орбан, кој подигна ѕид, го оплете со жица и постави војска. Како што тоа, иако медиумски помалку забележано, го сторија Бугарите. Грците и Македонците само ја подбрзуваат колоната за да ја предадат на Србија и да се отарасат од неа. А Србите, нудат леб и сол. Градат и прифатни центри. Во строгиот центар на градот, на платото кај автобуската станица, обичните граѓани им подаруваат на мигрантите разни, потребни ствари. И никој не ги чепка тие луѓе. Бегалците ги посети и премиерот, Александар Вучиќ, а тоа го чинат постојано и министрите. Љубовта меѓу мигрантите и Србите цвета при првиот поглед!

А два месеци пред ова, бевме кандидати за геноциден народ. Така, имено, гласеше предлогот на британската резолуција во Советот за безбедност, на кого Русија стави вето. Неколку дена подоцна, за малку ќе го линчуваа Вучиќ во Сребреница. Такви сме ние, кандидатите за „геноцидирање.“ На своите јужни граници Европа распалува со шок бомби врз мигрантите, а ние ги примаме како браќа родени.

Добро знаат Србите како е да се биде бегалец. Откако ги загубивме сите војни на деведесеттите во кои што го пикнавме носот, станавме собиралиште на Србите од сите земји на бивша Југославија. Конечно, сите Срби ќе застанат под една слива. Со тоа што, се надевам, дека не ќе удри гром во дрвото. Иако и тоа не е исклучено.

Да потсетам дека само во август 1995 година, после операцијата „Олуја“, за нешто повеќе од еден ден, од Хрватска во Србија пребегаа на трактори 250.000 Срби од Краина.

Но, колку е сурова судбината понекогаш! Сега од Србија кон Хрватска тргнаа муслиманските бегалци од Блискиот Исток, зашто Унгарија го крена ѕидот и сака и да припука. Како земја-кандидат за ЕУ, Србија ги почитува сите хуманитарни стандарди и е чувар на тие вредности. Но, званично, само ако си земја-членка на ЕУ, ќе те унапредат во демократ и хуманист. „Малку морген“, што би рекол покојниот Слоба.

Така, место очекуваниот рај, на границите на бриселското царство измачените мигранти ги дочекува пекол. Унгарците ги гаѓаат со солзавец и со шок бомби, а хрватскиот премиер, Зоран Милановиќ, го користи расистичкиот виц од времето на апартхејдот и му порачува на Вучиќ – „Шарај малку, брате!“ Милановиќ мисли – внимавајте сега – дека Вучиќ ги „дистрибуира“ бегалците кон Романија и Унгарија. Небаре мигрантите се стока што треба некаде да биде испорачана.

Ама и бегалците не цицале весла! Имаат џи-пи-ес и гледаат дека најблискиот пат кон Германија е преку Хрватска. Кога веќе не се може преку Унгарија. Јас, навистина, не ги разбирам често браќава Хрвати. Веднаш го блокираа влезот за српските камиони во Хрватска, започнаа да ги малтретираат бегалците и да ги принудуваат, на ничија земја, да спијат на гробишта. Потоа, премиерот Милановиќ, наречен „убавиот Зоки,“ ги нарече Србите варвари, за нешто подоцна, на секое лице со српски пасош и возило, да му забрани да влезе во Хрватска.

И, дури си рекол кекс, на Балканот се случува секс! А може да има и инцест, ако се согласиме дека, освен верата, по малку нешта се разликуваат Србите и Хрватите. Па и Милановиќ, штом заспие, сигурно се штрекнува во сонот, прашувајќи се – кој е тој, всушност?! И бидејќи премиерот на Хрватска е социјалдемократ по определување, а наскоро го чекаат и избори, одлучи да биде поголем Карамарко и од Карамарко. Или, за да биде појасно, одлучи да го надкарамаркува Карамарко. Томислав Карамарко е лидер на опозиционата партија ХДЗ. Додуша, ХДЗ веќе грабна дел од власта, зашто за претседател на Хрватска ја има русокосата Колинда Грабар Китаровиќ, омилената хероина на српските таблоиди. Особено кога ќе ја прикажат во костум за капење на некоја плажа, негде на Јадран…

 Зоран, се чини дека целосно ги замрсил конците, па се однесува како премиер на земја што длабоко ги презира сите европски вредности. Премиерот на Хрватска испалува такви навреди за Србија, што го соблазнија дури и најпрочуениот новинар, Денис Куљиша, кој, патем,  има тврд желудник… Ама, Денис, сепак, изјави дека Милановиќ се однесува – лудачки!

Овие, нашиве, пак, се однесуваат како да се од Скандинавија. Александар Вучиќ, стварно, е најдобриот ученик на Војислав Шешељ и кој како сака нека мисли за Шешељ, тој е сув гениј. На негова и наша жалост, војводата Шешељ е гениј на самодеструкцијата. Вучиќ е нешто друго. Откако во него волшебно влезе европскиот дух, човек не може да го препознае. Кога би се офарбал како русокос, би го помешале со Карл Билт!

Милановиќ не прикочи. Не ги вклучи АБС, па ги обвини Вучиќ, Орбан и ХДЗ дека се во свето тројство, сојуз на десни сили што работат против хрватската левица. Значи, Вучиќ, Орбан и Карамарко коваат заговор против левиот Милановиќ!

И што да направиш кога си во ЕУ, а да останеш Европјанин? Најразумно решение е да се обидеш да излезеш од неа. Зашто, зарем пораки на властите на Унгарија, Бугарија и Грција кон мигрантите се оние хумани повици да се биде човек?

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, се жали како Полска добила стотина милијарди долари неповратна помош. Од друга страна, Србија, за прифаќање на бегалците, добила одвај за кикирики. А ги чува и ги храни. И некој не повредил ниту еден од тие луѓе, освен што десетина расипани таксисти, негде, близу Белград, поставиле табла со ознака Суботица.

Србија навистина прави се, само да влезе во ЕУ. Ама – тикви! Сите обвинети му ги испорачавме на Хашкиот трибунал, ги затопливме односите со Приштина, организиравме геј-парада… Додуша, во придружба на борбени возила. Ама, џабе фарбавме, не не сакаат. Не сме им достојни. Не подигаме огради, не ги малтретираме тие црномурести луѓе со муслиманска вера, не ги есапиме за џихадисти…

Кутрите Срби, одвај за леб и вода имаат, а им носат гардероба. Ама, затоа, другари мигранти, запомнете го старото, балканско правило. Ќе се најадете само кај сиромашните. Кога одите кај богатите на свадба, најадете се пченкарниче, како последно да ви е. Освен во случај да се протнете низ бодликава жица и да влезете в логор. Тогаш, меѓутоа, демне друга опасност. Да станете Зоран Милановиќ или Виктор Орбан.

Но, сите граници на пристојност ги надмина хрватскиот премиер, однесувајќи се како Гручо Маркс на хрватската политика. Си сметаше убавиот Зоки дека со мобилизацијата на патриотите ќе го достигне Карамарко и ХДЗ. Кога не знаеш како да ги добиеш изборите во Хрватска, распали по старите, крвни браќа, Србите. И, убавиот Зоки ја намали разликата во однос на ХДЗ. Се здружи и со генералот Анте Готовина, некогашниот келнер, па подофицер – легионер, прекомандуван во Хрватска, како генерал. Готовина ја спроведе операцијата „Олуја“, кратко време престојуваше во Хаг, па сега ординира низ Хрватска, како подвижен споменик. Келнер, унапреден во генерал, во најмладата земја-членка на ЕУ!

Овојпат Србите мајсторски одговорија. Не помрднаа ниту еден тенк, туку ги помрднаа мозоците. Го пуштија убавиот Зоки тотално да се загуби во патриотизмот што го запоседна, та од Брисел итно му наредија на Загреб да прекине со глупирањето и да ги ослободи граничните премини.

За прв пат централата на ЕУ во Брисел застана на страната на земја-кандидат, што е во спор со земја-членка. Не е тоа некаква особена утеха. Колку пати порано сме биле во право, а на светот не претставувале како колективни манијаци. Барем, нештата почнаа да се менуваат. Како да живееме во џиновска центрифуга, што толку силно се врти и го забрзува времето, па, сега се чини дека поминала цела вечност откако го напишав последниот текст за akademik.mk. Што, во меѓувреме, се случило? Зајакнала волшебната Исламска држава, Куба се смирила со Америка, Иран не е повеќе оска на злото, а Србија станала фактор на стабилност во регионот…

Има некаква историска правдина во тоа што ние –  прогласени за абортус на Европа – толку сме сиромашни, што и мигрантите не се толку забегани за да се населат овде. Тоа се привлечностите на глобализацијата и дигитализацијата на овој проклет свет. Ќе отчукаат мигрантите на Гугл „Србија“ или „Македонија“, па кога ќе видат каде пристигнале, бегаат што подалеку одовде. Бегаат кон оние, кои што не направија вакви! Што е тоа што сакам да го кажам, по извесното отсуство од мојот омилен, македонски портал? Што сакам да порачам од Белград, откако сфатив дека многу ми недостигате? Само две нешта: дека светот се превртил наопаку и дека е прашање на време кога ќе падне на глава.

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Фото: Наке Батев Објавено: 30.09.2015