Тајната љубов меѓу Србите и шеикот: Вучиќ лебди над белградската вода

Како идниот премиер, Александар Вучиќ, го започна прекрасното пријателство со шеикот од Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед? Од каде толкава, ненадејна љубов меѓу Србите и Арапите, поради која солзи проронија нашите муслимански браќа од Босна, прашувајќи се што е тоа  што шеиците го најдоа  во православната Србија? Својата победничка кампања за парламентарните избори и за изборите за градоначалник на Белград, Вучиќ, всушност, ја базираше врз мегапроектот „Белград на вода“. Искусниот политичар, кој што од омилен Шешељов младинец се трансформираше во Европјанин, толку им верува на шеиците, што во нив ја вложи сета своја политичка иднина. Имено, борбата против корупцијата е основа на политичката победа на Вучиќ,  ама, со таа борба може да се манипулира, нештата може да се спинуваат… Проектот „Белград на вода“, меѓутоа, е премногу опиплив. Вреден е три милијарди долари.

Проект: „Белград на вода“

Додека ербасовиот авион на „Ер Србија“ ја надлетуваше пустината, се прашував како дојде до ненадејната љубов меѓу Србите и Емираќаните. Во далечината се наѕираа светлосни снопови, како урнебесна, раскошна играчка, врз која требаше да слетаме за неколку минути.

Службите за безбедност на аеродромот во Абу Даби беа ригорозни. Ми се загледуваа во зениците, веројатно и карактерот ми го скенираа, додека претходно, во Белград, во документите морав да ги наведувам имињата на прадедовците, прабабите, прапрачичковците и праправујковците… И тука не беше крајот. Ни случајно! За да ја добијам визата за патување во Обединетите Арапски Емирати, морав да го пребарам блиското минато, се до мајмуните, ако ми верувате.

Ама, патот за Абу Даби вредеше за сите маки и допишувања со заборавените роднини. Овој град е „временска капсула“. Сегде околу него е – иднина. 

На излезот од аеродромот, на паркингот, беа наредени бели ролс-ројсови „фантоми“, та, јас, инфантилно си се занесував дека од некој од нив ќе излезе ориентална убавица и дека ќе ми заповеда да седнам на задното седиште и да замолкнам.

Но, топки! Ме чекаше нов „Ауди 6“ со мустаклест возач, кој ме префрли до хотелот. Додека молчеливиот, мустаклест возач ме возеше, размислував како не би се помрднал одовде. Резервите на нафта на Абу Даби, еден од седумте, обединети емирати и најбогат со „црното злато“, ќе траат уште 150 години, ама, шеиците нема да го чекаат „крајот на светот“. Амбициите на Абу Даби досегаат до небото: ја  гледав огромната, триаголна градба со светлоцрвен покрив, со пречник поголем од 700 метри, среде кого што, на жолта подлога, се наоѓа црн коњ, најголемиот лого што „Ферари“ го има изработено во неговата историја.

Секоја година, како во грозница, Абу Даби го чека циркусот „Формула 1“. Од компјутеризираната хотелска соба ја набљудував патеката по која се вози за Големата награда на Абу Даби. Хотелот „Вајсрој“ е изграден на „островот“, во кругот што го обликува совршената патека, опкружувајќи го како големо змииште. Болидите на „Формулиниот“ карван  рикале и цвичеле, испуштајќи молњи и громови под светлината на ноќните рефлектори, со години наназад.

Се разбира дека немав поим  каде ќе ноќевам, се до излегувањето од возилото, дочекан како аџија. Дошетав, со уште неколкумина колеги од белградските редакции, до патеката. Браќа, бре, само неколку метри ме делеа од патеката на Формула 1!

Во близина се наоѓаше некој вид на забавен парк, „кула на брзината“, што пружа единствена прилика да се почувствуваат гравитационите и другите сили што владеат во кокпитот на Формула. Во посебно дизајнирани седишта, прицврстен со појас, обичниот смртник е лансиран 62 метри во височина, кон ѕвезденото небо. Целиот празник е проследен со парада на најголемите светски јахти, што вплувуваат во „Ферариевата“ футуристичка, пустинска експозитура.

Спонзорството на гран-при не само што привлекува повеќе милиони гледачи од светот, туку ја зголемува и продажбата на билети на авиокомпанијата „Етихада“, новиот партнер на „Ер Србија“.

Тешко е да се замисли дека се до пронаоѓањето на нафтата, во педесеттите години, Абу Даби и Дубаи биле рибарски места, познати по вадењето бисери. Но, иако припаѓаат на генерацијата што е катапултирана во богатство, локалните шеици, во беспрекорно бели „дишдаши“ и во виолетови  „ламборџини“ или бели „ролс-ројсови“, не бегаат од традицијата на бедуинските претци.

Ги обожаваат трките со камили. Ги покажуваат соколите, чии глави се покриени со кожни капчиња украсени со благородни камења, вредни повеќе стотини илјади долари.

На идниот премиер на Србија, Александар Вучиќ, се чини дека му беше многу важно да ја видиме Абу Даби, земјата на неговиот нов побратим. Како, вопшто, Вучиќ, го започна прекрасното пријателство со шеикот од Обединетите Арапски Емирати, Мохамед бин Зајед? Од каде толкава ненадејна љубов меѓу Србите и Арапите, поради која солзи проронија  нашите муслимански браќа од Босна, прашувајќи се што е тоа  што шеиците го најдоа  во православната Србија?

Како се случило Вучиќ прв пат да го сретне шеикот Мохамед? Препораката ја дал поглаварот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, а на првата средба во Абу Даби присуствувал и Млаѓан Динкиќ, тогашен потпретседател на владата на Србија, тип кој што од 5 октомври беше задолжен за водењето на економијата. Млаѓа како Млаѓа, уште во текот на вечерата почнал да зборува за пари, па шеикот благо се повлекол, отстапил, помислил, еве уште една екипа која од дното на Европа сака да се почеша со арапски пари.

Вучиќ ја забележал скепсата на шеикот, го „шутнал“ Млаѓа под масата и тргнал да прикажува за филозофијата, за животот и за – фудбалот.

Вучиќ, всушност, во младоста бил жесток навивач на Црвена Ѕвезда од Север, Делија кој патувал ширум светот, додека шеикот најголемите светски, фудбалски натпревари ги следел од свечена ложа. А, сепак и Вучиќ и шеикот заедно дошле до истата тема – до Манчестер Сити.

Имено, во последните две децении во англискиот фудбал доминирал еден тим од Манчестер – Јунајтед. Салата за трофеи на Сити била сеништно празна. А потем, во септември 2008, една делегација од Абу Даби го променила не само Манчестер и Англија, туку и глобалниот фудбал. Сопственик на Сити станал шеикот Мансур бин Заид ел Нахајан, заменик на премиерот на Обединетите Арапски Емирати. Авиокомпанијата „Етихад“ склучила договор за спонзорство вреден 610 милиони долари и од Сити направила еден од најбогатите клубови на светот  и последен првак на Англија.

Знаејќи го сето ова, Вучиќ се понадевал дека, по истата логика, шеиците ќе влетаат во српскиот шеснаесетерец. Обезглавената српска еконимија барала инфузија, шеиците во Европа барале експозитури богати со храна, вода и можности за инвестирање. Вучиќ и шеикот на таа вечера се зближиле, па веднаш по неа, шеикот го испратил до хотелот каде што Вучиќ отседнал: во „Емират Палас“, на кого што шеикот спискал околу 4,5 милијарди евра! Кратко после тој состанок, следеле низа средби и меѓудржавни посети. Потоа, Вучиќ гостувал и во куќата на шеикот Мухамед, што во арапскиот свет претставува голема чест, што не се укажува ниту на најголемите светски лидери.

Набргу потоа, Арапите станаа сопственици на 49% од „Ер Србија“. Го снема легендарниот ЈАТ, кој беше струполен во огромни загуби, а старите, златни боинзи 737 беа заменети со поновите, ербасови авиони.

По ова, Вучиќ својата кампања за парламентарните избори и за изборите за градоначалник на Белград, всушност, ја базираше врз мегапроектот „Белград на вода“. Искусниот политичар, кој што од омилен Шешељов младинец се трансформираше во Европјанин, толку им верува на шеиците, што во нив ја вложи сета своја политичка иднина. Имено, борбата против корупцијата е основа на политичката победа на Вучиќ,  ама, со таа борба може да се манипулира, нештата може да се спинуваат…

Проектот „Белград на вода“, меѓутоа, е премногу опиплив. Му припаѓа на футуристичкиот свет на Емиратите и подразбира изградба на кула што ќе биде висока најмалку 210 метри. Проектот подразбира изградба на хотели, деловни простори и видиковци со ексклузивни ресторани, а конечното решение ќе биде избрано заедно со партнерите од Емиратите. На левиот брег на Сава ќе биде подигната капија, која со кулата ќе биде поврзана со пешачки мост. Огромните зелени површини и водата ќе му даваат ексклузивност на целиот простор. Сега, брегот на Савскиот театар, од Бранковиот до Железничкиот мост, е резил за Белград. Него го сочинуваат стари пруги, одамна напуштени магацини и расходувани остатоци од некогашната славна, стопанска, речна флота на Југословенското речно бродарство.

Освен стаклената кула, се планира изградба на шопинг–мол, најголем во југоисточна Европа, со површина од 200.000 квадрати. Ќе се протега од новата, „емиратска кула“ кон мостот Газела и ќе излегува на брегот. Мухамед ал Абар, сопственик на светски познатата компанија „Емар пропертиз“, рече дека во „Белград на вода“  ќе вложи дури 3 милијарди долари!

Ќе биде ли новиот, белградски, воден свет, најголемата градежна  инвестиција во Европа, само приказна од 1001 ноќ? Ќе биде ли Вучиќевите ноќи или реалност, која  Белград и Србија ќе ги претвори во Кан на европскиот исток? На оваа, рајска приказна Вучиќ ја базираше својата убедлива победа. На оваа приказна, доколку не се оствари, тој може и да потоне, затоа што веќе по две години ќе стане јасно дали вкупната железничка и крајбрежна инфраструктура од времето на соцреализмот ќе биде тргната, за да може, врз старите темели, да се изгради новиот, српско – арапски свет на егзистенција и благосостојба.

Ќе се подигнат ли нова зграда на операта, ексклузивни апартмани, мини – марина за макси јахти? Ќе никнат ли вештачки острови?

Се возам по булеварите на Абу Даби, со по шест – седум ленти во еден правец. И додека автобусите на јавниот сообраќај имаат безжичен интернет, жената на јавно место смее да се појави само ако е придружувана од мажот или од близок роднина. Никогаш сама. Дел од исламската традиција.

Но, по заоѓањето на сонцето на хоризонтот, ги гледам стотините кралици на ноќта, проститутките дојдени од целиот свет, од сите раси, кои ги освојуваат ноќните клубови. Вдолж патот начичкани се резиденцијални вили, опашани со високи ѕидови. Некои од нив ги чекаат богатите купувачи од нафтениот или од финасиско–корпоративниот свет. На местото на некогашната пустина направено е раскошно шеталиште, крај кое се протега песочна плажа, подолга од осум километри.

Хај–тек западната архитектура на светликави, стаклени палати на глобалните мегакорпорации е измешана со градежната, филигранска ориенталистика. Не залудно, загледувајќи се во ѕидовите на тунелите декорирани со најскапи плочки, посакував мојата бања да потсетува на подземниот свет на емиратското царство.

Стоев на местото на кое, неодамна, на славната поп ѕвезда Ријана учтиво и било речено да престане рекламно и кокетно да се фотографира во дворот на Големата џамија на шеикот Зајид, основач на ОАЕ и визионер на развојот на Дубаи и Абу Даби.

Шеикот Мухамед, пријателот на Вучиќ, не ги жалел петро-доларите за да изгради монументална градба со џиновски лустери, украсени со „сваровски“ кристали.

Рајските, нафтени градини на ОАЕ, минатата година оствариле приход од околу 140 милијарди долари. Нивните сегашни девизни резерви изнесуваат околу 630 милијарди долари. Абу Даби има доминантна улога во емиратското братство, затоа што го држи лавовскиот дел од резервите на нафта и гас, 87% од територијата и 43% од населението. Вложувањата на стивнуваат. Среде пустината на Абу Даби се крева „паметниот град“ Масдар, што на арапски значи „извориште“. Дизајниран како еден од самоодржливите градови во светот, ќе обезбедува енергија со помош на соларни електрани и електрани на ветер. Во градот на иднината, се, од водата до сметот, ќе се премерува и ќе се следи. Ќе биде тоа град со забрана за автомобили, ама, опремен со систем на електричен јавен превоз.

Се предвидува дека во Масдар ќе живеат 40.000 луѓе и дека околу 50.000 секојдневно ќе доаѓаат на работа. И додека критичарите  тврдат дека тоа е само уште една од заливските енклави наменета за богатите, шеиците тоа го порекнуваат. Дебатите на оштествените мрежи, кои полека го менуваат карактерот на авторитарното владеење, на големо се во тек.

Ваквиот Абу Даби е планетарен магнет што еднакво ги привлекува берзанските стручњаци од Запад, програмерските генијалци, работниците од Индија и од Пакистан, Филипинките, како куќни помошнички…

 Ќе ја искористи ли Србија својата шанса, после авио-партнерството со „Етихада“ и со шеиците, кои нивните деловни односи ги засноваат врз посебен кодекс на бедуинската чест?

Од хотелот ме испратија со подарок – фудбалски дрес на Манчестер сити. Глобалните зони на спортот станаа плодно тло на корпоративното спонзорство на богатите компании од Емиратите. Најпознатиот симбол на оваа, нова ера е токму Манчестер сити.

Кога следниот пат ќе дојдам во Абу Даби, ќе добијам ли дрес, ама, во црвено-бела боја, бојата на Црвена Ѕвезда? Ќе стане ли Вучиќ емиратски пратеник, кој ќе лебди над белградската вода? Или, сето ова ќе постане уште една во низата бајки што им се понудени на Србите? Ајде, да не баксузираме и да почекаме. Впрочем, Вучиќ има видено доволно споменици на промашените илузии, изградени од лажните ветувања на неговите претходници. И, знае како тие поминаа поради тоа.

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 02.04.2014