Топлификациони уставноправни народни приказни

Во согласност со новите фолклорни мотиви за штркот и лисицата како изворен атрибут и ехо на апсурдот на облигацино-правните односи во Македонија, а препознаени во одлуката на Уставниот суд за плаќање на услуга која не ја добиваш, но учествуваш во неа преку визуелно-метафизички перцепции, одредени деловни односи уставноправно се прошируваат со следните императиви:

  • Граѓанинот треба да му плати дел од електричната енергија на соседот затоа што дел од светлото навлегува во неговиот дом, како и заради климата која маневрира со воздухот кој директно го лади или топли соседот. Во случај на дефект на климата граѓанинот треба да му плати на Ал Гор како најголем експерт за клими.
  • Граѓанинот треба да го плати бурекот на другиот граѓанин затоа што погледнал да види што купува и му изел дел од бурекот со поглед.
  • Граѓанинот треба да му плати на другиот граѓанин дел од аранжманот во Грција затоа што ќе гледа снимки од плажи на телевизија и слики на „фејсбуко“ што и тој преку слика оди на одмор дотолку повеќе што денешната технологија и реклами за телевизори те телепортираат на лице место.
  • Граѓанинот треба да плати крстарење во Охрид – се возел во такси и се крстел со што се зајакнува верскиот туризам и уставно загрантираните права на вероисповест.
  • Граѓанинот во ЈСП треба да им плати дел од бензинот на возачите на автомобили затоа што ќе гледа од прозор како ги возат со што и тој директно учестувува во возењето со поглед и пцуење кога има гужва на асфалтатот.
  • Граѓанинот треба да плати дел од сметката за вода на соседот затоа што водата на соседот испарува и кога врне паѓа и во неговиот двор.
  • Граѓанинот треба да му плати на Универзумот за сончевата енергија затоа што ништо не е за џабе на овој свет, а Универзумот е материјалист бидејќи во борбата на материјата и антематеријата победила – материјата од каде што и произлегува римската уставноправна максима „светот отиде у материну“.
  • Граѓанинот треба да му плати на другиот граѓанин затоа што се освежувал кога го гледал базенот во двор на соседот со што ги нарушил космичките баланси на „ба зен“ будизам и предизвикал грубо прекршување на уставните права на духовен и писхофизички интегритет на личноста.
  • Граѓанинот треба да му ги плати ракиите на другиот пијан граѓанин во кафеана затоа што и да пиеш не е лесно со што ќе се испочитува начелото на општествена одговорност, солидарност и етика загарантирани во Уставот.
  • Граѓанинот што чека на бербер треба да му плати на другиот граѓанин кој се пострижувал пред него затоа што неколку пати погледнал до каде е работата со што го нарушил неговото достоинството и приватен интегритет.
  • Граѓанинот треба да му плати на соседот ТВ претплата затоа што кога соседот пушта телевизија овој може да слуша иако не може да гледа, но може да создаде визуелна перцепција бидејќи и онака телевизиите вадат работи од нафталин, а во вестите провејуваат исти ликови со децении.
  • Граѓанинот треба да им плати на Македонски Шуми затоа што слушал крај шумат шумите.
  • Граѓанинот треба да и плати на Турција затоа што пие турско кафе.
  • Граѓанинот треба да му плати на државниот слубеник зошто клател врата, а  клатењето предизвикало струење на воздухот со што граѓанинот се освежувал додека чекал ред на шалтер.
  • Граѓанинот да му плати на банкарскиот службеник за утринските физички вежби со источни влијанија и јога-сексуални елементи познати како „Камата Утра”.
  • Граѓанинот треба да му плати на другиот граѓанин што го лажел и мамел со години кога го прашувал „Како си“ кога ќе се сретнеле, а овој лажно му одговарал со „Добро сум“.


Објавено: 08.07.2013