Упатство за одредување притвор

Колку што успеав да разберам од расправата по Правилникот за начинот на одмерување на казните, истиот се носи за да не се сетат Власите. Значи постои законско решение кое наметнува дека судот треба да работи во насока на воедначување на судската пракса, доколку за тоа има потреба. Обвинителите сметаат дека и тоа како имало потреба, зашто за исто кривично дело, сторено во слични околности и од лица кои имаат слични својства Скопска „единица” ќе те заремпа од петка погоре, Гостивар во солзи ќе ти даде две години, а Штип те ослободува и музиканти ти плаќа да те пречекаат пред судот. 

Веројатно поминувале години за појава на овој дисбаланс меѓу правосудните работници кои мене ми се чинат како најдобри другари од средно школо кога ќе ги видам заедно. Имено, доволни ми се петте-шест застапувања на клиенти во кривични постапки за да видам дека обвинителот задолжително доцни на претрес и влегува откако со судијата ќе го испијат кафето кај него во канцеларија, обвинителот задолжително најмалку го познава и брани предметот од сите во судницата, но судијата совршено го разбира неговото молчење, значи скоро идилична хармонија во сите важни кривични процеси со години наназад. Не се сомневам дека во таква хармонија се и обвинителите и судиите во Гостиварскиот и Штипскиот суд. Само тие се совпаднале во идила на пониски бројки, петката е двојка, двојката е условна, условната е со трубачи и музика во Штип.

Колку што ја разбрав изјавата на првиот обвинител, тој е за воедначување на праксата кон поголемите броеви. Значи казните од „С“ и „М“ да одат кон Екстра Ларџ или уште погоре. Арно ама, Врховен не мисли така. Не дека не се слага, туку не им се фаќа таа работа баш овие години, работат на друг дел од реформата и сега кој ќе се замара со Штип и Гостивар. Па и така работите би завршиле во Врховен, таму се „воедначува” праксата. Веројатно затоа работната група се решила со „нежен шамар“ да му шепне на Врховниот суд дека нешто ќе мора да сработи. Пазете, со Правилник ќе се воедначуваат казните. Значи, како на шалтер во банка. Ви иде слична ситуација, отворате страна два, точка три и викате: донеси извод од умрени, не постар од два месеци! Односно пардон: четири години затвор, одземање на имотна корист, надомест на штета. Ама, штета овој вториот не предјавил, првиот е повеќекратен повратник, за такви ситници правилникот нема место другарчиња. Ќе се одаламува според словото на книжето. Чекај, зар за ова не учевме на факултет? Индивидуализација на казната, усност и јавност на главниот претрес, олеснителни и отежителни околности. Не можеме со правилник да ги прекршиме сите основни начела на кои се темели кривичната постапка во Република Македонија. Главен проблем се разбира не се казните, моето чувство е дека во деведесет отсто од постапките судовите ги одредуваат казните со „слободна рака“, на изненадување на целото правно наследство што се наталожило во светот, на изненадување на целата постапка, одлучувачките факти и изведените докази.

Проблемот е значи многу едноставен: актерите во кривичната постапка не си ја работат работата како треба и никој не успева да се убеди доволно дека за ХХЛ Евра што се земаат треба и ХХЛ работа да се вложи. Оттаму, работата станала податна за Правилник. Ако нејќете да се замарате, тогаш ќе ви пропишеме книжуле и по книжулето ќе се одредува казната. Единствено што ова книжуле не се вика Правилник, туку подобро е да се нарече Упатство. Правилник е интерен акт на една организација со кој се доразработува законот, истиот трпи и норми кои повторно ќе значат слобода во одлучувањето. На пример во правилникот се воспоставуваат критериуми, со пропишува процедура, но не се одредува точно колку ќе изнесува казна во каков случај.

Затоа, подобро е да се направат упатства. На пример добро би било да се донесе Упатство за одредување мерка притвор. Околностите во праксата се исти, монотонија која трае десетина години, а дојде осомничениот кај истражен, овој добива неверојатен нагон да му даде 30 дена притвор. И на шуто и на рогато, трудна жена или маж во најдобри години, убиец е или проневерил триесет авионски карти. Се добива по триесет дена.

Не верувам дека обвинителите за оваа „воедначеност“ имаат било каков проблем, оваа пракса на крајот на краиштата не им го менува образецот по кој ги пишуваат предлозите или обвинителните акти. Но, нивната маленкост адвокатите и уште помалку ништожните клиенти имаат потреба од вакво Упатство кое ќе биде многу едноставно, читко и ќе важи засекогаш:

Точка еден: не се предлага секогаш притвор, читај во законот кога

Точка два: не е секој притвор Шутка, читај дека постои и домашен притвор

Точка три: во ЗКП не постои само мерка притвор, постојат и други мерки за обезбедување присуство на обвинетиот и спречување на соодветно  однесување до започнување на главен претрес

Точка четири: постојат и помали бројки од триесет, синкир не сте почнале школо од четврто одделение 

Точка пет: Да ја прочитаме жалбата против мерката притвор, барем еднаш

Точка шест: жалбата може и да има сериозни правни аргументи, прочитај ја уште еднаш

Точка седум: и обвинетите се странки во постапката

Точка осум: не постои групна мерка притвор

Точка девет: притворот не е казна, како што привремената мерка не е пресуда

Точка десет: притворот може и да се укине, пријателе

Се надевам еден ден ќе почнеме да ги читаме и применуваме законите во духот во кој истите се напишани. Секој ќе си ја врши својата работа, никој никому нема да врши притисок, предметите нема да се оддолговлекуваат, самоцензурата нема да постои, казните ќе се одмеруваат индивидуално, ослободителни пресуди ќе има без разлика на боја, етничко потекло, политичка определба. Едноставно, таа реалност се вика правосуден систем.

Дотогаш – упатства и правилници.

Објавено: 25.02.2014