Време за совршена инспирација

Му препорачав на тимот од АКАДЕМИК да направи правна конференција во Скопје пред околу година и половина. Причината беше многу проста, прозаична и крајно себична: ми дос’ска да читам мејлови од каде-годе дека во Лондон, Виена или Белград се одржува ваков или онаков правен настан, на кој љубезно не канат да бидеме секогаш убаво пречекани гости. АКАДЕМИК како македонски лидер во производство и промоција на неопходни алатки за работа наменети за македонските правници, некако природно е должен да ја преземе обврската за организација на светски релевантен настан пред македонската правна публика.

При структурирањето на настанот пред нас гледавме неколку слики: се сеќавам на времињата кога студиравме и енергијата што ја трошевме докажувајќи еден колега на друг кој има подобро разбирање на одреден правен институт. Голтавме информации за големи судски спорови, се воодушевувавме на постарите колеги адвокати како можат одеднаш и квалитетно да водат стотици предмети, уредно складирајќи ги во својата глава, распоредени по приоритет, важност, време на пристигање на одредени дејствија во секој од предметите. Беше време на сериозни, непрекинати расправи, на секое место и во секое време. Можеме да зборуваме за слабостите на системот и тогаш, особено образовниот, но ние бевме неверојатно инспирирана генерација, од времето што доаѓа и можностите што не очекуваат. Го научивме првото правило: можеш да ми дадеш лимитирани знаења во образованието, но не можеш да ме спречиш сам да се образувам, да одберам релевантна литература, да истражувам на Интернет, кој рапидно го освојуваше правниот медиумски простор.

Многумина од нас и во своето работење покажаа извонрена одговорност да се впуштат во практикување на најсложените форми на правни односи, особено оние модерни форми во економијата, кои допрва стапнуваа на македонско тло. Постојат огромен број на примери кога сложени правни операции биле завршувани од домашни правници, на сосема стандардно ниво и без грешки во процедурите или во заштитата на суштинските комплексни интереси на клиентите. Па било тоа и во спорови поврзани со меѓународни договори, со клаузули кои не сме ги учеле, со дефиниции кои сме морале практично да ги совладуваме, па потоа да ги најдеме во некој учебник по право на некој просечен британски правен факултет.

Може една држава да си дозволи рапидно намалување на образовните стандарди, бајати програми и препишување на Болоња или штогоде друго во својот систем. И тоа од разни причини, иако лично мислам дека причините кај нас се ужасниот недостаток од аналитичност, истражувачки дух, чувство за одговорност, работа по цел ден. Можеме да си дозволиме и да молчиме заради драстичното намалување на предметот на работа низ годините. Но, она што не смееме да го дозволиме е да престанеме да бидеме инспирирани од она што го работиме, да престанеме да се надградуваме, да престанеме да ја бараме и најмалата надеж да дојдеме до правдата и остварување на интересите на нашите клиенти. Не смееме да дозволиме правниците да служат само за верификација на правни факти, затоа што тоа никогаш не било нивното место по природниот тек на односите во кои се впушта определено правно или физичко лице.

Имајќи ги тие слики во предвид, засукавме ракави да направиме правна конференција во Скопје. Конференцијата и инаку е форма на среќавање на луѓе со сличен професионален, етички и културен светоглед. Конференцијата не дава конкретен одговор на одредено правно прашање, туку служи да инспирира, да создаде заедништво на информации, професионалци и визии за некаква иднина. Конференцијата служи да се разменат искуства, по можност светски искуства и да се започне одреден поширок процес на дејствување, процес кој јас го нарекувам ревитализација на правната сцена во Република Македонија.

Самата најава раздвижи многу кругови, поттикна мислечки процеси во нашата заедница. Одбравме светски релевантна тема, недоволно истражена и многу модерна. Одредени сериозни светски адвокатски друштва истата тема ја ставаат во графата на „идни трендови“ на своите интернетски страници. Значи, Скопје за два дена ќе биде дел од светскиот тренд да се разговара за управувањето со правни ризици, ќе помогнеме сите во дефинирање на процеси и постапки за систематизирање и структурирање на параметри според кои ќе се мери веројатноста од добивање или губење на спорови. Едноставно, ќе придонесеме сите да се заврти тркалото во спротивната насока и правниците повторно да се вратат во сржта на функционирањето на организацијата или општеството.

Оттука, неверојатно задоволство е што за конференцијата се пријавени сите драги колеги кои ги знам и верувам дека се најдобрите правници во државата. Пријавени се најдобрите компании, најсовесните организации, најнапредните органи на државната управа, најсовесните и најнадарените колеги адвокати. Чувствувам огромна поддршка и препознавање на она во што конференцијата може да прерасне: регионален настан за средба на најдобрите правници од регионот.

Предлагам со право да очекуваме сите ние дека говорниците на конференција ќе дадат се од себе да ги споделат своите најдобри искуства и истражувања со нас. Ќе отидат чекор понатаму и ќе копаат метар подлабоко во своите анализи и истражувања и ќе ни пружат светски релевантни правни информции.

Летвичката мораме да ја ставиме високо, многу високо, да ти е непријатно еден ден да помислиш да се пријавиш за настан кој има пониски стандарди. Едвај чекам да почне.


Објавено: 21.10.2013