Животот на другите

Индивидуалната интимизација и злоупотреба на правото и човековите права во „културна“ смисла најдобро може да се согледаат од безмилосниот цинизам на некои писатели за кои осамнаа досиеја за денунцијација на други писатели. Практично, во таа романсиерска интимизација на животот на другите, цинизмот на литературата е евидентиран во – полициски белешки.

Опскурен спој на прераскажување на животот на другите, но не во литературен запис, туку во конкретна, реална и дегутантна белешка како краен дискурс на интимистичкиот лукративен сеир промовиран за лични бенефити, а за нечија друга девалвација. Тоа е литературно четиво на кршење на човековото право преточено во безмилосен запис и хроника за нечиј туѓ живот.

Системски магичен круг во кој човековите права и слободи се ставени на олтарот на уметноста под пресијата на нечовечноста и силата и од чијашто кодошка муза се изникнуваат полициско-литературни хроники за смртта на искрената уметност и нејзината смисла. Тоа говори за самата архитектура на историскиот пишаниот збор и нејзиното приклештување во полициските пранги, нивното разнесување од креативната срж во темните вилаети на помрачените умови на уметноста.

Имануел Кант ќе рече дека нема ништо поважно за него од моралниот закон во него, а тој морален закон, секако, е основен супстрат на секоја  правна филозофија, право и културно право – бидејќи, меѓудругото, писателски да се опишува времето во кое живееш, а паралелно да го опишуваш животот на другите на полициска хартија значи предавство на креативната писателска кауза, на моралниот закон во себе и се разбира – на човековите права и слободи. А, токму таа слобода е фундаментот на секој литературен искон и по дефиниција значи повик за критика кон се што предизвикува автонцензура на слободниот збор.

Но, македонскиот културно-литературен простор ни приопшти поинаква вистина. Тоа е вистината за кршењето на човековите права на писатели од страна на писатели, една прилично иритирачка информација за градењето на некои сегменти на македонската литература и уметност – токму поради хипокризијата на моментот. Во еден од поуспешните филмографски проекти со прецизен и силен налов „Животот на другите” се опишува животот на еден писател под будното око на полициските источногермански комунистички служби. Она што како поента ни го посочува филмот е внатрешната борба на писателот кон целиот бестијален систем и режим олицетворен во ладнокрвниот цинизам на инспекторот жеден за интимизирање на писателскиот живот и неговата груба банализација на животниот детаљ. Но, таа улога на германскиот писател како парадигма за фрлање во противправното буниште на тоталитарниот код е минимална во однос на реaлната денуцијанска „филмографија“ од македонска провиниенција и продукција.

Компаративно, во македонски контекст, таа прераскажувачка функција не е доделена на инспектор, напротив – на раскажувачот, на писателот, на оној  што твори и создава зборови. Имено, интимизацијата е доделена на креативецот на зборот кој мора да го следи другиот писател, оти тоа е суштината на „полицискиот роман“ за животот на другите – кој нему понатаму ќе му донесе слава и успех бидејќи позитивно ќе биде рецензиран од „талентите на зборот од службите“, како врвен арбитер за рецензија на уметничка вредност.

Тоа е иронијата на постоењето на самиот уметник – да работиш за тајните служби како писател, имено, писателски да го споделуваш со полицијата секој чекор на лицето кое си го одбрал за денунцијација. А, суштината и мисијата на постоењето на писателот е да биде адвокат на човечкото и човековата судбина, а не егзекутор на човековите права фрлени под нозете на полициската судбина што раскажува интимни делови од животот на друг човек и уметник. Во тоа е и целиот парадокс на личната уметност на овие писатели. Тие наоѓале инспирација во животот на другите и правеле блескави „литературни полициски белешки“ со ненадмината аксиолошка компонента на ладнокрвниот цинизам и дволичност. Паралелно објавувале книги во кои  емотивно опишувале страдање на луѓе, на геноциди, на нарушени човекови права и борба за лична слобода. Воскликнувале како уметници против теророт на секоја феноменолошка поставеност на узурпација на слободата, а истовремено го содавале патот за прогон на други писатели во амбисот на литературното убиство и менталниот затвор на креативноста. Всушност, се опишувале себе во тие прикажани параметри на негативни ликови и системски осцилации на  силата.

Не постои ништо што поадекватно ќе ја објасни параноидната практика на одземање слободи и права како уметност создавана под пресија на кршење на човекови права. Контаминираниот културен простор со шифри, досиеја и инфилтрирана полиција е доволен доказ да се сублимира фактот за големите измами во уметноста кои, за жал, се етаблирани од противправниот домен на кршење на човековите права, односно претставуваат еден непристоен опис како од кршењето на човековите права – да се создаде „келзеновски чиста“ уметност…


Објавено: 23.11.2012

Останато од авторот: