/ Прочитано:

2.056

БОГОВ: НБРМ ги контролира трансакциите на банките, нема нелегални трансфери кон земји познати како даночен рај

Народната банка на Република Македонија во доменот на супервизорската функција ги следи трансакциите со странски земји, вклучително и со Панама, во рамките на редовните непосредни контроли на работењето на банките, и тоа од аспект на почитување на Законот за девизно работење и Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Тоа не го прави дневно бидејќи тоа не е во духот на супервизорската функција. Народна банка не одобрува или забранува поединечни трансакции.

Димитар Богов, гувернер на НБРМ

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ги следи информациите што излегоа во светските медиуми, а кои се поврзани со протекувањето на 11,5 милиони документи од адвокатска фирма од Панама која, според наводите, посредувала при формирањето на офшор-компании.

Од Обвинителството велат дека во моментов немаат преземено активности, но потенцираат дека соработуваат со сите македонски органи чија основна надлежност е токму откривањето на кривичните дела поврзани со финансискиот криминал. Тие се должни да го известат Јавното обвинителство  за активностите преземени од нивна страна, додаваат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Народната банка на Република Македонија во доменот на супервизорската функција ги следи трансакциите со странски земји, вклучително и со Панама, во рамките на редовните непосредни контроли на работењето на банките, и тоа од аспект на почитување на Законот за девизно работење и Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Тоа не го прави дневно бидејќи тоа не е во духот на супервизорската функција. Народна банка не одобрува или забранува поединечни трансакции.

Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, вели дека во билансите на Народната банка се појавуваат држави кои се познати како даночен рај во кои има одлив, но и прилив на средства од Република Македонија, но дека таквите трансфери се целосно легални.

„На такви дестинации има прилив, но има и одлив на финансии како и кон сите други дестинации. Одливите што се случуваат се секако направени преку банкарскиот сектор и тие се целосно легални. Народната банка врши контрола во банките, ги проверува трансакциите и доколку открие неправилности, банката сноси сериозни последици. Сите банки се придржуваат кон регулативата и тие во платниот промет со странство целосно мора да ја почитуваат постојната законска регулатива околу платниот промет со странство и девизното работење, така што, прво, јас не верувам дека некоја банка би се впуштила во вакви трансакции, бидејќи тоа би било погубно за самата банка, за менаџерите и за акционерите во таа банка, а второ, кога Народна банка контролира, еднаш годишно ги контролира сите трансакции и за секоја трансакција која е неправилна има остри санкции кон банките“, вели гувернерот Богов.

Во согласност со Законот за девизно работење и неговите подзаконски акти, Народната банка, врз основа на избран примерок на клиенти, врши следење на трансакциите од аспект на налогодавачот, корисникот, износот на трансакцијата, основот на плаќање или наплата, соодветната документација којашто треба да биде обезбедена од страна на клиентот при извршувањето на одредена трансакција и сл. Притоа, во согласност со новите интерни процедури, еднаш годишно секоја банка е предмет на вакви контроли, појаснуваат од НБРМ.

nbrm-narodna-banka-na-rm-nbrm.jpg

„Во согласност со Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и соодветниот подзаконски акт, Народната банка ги оценува системите на банките за спречување перење пари и финансирање на тероризам. Тоа го прави преку оцена на соодветноста на интерните акти, софтверските решенија на банките, оцена на адекватноста на анализите на клиентите што ги извршила конкретната банка, како и адекватноста на ризичниот профил на клиентите кои влегуваат во избраниот примерок на клиенти и трансакции, известувањата до органите на банката и службата за внатрешна ревизија. Од своја страна, секоја банка врши следење на трансакциите на тој начин што истите ги доведува во корелација со дејноста на клиентот, неговата финансиска состојба, неговата сопственичка и/или управувачка структура, производите и услугите што ги користи тој клиент итн. Банките на дневна основа ја известуваат Управата за финансиско разузнавање за готовински трансакции, поврзани трансакции, додека доколку врз основа на извршените анализи се стекнат индиции за сомнителност на одредени трансакции, за тоа се доставува извештај до Управата“, велат од Народната банка.

Меѓународната соработка на Народната банка е регулирана со Законот за Народната банка на Република Македонија. Во согласност со овој Закон, Народната банка склучува билатерални договори за соработка пред сѐ во доменот на банкарската супервизија. Со оглед на тоа што ниту една македонска банка нема своја филијала или подружница во Панама, а исто така и ниту една банка од Панама нема своја филијала или подружница во Република Македонија, со оваа земја не е склучен билатерален договор.

Гувернерот Богов додава дека Народната банка нема надлежност да побара документи кои се поврзани со трансакции кон земји познати како даночен рај.

„Не само Народната банка на Македонија, туку ниту една централна банка во светот не може да обезбеди такви документи. Такви документи се обезбедуваат со меѓународни договори и меѓународни спогодби. Централните банки не можат да побараат и да добијат такви податоци. Замислете кога Централната банка на Панама би побарала податоци  од нас за некои панамски граѓани. Има закони што ги регулираат тоа прашање и кои не дозволуваат откривање на лични податоци и банкарска тајна. Има меѓународни договори и спогодби врз основа на кои се разменуваат такви податоци“, вели Богов.

М.С.