/ Прочитано:

619

„Борба против дезинформациите во Југоисточна Европа“ – тема на Генералната комисија за правда на ПС на ПСЈИЕ

Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка во рамките на редовната работа на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа одржа седница во Собранието на тема „Борба против дезинформациите во Југоисточна Европа“.

На почетокот на присутните им се обрати потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој истакна дека соработката меѓу учесничките во Процесот е главна претпоставка за успешен политички и дипломатски дијалог, за забрзување на процесот на европска интеграција, за зацврстување на стабилноста во регионот, како и за понатамошната демократизација на нашите општества.

„Слободата на говорот и слободниот пристап до информации се основни човекови права, а слободното, непристрасно и објективно медиумско известување претставува еден од клучните столбови на секое демократско општество. Дезинформациите не само што ја нарушуваат способноста на граѓаните за донесување на издржани одлуки туку и ја поткопуваат довербата во институциите и во дигиталните и традиционални медиуми. Неопходни се заеднички напори за сузбивање на дезинформирањето и пронаоѓање соодветни решенија за неутрализација на неговото негативно влијание. Но, во одговорот во спречувањето на ширењето на лажни вести треба да се внимава да не се прекрши правото на слободата на користење на извор на информации и слободата на говор, како и да се одбегнуваат мерки и активности кои можат да бидат класифицирани како цензура“, рече Мисовски.

Република Северна Македонија, истакна, се залага за промовирање и поддржување на истражувачкото новинарство и за зголемување на професионализмот во новинарството, како и за обезбедување стабилен и сигурен систем на финансирање на јавниот сервис, како главен информативен систем за понуда на точни, навремени и веродостојни информации за граѓаните.

Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, во своето обраќање посочи дека феноменот на лажните вести го отвори прашањето за иднината на новинарството во дигиталната ера на начин кој е веќе алармантен.

Користејќи ја развиената технологија, дезинформациите ги менуваат нашите општества, предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор. Во регионален контекст, лажните вести кои се насочени кон етничка, политичка и верска нетрпеливост се заеднички непријател на трендот на помирување на земјите од Западен Балкан и нивната конечна европеизација.

Министерот Поповски нагласи дека активната транспарентност е најлош и соодветен непријател на лажните вести и дезинформациите.

„Транспарентноста и пристапот до отворени податоци се изборот на Владата на Република Северна Македонија. Во согласност со своите темелни принципи за транспарентност и инклузивност при донесувањето на законите и законските измени целта на Владата е да се чуе гласот на медиумските професионалци. Ефектите на овие политики даваат резултати: Северна Македонија скокна за 14 места напред на последниот светски индекс за слободата на медиумите на Репортери без граници за 2018 година, и од 109. место во 2017 сега е на 95. место. Ова е најдобар резултат за слободата на медиумите во Северна Македонија во последните пет години. Во претходните мрачни времиња бевме на 123. место“, рече Поповски.

„Клучот е во рацете на новинарските професионалци да се саморегулираат и да се држат до етичките и професионални стандарди. Владите и сите политички субјекти се должни да ги поддржат овие стандарди. Владата пристапи и кон измени и дополнувања на законската регулатива со цел професионализација и департизација на регулаторното тело и јавниот радиодифузен сервис. Во содржината и суштината на предложената измена и дополнувањето се интегрирани препораките на новинарските и медиумските организации кои претходно беа игнорирани, а дополнително ги вградивме и клучните препораки на експертите на Советот на Европа и на ОБСЕ во врска со намалувањето на политичкото влијание врз медиумите, јавниот сервис и медиумскиот регулатор“, додаде Поповски.

М.В