/ Прочитано:

2.193

„Борбата за рамноправност почнува од сопственото однесување“, вели поубавата половина на правниот свет

Петок, 8 март 2013 –  Дека правниот свет во Македонија си има свои „железни дами“ говорат бројните адвокатски канцеларии предводени од жени, тврдокорните македонски обвинителки од организиран криминал, а имаме и прва дама на судството – за првпат на чело на Врховниот суд на РМ застана жена. Денеска се слави меѓународниот ден на жената, од времето на Клара Цеткин и Роза Луксембург положбата на жената несомено дека е сменета, сепак и 93 години потоа, жените сѐ уште се борат за својата рамноправност.

„Положбата на жената во општеството од времето на Клара Цеткин, па до денес, навистина е сменета во позитивна смисла. Денеска веќе во најголемиот дел од светот можеме да кажеме дека половата рамноправност е стварност особено во она што значи формално правен аспект. Но дали навистина во стварноста, жените се рамноправни со мажите, дали можеме да говориме за еднакви можности? Според мене, а и според многу други, на жалост сѐ уште не можеме да говориме за вистинска рамноправност помеѓу половите. Сѐ уште ова е свет во кој мажите ја имаат доминантната улога, но за ова не се криви само тие, напротив сметам дека најголем дел од одговорноста лежи кај нас жените, бидејки наметнатите стереотипи за положбата на жената многу често ги подгреваат и самите жени. За да се надмине ваквата состојба пред се е потребно ние жените да ја промениме нашата свест за самите себе, а кога тоа ќе се случи неминовно ќе се смени свеста и кај мажите, па тогаш веќе нема да говориме дека ова е свет на мажите“, вели адвокат Снежана Калеска-Ванчева која заедно со адвокат Виолета Василева е основач на Адвокатското друштво „ДЕ ЛЕГЕ“, но и претседател на Адвокатската заедница за Град Скопје.

Оваа самоуверена адвокатка која повеќе од една деценија заедно со Василева води една успешна адвокатска канцеларија вели дека во адвокатурата од секогаш се чуствувала рамноправно, иако до пред 20-тина години  оваа професија како и многу други се сметаше за „машка“.

„Јас како жена и како адвокат од секогаш сум се чуствувала рамноправно, а долгите години во професијата којашто до пред 20-на години беше безмалку машка професија ме научија дека борбата за рамноправност почнува од сопственото однесување. Не беше лесно да се почне со адвокатура во такви услови, но предизвикот беше голем, а од денешна дистанца можам да кажам дека жената во адвокатурата зазема значајно место не само како бројка туку и по она што значи квалитет. Но сепак сето ова очигледно не е доволно бидејки сѐ уште жените во адвокатурата го немаат правото место тргнувајќи од нејзиното учество во органите на Адвокатската комора. Нешто слично се случува и во правосудството. Бројот на жените судии на ниво на држава е значајно поголем од мажите судии, но статистиката говори дека најголем дел од претседателите на судови се мажи, а се досега здружението на судии немало жена претседател“, посочува Калеска-Ванчева.

Видно заљубена во својата професија, додава дека истата е најубавата, најслободната и истовремено една од најтешките професии.

„Жената адвокат докажа дека е еднакво успешно, па дури и би рекла можеби и поуспешно се покажа мажите, посебно поради поголемото чувство на одговорност кое што жената го носи во себе поради нејзината природа“, смета таа.

Со Калеска- Ванчева се сложува и нејзината колешка Наташа Трпеноска-Тренчевска која, пак, е на кормилото на едно од најуспешните адвокатски друштва во Македонија „Трпеноски“. Во биографија на оваа дама се запишани и други лидерски позиции – основач и претседател e на Здружението на жени правници на Република Македонија ТЕМИС, но и претседател на Надзорниот одбор на АД „Жито Лукс“ – Скопје. 

„Успешна жена адвокат, менаџер на една успешна адвокатска компанија може да биде само жена која покрај тоа што е добро поткована со знаење,  професионална надоградба,  има и смисла за баланс на приватно и професионално поле. Способноста да се одделат приватниот и професионалниот  живот се клучен фактор. Поддршката од семејството е незаменлива. Во комуникацијата со вработените, контактите со деловните клиенти и носењето на деловните одлуки важна е мудроста, смиреноста, тактиката, упорноста и јасно поставената цел. Овие особини се покарактеристични за жените и затоа по мое мислење има многу успешни жени адвокати, подвлекува адвокат Наташа Трпеноска-Тренчевска.