/ Прочитано:

1.633

БОРИ СЕ ЖЕНСКИ: Правата на жената се загрозени од многу законски измени кои се носат кришум

Последниве години насилно и кришум од јавноста се носат законски измени што ги загрозуваат основните човекови права. Голем дел од тие законски измени директно ги нарушуваат и правата на жената. Ова денеска беше заклучено на трибината  во МКЦ по повод Меѓународниот ден на жената и нејзините права, а во рамките на „Прво па женско“ и „Бори се женски“. Иницијативата „Прво па женско” има за цел да поттикне одново промислување на значењето на 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

На трибината на иницијативата „Прво па женско” се даде критички осврт на позицијата на жените во современото општество, на законодавството кое ги загрозува правата на жената, но и, како што беше потенцирано, на сите засегнати од актуелните политичко-општествени услови. Беше истакната потребата од иницирање нови можни методи на активизам, основани на соработка и вмрежување, и во таа насока се истакнаа и позитивните аспекти од соработката, особено во делот на истакнување на правната аргументација за подобрување на законодавството кое е спротивно на уставните начела.

На трибината говореа Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет на Македонија, Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, Наташа Габер – Дамјановска, судија на Уставниот суд на Република Македонија, Неда Коруновска од „Реактор“, Билјана Гинова од ЛезФем, Сибел Амет и Мери Цветковска од Студентски пленум и Аида Мустафовска од РЕЦ Амбрела.

На почетокот од трибината, Уранија Пировска од Хелсишнкиот комитет за човекови права се осврна на дискриминаторските политики во трудовото закондавство и практика, но и на загрижувачкиот пораст на семејното насилство во македонското општество.

Повикувајќи се на сознанијата и на предметите на Хелсиншкиот комитет, Пировска рече дека во практиката постојат многу случаи во кои се нарушуваат правата на жената, нејзината еднаквост и правото на приватност. Како пример таа посочи дека во голем број случаи при вработувањата на жените им биле поставувани и прашања за планирање на семејството и наместо да се превенираат, тие биле посредно засилени со предлагање законски решенија кои директно оделе на штета на правата на жената и на отстранувањето на негативната практика во однос  на трудовите права. Во тој контекст, таа го даде примерот со предложениот законски модел, според кој деловните субјекти требаа првенствено да исплаќаат надомест за породилно отсуство, наместо тоа да биде на товар на државата. Пировска го елаборираше и прашањето за семејното насилство и истакна дека голем дел од одговорноста за нерешените случаи при семејно насилство, немањето превенција и постоењето на случаи кои резултираат со трагични последици треба да се бара кај центрите за социјална работа.

Уставната судијка Габер Дамјановска, во однос на правата на жената, говореше за нејзиното издвоено мислење за Законот за прекинување на бременоста и даде екстензивен социолошки и правен осврт за ова прашање. Судијката Габер–Дамјановска, како што е наведено и во нејзиното издвоено  мислење, истакна дека жената има неотуѓиво, самоодговорно и лично право на избор во рамките на разумните ограничувања врзани со здравствената етиологија и придружено со соодветни медицински протоколи, потполно слободно и лично да донесе одлука за исходот на својата бременост. Судијката рече дека, во согласност со Уставот, правото на избор мора да се почитува и дека самото вметнување на непотребна административна постапка при одлучувањето за абортусот го нарушува правото на еднаквост на жените. Бројните дополнителни услови и документација што бремената жена има обврска да ги достави, наспроти сите други пациенти кои имаат потреба од некаква медицинска интервенција, фактички креираат дискриминација и отсуство на еднаков пристап.

Дамјановска нагласи дека државата мора да собере сили и повторно да се креира нов партиципативен закон во кој ќе се прифатат предлозите кои се засновани на аргументации, во кој ќе бидат вклучени и субјектите од невладиниот сектор.

Неда Коруновска од „Реактор“ рече дека законодавството и политиките што ги има во македонското искуство се забележуваат и на глобален план и на европски терен. За македонскиот пример таа посочи дека постојат  нелогичности дури и во самата литература што се изучува на медицинските факултети, која се однесува на абортусот. Проблематична е и бирократизацијата на процедурата со што се деградираат капацитетите на здравствените установи задолжени да ја вршат оваа дејност, особено затоа што абортусот во законот се дефинира како медицинска интервенција и со тоа експертизата треба да лежи кај професионалниот кадар, здравствените установи и медицинската фела.

Ирена Цветковиќ од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ говореше за уставните измени во однос на бракот, притоа појаснувајќи како се бореле тие како мрежа да ги истакнат медимуски и правно своите аргументации, особено низ, како што подвлече, небулозната собраниска дебата.

М.В /veljanoskim@akademik.mk

8.3.2015