/ Прочитано:

1.245

Борис Тадиќ денеска сослушан пред истражен судија

Петок, 25 јануари 2013 – Поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ денеска беше сослушан пред истражен судија во Основниот суд 1 во Белград по кривичната пријава која против него уште во 2004 година ја поднесе Ацо Томиќ, пензиониран началник на Управата за безбедност при тогашната Армија на Србија и Црна Гора. Генералот Томиќ го обвинува Тадиќ за негово  незаконско пензионирање од воената служба.

Пензионираниот началник освен против  Тадиќ, кривична пријава поднесе и против Душан Михајловиќ – поранешен министер за внатрешни работи во Владата на Зоран Ѓинѓиќ, Боре Бањац – поранешен шеф на Управата за борба против организиран криминал и Бранко Крга некогашен началник на Генералштабот. Томиќ ги обвинува за злоупотреба на службена положба, односно дека биле вклучени во неговото како што го нарекува „незаконско пензионирање” од воената служба, проследено со апсење за време на полициската акција Сабја во 2003 година, за што помина 100 дена во притвор. Томиќ тогаш беше под сомнение дека бил вмешан во убиството на премиерот Зоран Ѓиѓиќ. Поради неосновано држење во притвор, на екс-началникот подоцна му беа исплатени 6 милиони динари. Томиќ не се појави на сослушувањето бидејќи се наоѓа на лекување, па се очекува тој да биде сослушан на 31 јануари.

„Јас и по 10 години сметам дека е исправна и законска одлуката за отпуштање на Ацо Томиќ.”, изјави Коштуница по излегувањето од судница, јавуваат српските медиуми.

Адвокатот на Томиќ, Горан Петронијевиќ објасни дека апсолутната застареност на постапката ќе настапи на крајот од месец март и почетокот на април.

„Кога ќе настапи застареноста ќе ја тужиме државата Србија, а ако има потреба ќе покренеме постапка и пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.”, изјави Петронијевиќ.

Ацо Томиќ во еден наврат беше осомничен и за криење на српскиот генерал Ратко Младиќ на кој пак во моментов му се суди во Хашкиот трибунал.