/Прочитано:

2.176

„Измените на Законот за Катастарот на недвижности се тежок удар за геодетската дејност“ – М-р БОРИС ТУНЏЕВ, претседател на Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи на РМ

Овој закон најверојатно ќе ја прелие чашата, се првичните зборови на Борис Тунџев, претседател на Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи на РМ, а во врска со најновите предлог измени на Законот за Катастар на недвижности кои се наоѓаат во собраниска процедура, како и за останатите проблеми на оваа дејност, за кои, како што вели Тунџев, неопходна е зголемена популаризација, институционален слух и комуникација.

Предлог законските решенија ни се даваат во „5 до 12“ – ставени сме пред свршен чин

Претседателот на Комората револтирано вели дека еснафот претрпува ненадоместливи штети од однесувањето на креаторите на законските измени, кои симптоматично се дистанцирале од мислењата на геодетите, нешто што, како што вели, веќе преминало во наоправдана практика за сите досегашни законски и подзаконски решенија кои ја регулираат геодетската дејност.

„Пред се тоа е грубо нарушување на иснтитутот јавна расправа за одреден закон. Тоа докажува дека комуникацијата со менаџментот на Агенцијата за катастар практично и не постои, од многу едноставна причина – ниту еднаш не сме повикани кога се предлага и подготвува некое законско решение, а тоа е недопустиво бидејќи ние сме тие кои најдобро ја познааваат проблематиката и материјата“, потенцира Тунџев.

„Вообичаено секогаш сме ставени пред свршен чин и законските измени ни се доставуваат во „ 5 до 12“ или ни се дава една работна верзија по која треба да дадеме мислење, а друга е верзија на законски измени се наоѓа во собраниска процедура“, додава тој.

Тунџев потсетува дека геодетската фела и нејзиниот делокруг започнала како приватна иницијација и поддршка од Светска банка, замислена и реализирана како иницијативен проект, а првичната идеја било да се либерализира пазарот и да се внесе претприемачкиот дух на слободната економија, нешто што е загарантирано и во Уставот, а Агенцијата за катастар на недвижности да биде ориентирана кон професионалните корисници кои ќе бидат сервис на граѓаните.

Ретрограден процес и парадокси

„Сега буквално имаме мешање и централизација на нашата дејност и еден ретрограден процес кој практично значи враќање на состојбите во геодетската дејност од пред 2005 година, бидејќи постојат работи кои се крајно нелогични. Да почнеме од тоа дека овластувањата и недлежностите кои ги имавме во таа насока, а кои првенствено се програѓански ориентирани, со дел од новиот закон од 2013 како и со сегашните законски решенија се враќаат во надлежност на Катастарот. Од една политика на оддалечување на граѓаните од бирократијата и шалтерите, се враќаме пак на тоа. Тоа најмногу ќе го почувствуваат граѓаните, бидејќи нашето функционирање, а и смислата на приватната иницијатива во либерализмот и пазарната економија, практично е тоа – поблиску да се биде до граѓанинот, поадекватно да се одговори на терен, а тоа да биде квалитетно сработено, бидејќи тука нема место за импровизации“.

Тунџев вели дека и самиот однос теренско-канцелариско работење било со прописи наметнато како „проблем“, односно се направил обид да се создаде вештачка диференцијација на „канцелариска и теренска работа“ и според таа изнудена перцепција на работите, геодетите не требале да имаат канцелариска работа која можел да ја заврши Катастарот.

„Тоа е нонсенс. Нашата работа не е само канцелариска, или само теренска. Тоа се поврзани работи и не може да се направи диференцирање во функционирањето на геодетската работа по овој основ. Замислата и законската форма на оваа формулација е апсолутно нелогична“.

Во таа насока, Тунџев додава дека се одземаат ингеренциите на геодетите и тие одат кај Катастарот, иако тие како еснаф предложиле да се оди по принцип на диспозиција на волја на странките и граѓаните, односно да му се остави тоа право на странката да одбере за извршување на услугата дали ќе биде кај овластен геодет или во Катастарот.

„Тежок удар за нашата работа

„Ова ќе биде тежок удар за нашата работа. Се шират и некои тези кои се непримерни и тендециозни во врска со паричните износи, односно за висината на надоместокот за изработка на еден геодетски елаборат. За волја на вистината, но и за јавноста вистински да биде запознаена, податоците кои сме обврзани да ги користиме при изработката на геодетските елаборати, а кои ги купуваме од Агенцијата за катастар на недвижности, имаат цена на чинење која воопшто не е за занемарување. На пример, за услуга и изработка на геодетски елаборат кој по сегашниот тарифник чини 2950 денари, 650 се на сметка на набавка на податоци од Катастарот, односно и ние сме врзани со трошоци кон него, значи и со него сме во деловни релации“, вели тој, кој притоа укажува на друг парадокс.

Имено, како што објаснува претседателот, тие законски се обрзани во Комората да имаат тројца членови од Агенцијата за катастар, што пак е ситуација досега компаративно непозната во ниедно законодавство и европска практика.

„Имаме одлична соработка со регионалните комори, со европските асоцијации, но вакво нешто никаде нема. Ние буквално сме контролирани на секој можен начин. Од организацијата и здружувањето до практичната дејност“, нагласува Тунџев.

Тој потенцира дека и со најновите предлог измени се креира една нелогичност што ќе создаде проблем во праксата – а тоа се однесува на веќе стекнатите овластувања за овластен геодет издадени во периодот од 2005-2008 година издадени од страна на тогашниот државен завод за геодетски работи, сега Агенција за катастар на недвижности кој со оваа законско решение сега ги негира истите.

Забелешки за предложените законски измени

Од Комората до најповиканите институции и Собранието на Република Македонија упатиле и забелешки во врска со предложениот закон.

„Во изминатиот период, апсолутно никогаш до Комората не била упатена покана за учество во работна група задолжена за изготвување на законски или подзконски прописи и решенија. Загрижува и практиката на пример, во работната верзија на Барањето за мислење по работен текст на предлог Закон за изменување и дополнување на Законот за Катастар на недвижности доставен до Комората, никаде не стои членот 65, за да по доставувањето на последната верзија на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности, спорниот член биде вметнат во документот. Исто така, нагласуваме дека во поглед на временските рокови на доставување на предложените законски решенја не обезбедуваат доволен простор за организирање на широка расправа и дискусија на членовите на Комората како би резултирале со давање на конструктивни и објективни предлози. На крајот, доставувањето е сведено про-форма, колку да се запази законскиот рок и тоа секако, е една од главните причини за носење на законски решенија, кои не се во согласност на интересите од приватната геодетска бизнис заедница.

Од сето ова што Ви го го укажуваме, согласно законската процедуа, овој за нас како Комора спорен член 65 од предложените измени на Законот за катастар на недвижности, предлагаме во целост да биде избришан“, стои во забелешките упатени до Собранието на РМ, кои ни ги презентира Тунџев.

За геодетската дејност потребни се многу вложувања и вработувања

Претседателот на Комората објаснува дека за вршење на геодетска дејност потребни се големи вложувања во технологијата, од лиценциран софтвер, до современи геодетски инструменти и опрема која не чини малку, па се до вработување на високостручни геодетски кадри.

„Овој сектор вработува преку 800 луѓе тоа не е мала бројка. Се работи за сериозни фирми, професионалци, кои работат по европски стандарди, затоа и толку вложуваме во дејноста. Со вакви удари кон фелата се плашам дека многу луѓе ќе останат без работа, се откажуваат и поамбициозни планови“, вели тој.

Тој појаснува дека нивниот револт е заснован и на тоа што Комората на геодети воопшто не се повикува, ниту консултира за тековни прашања од интерес за струката.

Проблеми со Тарифникот – Тужба до Управен суд

„Подготвивме предлог Тарифник, го креиравме по сите правно-деловни и економски стандарди – но од страна на Агенцијата за катастар на недвижности исто како и во 2011 година, ни овојпат не се прифати. Сега работиме по Тарифник изработен од АКН кој не ги опфаќа сите позииции за вршење на оваа дејност и кој е изработен врз база на апроксимативни показатели од луѓе кои немаат допирна точка со начинот, потребите и висината на реалните трошоци во функционирањето на една приватна геодетска фирма.

За пародоксот да биде поголем, како што вели, без објективни причини едноставно образложение од страна на менаџментот на АКН овластувањата на Комората, а кои се однесуваат на обично предлагање на Тарифник се одземени со решение на директорот на АКН, и додава дека за таа цел поднеле Тужба до Управниот суд за Решението на Агенцијата за одземање на јавните овластувања на Комората, а кои се однесуваат на донесувањето на Тарифник за кое него се уште нема одлука.

Ова е уште еден од парадоксите во Законот за катастар на недвижности, Државна агенција која во исто време работи и геодетски работи од делокругот на приватната геодетска фела, во исто време врши и контрола на геодетските фирми.

Иницијатива за бојкот и оспорување на целиот процес

Тунџев апелира и посведочува дека работата е, како што вели, крајно сериозна и се работи веќе и за опстанок на целокупната приватна геодетска дејност како и егзистенцијално прашање на околу 800 лица вработени во овој сектор. Се надева дека ќе наиде на слух кај институциите и дека нивниот збор ќе биде валоризиран.

„Во последно време се погласни се барањата и постои иницијатива за оспорување на тековниот процес, во смисла на еснафска и граѓанска неполсушност, а тоа значи престанок со работа и бојкот. Во прашање е егзистенцијата на дејноста. Апелирам добро да се размисли за ова. Секогаш до релевантните чинители даваме соопштенија и предлози, за жал, постои целосен молк. И институционален и медимуски. Само треба да се проанализра добро и да се сфати – ќе останат луѓе без работа, дејноста ќе се понижи и обезвредни, а 85 фирми може да затворат“, загрижено вели Тунџев, кој нагласува дека на ова прашање му треба поголема популаризација, бидејќи гласот на нивната дејност треба да биде слушнат во јавноста, затоа што вистината има и друга страна.


Разговараше: Милчо Велјаноски Објавено: 11. 07. 2014