Наскоро појасна слика за „Детонатор“, оштетениот „Дац“ ќе се соочи со обвинетите
Четврток, 4 октомври 2012 – Дали навистина обвинетите во „Детонатор“ организирано во 3 наврати се обиделе да го убијат оштетениот Драганчо Стоименов во Кочани познат како „Дац“? Утре, кога во големата судница во Основен суд Скопје 1 на пултот ќе застане „Дац“ и ќе се соочи со групата, на јавноста ќе и се појасни сликата кои се добрите, а кои лошите момци од источна Македонија. „Дац“ ќе треба да објасни кој на кого му се заканувал и рекетирал население, со оглед на тоа што обвинетите и адвокатите сигурно се гладни за одговори. Вперен пиштол во глава и директни закани упатени за него и неговата сопруга Јанка Стоименова, стои во обвинителниот акт.
Според наводите од обвинението, сведокот Драганчо Стоименов знаел дека му се спрема ликвидација бидејки во двата наврати кога му биле поставени бомбите, тој бил предупреден дека нешто ќе се случи. Пред да се случи првата бомба на 19 мај 2011 година во Скопје, според исказ даден во истрага вели дека бил запознаен дека се случила средба меѓу обвинетите Игор Горански, Сашко Стојчев, Симеон Михаилов, Јорданчо Михајлов и уште две лица од Скопје, за кои знаел дека едниот од нив работи во Агенцијата за обезбедување „Комета“. Според неговата изјава во истрага тие седеле во рибен ресторан во непосредна близина на Виница и како што рекол планирале негова ликвидација, при што сега обвинетите нуделе од 30.000 до 50.000 евра на лице што ќе се нафати на таков зафат. Сведокот појаснил дека разговорот му бил пренесен од негов пријател кој лично присуствувал на таа средба. За втората бомба што се случи на 13.12.2011 година сведокот на полицијата и рекол дека добил предупредување лично од таткото на Жан Железарски кој му посочил дека обвинетите Симеон Михаилов и првообвинетиот Игор Горански се во градот Дупница за да ја договорат неговата ликвидација.
Вперен пиштол во главата на сопругата на Драганчо Стоименов „Дац“
Според обвинителството, „Дац“ сведочел дека обвинетиот Симеон Михаилов кој сега е во бегство и вперил пиштол во главата на неговата сопруга Јанка Стоименова. Во делот на неговото сведочење стои и дека случајот го пријавил во полиција кај некој инспектор со име Митко Ќосевски, но според неговите тврдења не било ништо преземено. Освен закани за сопругата тој сведочел дека и се заканувале и на неговата мајка преку телефонски пораки.
Организаторите на наводната криминална група според сведочењето на Јанка Стоименова се заканувале на целото нејзино семејство и сите нејзини блиски лица. Во обвинението стои дека за нејзиниот брат, мајката и сестрите, обвинетите и се заканувале дека ќе завршат во сандаци. Во делот на нејзиниот исказ е наведена некоја тепачка која се случила во нивнито кафуле во Градскиот Трговски Центар во Кочани, за Велигден. Според нејзините тврдења во кафулето влегле обвинетите Жан Железарски, Горан Божиновски, Сашко Стојчов, Јорданчо Михајлов и Симеон Михаилов при што почнале да ги расфрлаат масите и столиците, а почнале да тепаат и еден од конобарите…
Обвинетите негираат, со „Дац“ имале одлични односи
Организаторите на групата кои според обвинителството освен што се занимавале со лихварство, перење на пари, нелегален шверц на покер апарати и насилство, тие во три наврати се обиделе да го ликвидираат својот ривал. Обвинетите во судница пред судскиот совет и пред своите роднини и пријатели тврдеа дека се во одлични односи со Стоименов, некои велеа дека воопшто не го познаваат и поради тоа не постои причина зошто би направиле такво дело. Повеќето дадоа алиби за критичните денови кога биле поставени експлозиви во возилото на оштениот. Неколку од нив биле во куќен притвор, а некои од нив биле дома со семејствата.
Предметот се води против 16 обвинети кои беа уапсени во првиот наврат во акцијата на МВР, „Детонатор“, од нив двајца се во бегство. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Во акцијата се запленети 1000 покер апарати, а полицијата сомничи дека станува збор и за меѓународен криминал бидејќи дел од обвинетите биле финансирани од странство.
Во акцијата „Детонатор“ која го стресе источниот дел од државата разрешени се 13 полициски старешини и раководители началници.