/ Прочитано:

1.890

БРИОНСКА ИЗЈАВА: Законодавната и извршната власт не смеат да вршат притисок врз судството

„Извршни органи не смеат да поттикнуваат или нудат погодности ниту, пак, судиите треба да дозволат да прифатат поттикнување или погодности ако со таквото поттикнување или погодностите може да се влијае врз извршувањето на нивната судска служба. Извршните органи мораат во секое време да ја осигурат безбедноста и физичката заштита на судиите и нивните семејства. Овие мерки вклучуваат заштита на судовите и судиите кои може да станат или се жртви на закани или насилство“, се наведува во Брионската изјава.

akad 4

Брионската изјава за начелата на независноста на судството, потпишана од шеснаесет претседатели на Врховни судови во Централна и Источна Европа меѓу кои и претседателката на Врховниот суд на РМ Лидија Неделкова, претставува насока за воспоставување стандарди како за независноста на судството, како една од трите гранки на државната власт, така и за независноста на поединечните судии.

„Овие начела ја претставуваат целосната посветеност на Конференцијата на претседатели на врховни судови на Централна и Источна Европа за владеењето на правото и истите се осмислени да го водат поединечниот судија при извршувањето важни судски одговорности, да го помогнат самоуредувањето на судството, да воспостават основа за меѓусебни односи помеѓу трите гранки на државната власт и да го зајакнат јавното почитување и вреднување на судството“, се наведува во Брионската изјава.

Меѓународниот пакт за граѓански и политички права им гарантира на сите лица пристап до надлежен, независен и непристрасен суд за решавање на граѓански тужби или кривични пријави. Имајќи предвид дека со Општата декларација за човекови права се осигурува дека сите лица се еднакви пред законот и имаат право на еднаква заштита од страна законот, се наведува во преамбулата на Брионската изјава.

„Имајќи предвид дека Конгресот на Обединетите нации за спречување на криминалитетот и за постапување со престапниците има утврдено дека независноста на судството треба да биде гарантирана од страна на државата и дека таквата независност ќе биде составен дел од уставот или законот на земјата. Европската конвенција за човекови права наложува секоја земја потписничка да го гарантира правото на живот, слобода и правото на безбедност на секое лице во рамките на нејзината надлежност, како и другите права и слободи набројани во Конвенцијата, вклучително и правото на правично судење од страна на независен и непристрасен суд основан со закон“, стои во преамбулата.

Брионската изјава ги дефинира независноста и целите на судството, но и именувањето и мандатот на судиите.

„Процесот на избор, именување и унапредување на судии мора да биде транспарентен. Со цел да се обезбеди транспарентност при процесот на избор, законот треба јасно да ги дефинира постапките и објективните критериуми за избор на судии“, се наведува во изјавата.

Во Брионската изјава се наведува дека судиите мора да имаат сигурност во својот мандат, а доколку постои систем на оценување на судиите тој мора да ја почитува нивната независност.

„Судиите може да се оценуваат со цел да се идентификуваат областите во кои тие треба да ја подобрат својата работа и да се утврди кој од нив треба да се унапреди. Оценувањата не смеат да се злоупотребат ниту да се користат како изговор за разрешување на судија“, стои во изјавата.

Понатаму, во изјавата се наведува дека законодавна и извршна власт со која може да се влијае врз судии при вршењето на нивната должност, врз нивниот надоместок или условите или нивните ресурси, не смее да се користи на начин со кој ќе се упати закана или изврши притисок врз одреден судија, одредени судии или судството, како целина.

„Извршни органи не смеат да поттикнуваат или нудат погодности ниту, пак, судиите треба да дозволат да прифатат поттикнување или погодности ако со таквото поттикнување или погодностите може да се влијае врз извршувањето на нивната судска служба. Извршните органи мораат во секое време да ја осигурат безбедноста и физичката заштита на судиите и нивните семејства. Овие мерки вклучуваат заштита на судовите и судиите кои може да станат или се жртви на закани или насилство“, се наведува во Брионската изјава.