/ Прочитано:

1.005

Британка осудена на смртна казна во Бали поради обид за шверц со дрога

Вторник, 22 јануари 2013 – Судот во Бали денеска ја осуди Британката Линдзи Сандифорд на смртна казна поради обид за шверц на 4,8 килограми кокаин во земјата. Адвокатот изненаден од ваквата одлука најави жалба до повисокиот суд.

Сандифорд (56) беше уапсена во мај минатата година при обидот да влезе во Индонезија со летот од Банкок при што во нејзиниот багаж е откриен провокласен кокаин вреден 1,6 милиони фунти, кривично дело за кое во оваа земја се казнува со смртна казна. Во изјава дадена пред судот таа и се извини на Република Индонезија, додавајќи дека никогаш не би се вмешала во вакво нешто, но наводно го сторила тоа бидејќи животот на нејзините две деца бил во опасност. Во исказот на нејзиниот син Елиот пак, што беше прочитан пред судот се вели дека тој верувал дека неговата мајка била принудена на трговија со дрога поради несогласувањата околу киријата што ја плаќа во негово име.

Иако обвинителството бараше затворска казна од 15 години, судиите ваквата одлука ја донеле бидејќи според нив таа го уништила имиџот на Бали како туристичка дестинација и лошо влијаела врз анти-дрога програмата на Владата.

Адвокатот на Сандифорд изјави дека е изненаден од ваквата одлука и најави жалба. Според него ова е многу редок случај, судот да изрече многу построга казна од онаа што ја бара обвинителството. 

Доколку се потврди казната од повисоката судска инстанца во Бали, Британката ја очекува смрт со стрелање.

Индонезија е позната по тоа што ги има едни од најстрогите закони против дрогата во светот. Од 1998 година до денеска 5 странски државјани биле егзекутирани поради криминал поврзан токму со дрога.

Во моментов повеќе од 40 странски државјани се осудени на смртна казна поради слични кривични дела,  но егзекуции немало од 2008 година.