/ Прочитано:

1.582

Британската правна фела предупредува за нарушување на човековите права по „Брегзит“

Во писмо објавено во весникот „Гардијан“, адвокати и правни експерти тврдат дека напуштањето на Европската Унија од страна на Велика Британија може да ги наруши основните права од домашното законодавство, оставајќи ги граѓаните со ниво на правна заштита слично со Белорусија.

Адвокати и правни експерти предупредуваат дека процесот на излегување на Велика Британија од Европската Унија може да ги засегне човековите права во Велика Британија и да предизвика домино ефект низ цела Европа.

Во писмо објавено во весникот „Гардијан“, тие тврдат дека напуштањето на ЕУ од страна на Велика Британија може да ги наруши основните права од домашното законодавство, оставајќи ги граѓаните со ниво на правна заштита слично со Белорусија.

Повеќе од 50 адвокати, академици и професори, меѓу кои сер Џефри Биндман, сер Пол Џенкинс, лордот Лестер и др. во писмото наведуваат дека премиерката Тереза Меј во неколку наврати изјавила дека Велика Британија подобро би функционирала доколку ја напушти примената на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) отколку да ја напушти Европската Унија. Доколку Велика Британија ја напушти ЕУ, тогаш реално е и сценариото за Конвенцијата за човекови права.

ЕКЧП е темел на мирот во Европа по Втората светска војна и имала значајно влијание во растот на демократијата во Источна Европа по падот на Берлинскиот ѕид. Единствено од источниот блок, Конвенцијата ја нема потпишано Белорусија која се нарекува „последната диктатура во Европа” и токму затоа тие ја споредуваат Велика Британија со оваа држава.

Правните експерти со објавеното писмо имаат намера да извршат притисок врз премиерката на Велика Британија за да се почитува владеењето на правото и да се почитуваат човековите права и во случај на излез од ЕУ.

За да стане дел од Европската Унија, секоја држава треба да биде потписник на ЕКЧП која беше инкорпорирана во правото на ЕУ со Договорот од Лисабон. Сегашната ситуација со „Брегзит“ ја крена на нозе експертската јавност во Велика Британија која е загрижена дека може да се намалат правните гаранции кои ги уживаат граѓаните на Кралството и што би се случило доколку се напушти Европската Унија.

Тие понатаму во писмото наведуваат дека се соочуваат со многу реална закана од потенцијална криза на човековите права во Велика Британија и ја повикуваат Европската Унија да го направи правно-обврзувачки нејзиниот потпис на Конвенцијата и почитувањето на Конвенцијата да биде услов за склучување на сите идни трговски договори по излезот од Унијата.

Писмото на правните експерти доаѓа како резултат на кампањата на агенцијата „89up“ која се занимава со правење космополитски кампањи, во која се укажува на стремежот за отворен, плуралистички и демократски свет за сите луѓе.

С. М.