/ Прочитано:

1.666

Бројни активности во рамките на проектот „ACTION SEE“ за транспарентноста која е клучна за владеењето на правото

Во организација на проектот „ACTION SEE – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“, координиран од  Фондацијата „Метаморфозис“, се одржаа обуки посветени на активностите на граѓанските организации и претставниците на медиумите, кои се дел од проектот.

Целта на проектот е зголемување на вклученоста на граѓанското општество и на медиумските организации во креирањето на јавното мислење, во креирањето политики и учество во механизмите за донесување одлуки, како и зголемување на капацитетите на граѓанското општество да адресира чувствителни прашања.

Со истакнување на целите на проектот, на обуката, на која присуствуваа претставници на граѓанските организации и медиумите, беше нагласено дека прашањата на доброто владеење и транспарентноста се клучни за владеењето на правото. Активностите на граѓанските организации и медиумските работници се  посветени токму на овие прашања, со посебен фокус на прашањата за транспарентност, отчетност и отвореност на институциите на централно и локало ниво.

На овие обуки, вели Лилјана Пецова-Илиеска од Фондацијата „Метаморфозис“, која е и координаторка на проектот, граѓанските организации и медиумските работници ги пренесоа своите искуства во врска со реализацијата на своите активности. Исто така, додава Пецова, на обуката се дискутираше за значајни теми во врска со изградба на капацитетите на организациите и предизвиците со кои ќе се соочуваат при имплементација на проектот.

„Обуката е намената за граѓански организации и за претставници на медиумите кои се  партнери во имплементација на овие проекти. Тоа се помали грантови кои се дел од грантова шема што ја развиваме не само во Македонија туку и во регионот, и целта е да се подигнат капацитетите на граѓанските организации и на медиумите кои адресираат теми и прашања од интерес за демократијата и демократското владеење. Темите транспарентност, отчетност и отвореност се суштинските теми на кои се осврнаа во своите апликации за грантови и адресираат прашања од различни аспекти, особено во делот на пристапот до информации од јавен карактер, остварувањето на ова право за лицата со попреченост, потоа адресираат прашања што се однесуваат на комисиите за односи со заедниците во локалната самоуправа, отвореност и отчетност на работењето на државните службеници, односно креирање на планови за застапување и почитување на етичкиот кодекс, итн. Ова се различни теми кои адресираат навистина важни прашања и се поврзуваат со основната цел на проектот. Ова е проект кој се имплементира 4 години и во наредните две години ќе поддржиме повеќе организации кои ќе понудат нови планови за имплементација на нови проекти и нови интересни прашања за кои сме заинтересирани сите како општество“, истакнува Пецова-Илиеска.

„Она што сметаме дека навистина ќе донесе промена се секако резултатите во рамките на нивните грантови затоа што оттаму промената е на повидливо ниво, особено од аспект на подигнување на јавната свест за тоа како се трошат јавните пари“, додава координаторката на проектот, Лилјана Пецова-Илиеска.

Проектот „ACTION SEE – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“, координиран од  Фондацијата „Метаморфозис“, е создаден врз основа на искуствата на партнерите во проектот од сите инволвирани земји, стекнати преку имплементација на проекти на национално, регионално и меѓународно ниво со цел да се зајакнат граѓанските организации за поефикасно и значајно вклучување на процесот на креирање политики.

Прашањата поврзани со корупцијата, транспарентноста, владеењето на правото и доброто владеење постојано се во вниманието на јавниот интерес и перцепција, но сепак постои недостиг од разбирање за овие теми и системски проблеми кои не добиваат доволно покривање од страна на јавноста и медиумите. Во таа смисла, проектот цели кон подигање на важноста на овие предизвици преку овозможување соработка помеѓу граѓанските организации и преку здружени стратешки напори за акцентирање на овие проблеми.

М.В