/ Прочитано:

821

Бројот на несреќи при работа постојано се зголемува

Денеска во Клубот на пратеници се одржа Националната конвенција „Безбедност и здравје на работниците на работното место: национални услови и европски перспективи”. Конвенцијата, посочи  претседателка на Европското движење Милева Ѓуровска, е во рамките на шестата сесија на Работната група 2 (Социјална политика и вработување – Поглавје 19) од Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).

На конвенцијата учествуваа експерти, претставници од организациите што работат на заштитата на правата на работниците, претставници на работодавачите, претставници на институциите и др. На денешниот настан се говореше за  условите за работа со квалитетот на живеење на вработените како едно од прашањата на кои ЕУ им дава особено правно-економско значење, за кои подетално говореше Милан Петковски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа.

Во последната декада, беше потенцирано на конвенцијата, Европската Унија покажува значителен интерес за овие прашања, донесувајќи над 30 директиви. Во моментот се работи на изнаоѓање оперативни планови за имплементација на мерките во државите членки на Унијата.

„Македонската легислатива во однос на прашањата поврзани со безбедност и здравје при работа е во процес на усогласување со европските директиви и стандарди. Клучно за спречување повреди и несреќи на работа е да се почитува и  спроведува регулативата. Исто така, доколку регулативата покажала слабости низ практиката, неопходно е нејзино реформирање“, беше истакнато на денешниот настан.

„Потребна е ефикасна имплементација на Законот за заштита при работа од 2007 година бидејќи реалноста сигнализира дека во нашата држава, и покрај законските одредби, бројот на несреќи при работа постојано се зголемува. Според официјалните податоци, во текот на 2018 година официјалната статистика регистрирала 846 повреди на работните места во земја“, беше подвлечено на настанот.

Сепак, како што додадоа од Македонското здружение за заштита при работа, според нивните податоци и според статистиката што ја водат од 2007 година, секоја година во просек по еден човек неделно гине на работното место.  Од Здружението нагласија дека покрај примената на законските решенија, потребен е соодветен институционален и стручен ангажман во насока на заштита на животите и здравјето на работниците.

Состанок за безбедност и здравје на работниците

Најавено ревидирање на Законот за безбедност и здравје при работа

Единствен систем за собирање податоци за несреќи и повреди при работа препорачуваат експертите

Потребно е усогласување на Законот за безбедност и здравје при работа со регулативата на ЕУ

Уставниот суд укина противуставна одредба во врска со Законот за безбедност и здравје при работа

Преку имплементација на меѓународниот стандард за здравје и безбедност при работа до поголема ефикасност на компаниите

 Поведена постапка за противуставна одредба во Законот за безбедност и здравје при работа

М.В