/ Прочитано:

773

Брзите измени на законите влеваат несигурност кај компаниите и кај граѓаните

Честото менување на законската регулатива и ефектите од промените, особено во даночните закони врз стопанството, најавата за нова глобална економска криза во 2020 година, како и актуелната состојба во сметководствената дејност беа во фокусот на прес-конференцијата на Комората на сметководители во Сојузот на стопански комори на Македонија.

Претседателот на Комората на сметководители, Драган Митковски, истакна дека брзите промени во даночната регулатива го зголемуваат ризикот во работењето и го оневозможуваат ефективното даночно планирање на компаниите. Тие се пречка за водење на бизнисот и предизвикуваат несигурност, со што го забавуваат растот на економијата, создаваат незадоволство кај граѓаните и директно влијаат на зголемувањето на сивата економија.

„Законите во даночната сфера се менуваат многу често и најчесто по брза постапка и без консултации со стопанството. Како примери би ги посочиле Законот за данокот на личен доход, кој беше донесен и покрај нашето предупредување за штетните ефекти од неговата имплементација и по една година подоцна неговата примена беше одложена. Дополнително, од јануари стапуваат во сила измените на Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување, со кои придонесите растат за 0,5%, со што нивниот кумулативен раст од лани е 1%. Имајќи предвид дека ефективната даночна стапка со вклучени придонеси и данок на личен доход е веќе 50% на основа на нето-платата која вработените ја земаат, сметаме дека со ова се става преголем товар на и онака кревкото стопанство“, истакна Митковски и додаде дека брзото менување на законите води кон импровизирање, односно многу често се носи законско решение кое е неприменливо во пракса и за чија имплементација нема претходно изградена системска рамка. Неретко новите закони се неприменливи бидејќи доаѓаат во судир со другата постоечка регулатива, што значи дека се носат без соодветна претходна анализа.

Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на Комората на сметководители, истакна дека предизвик за бизнис-заедницата е и тоа што брзото и постојано менување на законите е тешко за следење.

„Малите и средните фирми, кои очекуваме да бидат двигател на економијата, немаат на располагање тим на советници кои постојано ќе ги информираат и ќе им помагаат во примената на новата регулатива. Оваа активност најчесто е оставена на сметководителите. Проблем со законите кои се менуваат често е и тоа што не се прецизни, па отвораат можност за различно толкување и префрлање на надлежностите. Брзото и често менување на законите покажува и дека не постои стратегија за тоа што се сака да се постигне и како да се дојде до тоа, туку одлуки се носат на дневнополитичка основа. Така, иако некои законски измени, како онаа за зголемување на минималната плата, можеби навидум изгледаат дека се добри за одредена категорија на граѓани, сепак, на долг рок, како што и предупреди и  ММФ во последниот извештај, нема да ја намалат сиромаштијата, туку ќе ја зголемат сивата економија“, истакна Грозданов.

Комората на сметководители дополнително предупреди дека надлежните треба да ја имаат предвид новата глобална економска криза која се заканува во САД, Европа, но и во нашето соседство. Актуелното забавување на светската и европска економија би можело да доведе до рецесија, што ќе значи силен економски удар особено за нефлексибилните и ригидни економии.

„Прогнозите на светски познатите стручњаци се дека таа криза не би требало да биде со размер како онаа во 2008 година, но сепак креаторите на економската политика во земјава треба да ја имаат предвид и оваа опасност и да се размислува во насока на мерки кои ќе го стабилизираат и јакнат приватниот сектор. Владата треба да го зголеми штедењето и да го намали дефицитот на буџетот, непотребните јавни трошоци и задолжувањето во странство, а да донесе мерки за ублажување на ценовниот удар и со индиректни мерки да им помогне на компаниите што имаат намален извоз“, истакна Грозданов.

Комората на сметководители потенцира дека сметководството треба да се издигне на многу повисоко ниво и да се цени трудот на сметководителите кои законски одговараат на потребите и барањата на своите клиенти, а од друга страна, пак, одговараат и на потребите на институциите, поточно на општеството во целина.  Во овој период на годината кога почнуваат активностите за изготвување и поднесување на годишните финансиски извештаи Комората на сметководители апелира дека е потребно да се овозможи да има право на потпис единствено лице регистрирано како овластен сметководител, со што покрај одговорноста сметководителите ќе имаат и соодветни права кои произлегуваат од нивните квалификации.

Законите кои се менуваат често и без консултација со фирмите се пречка за бизнисот

Честите измени на регулативата создаваат чувство на правна несигурност кај граѓаните – Билтен за заштитата на човековите права

За фирмите од градежништвото, неприменувањето на законите и честите измени на прописите се главен проблем во нивното работење

Честите измени на Законот за градење – проблем за компаниите

М.В