/ Прочитано:

826

Брзите промени на законите резултираат со несигурност во инвестициите

„Административните правила по кои ќе работат националните институции играат важна улога во економскиот развој. Доколку не се овозможи хармонизација со глобалните правила и практики, ќе заостануваме на полето на економијата бидејќи брзите промени на закони и неконсултирањето на релевантните засегнати страни, т.е. деловната заедница, секогаш ќе резултираат со несигурност во инвестициите и со зголемена можност за спорови при имплементација.

Затоа е и потребно Република Македонија да се посвети кон креирање на квалитетни и одржливи законски решенија, кои ќе ги отстранат сомнежите кај инвеститорите дека РМ е несигурна и нестабилна за инвестирање на домашен или странски капитал“, истакнува претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска, која е во службена посета на Вашингтон. Целта на посетата е отпочнување на разговори за унапредување на правилата на работа, кои ќе гарантираат безбедност на домашните и на странските инвестиции, а кои треба да се усвојат најдоцна до 2020 година.

Арсовска додаде дека доколку легислативата биде хармонизирана со најдобрите светски практики, минимална ќе биде можноста за трговски спорови, со што се подобрува позицијата на Република Македонија за привлекување странски инвеститори, но и за зголемување на бројот на домашните инвестиции.

„Арсовска учествуваше и на трансатлантската безбедносна иницијатива на трибина на Атлантскиот совет на тема „Од Пентагон: Улогата на жените во националната безбедност“, која се фокусира на многу од стратешките предизвици со кои се соочуваат САД и нивните сојузници. Настанот го отворија жени лидери од областа, како Кетлин Мекинис, која како експерт работеше со фокус на НАТО во Кабинетот на секретарот за одбрана на САД, како и Кристин Е. Вормут, која беше потсекретар за одбрана задолжен за политики во Министерството за одбрана на САД. За време на посетата во Вашингтон, предвидено е Арсовска да оствари средби со инвеститори и претставници на стопанските комори од САД и од Светската банка“, известуваат од Сојузот на стопански комори.

М.В