/ Прочитано:

644

Брзите промени во легислативата не даваат можност за даночно планирање, велат сметководителите

 

Подигнувањето на прагот на ослободување од царина за пратки од 45 евра на 90 евра, ставањето во функција на Регистарот на вистински сопственици како законска обврска, како и новиoт образец за даночен биланс, објавен во екот на подготовката на завршните пресметки за правните лица како нова дополнителна обврска на сметководителите, беа во фокусот на денешната прес-конференција на Комората на сметководители на Македонија.

Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на Комората на сметководители, истакна дека сметководителите години наназад се на удар поради отсуството на комуникација меѓу државните институции и меѓу државните институции и приватниот сектор. Новина е тоа што во екот на изготвување на завршните сметки, најважната активност во процесот на сметководствено работење, објавен е нов образец за даночен биланс, што значи нов товар за сметководителите кои нема да имаат време за адаптација на промените, а уште поважно отвора простор за грешки кај даночните обврзници кои може да ги чинат многу.

„Во екот на  изготвување на завршни сметки, од страна на Министерството за финансии се воведува целосно променет извештај за данок на добивка, образец ДБ, за чие пополнување во некои случаи можно е да треба да се смени сметководствената евиденција уште од почетокот на годината. Со ваквите брзи промени во легислативата, кои имаат ретроактивна импликација, на даночните обврзници воопшто не им се дава можност за даночно планирање како една од најважните активности на почетокот на годината. Понатаму, во овој најстресен период од годината за сметководителите дел од електронските системи за даночни поднесоци на УЈП почесто се недостапни, системот не може да го издржи големиот број на поднесоци, со што колегите се принудени непотребно да губат време пополнувајќи и доставувајќи хартиени поднесоци. Згора на сѐ, како последица на несинхронизираноста и отсуството на комуникација меѓу државните институции, бидејќи и таму постојат неажурирани актуелните обрасци, и сметководителите се ставени во недоумица дали да поднесуваат електронски застарени обрасци или актуелни хартиени. Очигледно некои од промените во регулативата е тешко да се спроведат и од страна на институциите, а Министерството во секој случај креира обврски кои можат да предизвикаат големи штети и за сметководителите и за даночните обврзници“,  појасни Грозданов.

Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководители, истакна дека Централниот регистар за овој февруари го најави ставањето во функција на Регистарот на вистински сопственици, кој треба да даде реална слика за сопственоста на удели и акции, во согласност со обврските од Законот за спречување перење пари и финансиски тероризам.

„Она што, за жал, неретко се случува, е сите законски обврски за стопанството да им се припишат на сметководителите, независно од областа. Но, сметководителите треба да знаат дека обврската за полнење на Регистарот не е нивна. Поточно, во овој процес сметководителите при самото воспоставување деловен однос со клиентите задолжени се да го идентификуваат вистинскиот сопственик и, во зависност од ризикот кој ќе го утврдат, да вршат засилена анализа над клиентот. Неисполнувањето на оваа одредба од законот е предвидено како основа за изрекување на глоби, но тоа не е поврзано со поднесување на пријава за ажурирање на Регистарот, која во согласност со предметниот закон, му припаѓа на овластеното лице за застапување на правниот субјект, а не на сметководителот“, истакна Андреева.

Беким Есати, член на Управниот одбор на Комората на сметководители, во врска со  подигнувањето на прагот на ослободување од царина за пратки од 45 евра на 90 евра, рече дека со тоа се поттикнува сивата економија во земјата.

„Зголемувањето на прагот за царинење на пратки со вредност до 90 евра,  беше најавено дека е во согласност со препораките на Европската комисија, како и поради зголемување на обемот на е-трговија во земјава. Сметаме дека во услови на кревка економија и недоволна потрошувачка на домашни производи, она што може да го предизвика оваа новина е поттикнување на сивата економија. Поточно, можно е да се врши препродажба на продукти кои ќе влегуваат во нашата земја за многу пониски цени од оние на домашните производители, особено во делот на техника, облека, апарати за домаќинство, накит, телефони, играчки за деца, спортска опрема, козметика и ред други производи.  Ваквите новини треба да се донесуваат откако ќе се спроведе детална анализа, со вклученост на стопанството бидејќи ефектите на овој начин може да бидат во поголем дел негативни, како на пример намалување на приливот на буџетот од даноци и други јавни давачки, поттикнување на одливот на девизи надвор од нашава земја, што дефинитивно е на штета на целата држава, а во прилог на развојот на сивата економија. Прагот во ЕУ е повисок бидејќи таму и примањата се значително повисоки, но за разлика од Македонија, во ЕУ има и систем на електронска контрола за тоа кое лице и колку пати во денот носи пратки. Кај нас со ова се остава можност да се изигра на штета на увозниците кои плаќаат данок“, изјави Есати и напомена дека во нашата земја се тргува исклучиво од увоз на малопродажба,  пред сѐ, од земјите од  Источна Азија, а не од Европската Унија и Америка.

M.В