Бугарија на референдум ќе одлучи дали ќе се гради нова нуклеарна централа
Четврток, 24 јануари 2013 – Бугарија вo недела на референдум ќе одлучи дали земјата има потреба од нова нуклеарна централа. Најновото истражување на јавното мислење покажува дека мнозинството граѓани ќе ја поддржат изградбата на втора по ред нуклеарна централа во земјата.
Референдумот се однесува на обновување на проектот врзан со нуклеарната централа Белене, во северниот дел на земјата.
Изградбата на втора нуклеарна централа е во застој поради недоразбирања меѓу Бугарија и Русија, чија компанија „Атомстројекспорт“ требаше да изгради нуклеарна централа со капацитет од 2.000 мегавати. Спорот се однесува на конечната цена на проектот, кој се очекува да изнесува меѓу шест и 11 милијарди евра.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов, со цел да најде нов инвеститор, го раскина договорот со руската компанија, која за отштета од 1.3 милијарди долари се обрати до Меѓународниот суд за арбитража во Париз.
Се очекува мала излезност на референдумот, што може да го стави под прашање кредибилитетот на гласањето. Аналитичарите оценуваат дека гласањето ќе биде тест на популарноста меѓу владејачката ГЕРБ и опозицијата.
Најновите истражувања покажуваат дека меѓу 60 и 62 проценти од гласачите се за изградба на нуклеарна централа, наспроти 38 до 40 проценти кои се против идејата.
Доколку 20 проценти од граѓаните излезат на референдум и над половина од нив се изразат за изградба на нуклеарна централа, бугарскиот Парламент ќе треба во рок од три месеци да го разгледа ова прашање.