/ Прочитано:

2.137

Бундестагот го изгласа Законот за легализација на истополовите бракови во Германија

Во текстот на законот стои: „брак се склучува меѓу две лица од различен или од ист пол“, а тој беше усвоен со гласовите на пратениците од трите левоориентирани во Долниот дом на германскиот Парламент, односно од страна на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Сојузот на зелените и партијата Левица, а за него гласаа и некои пратеници од Христијанско- демократската унија (ЦДУ), предводена од канцеларката Ангела Меркел. Шефот на пратеничката група на ЦДУ, Фолкер Каудер, им порача на пратениците од својата партија да гласаат за законот во што поголем број, а на оние што се против геј браковите им порача да имаат почит кон другите кои за ова прашање имаат поинаква перцепција. Меркел не гласаше за овој закон, но изјави дека ќе го поддржи, а сè со цел, како што рече, овозможување целосни права на истополовите двојки, вклучувајќи го и посвојувањето деца.

Истополовите двојки во Германија ќе може легално да склучуваат брак и да посвојуваат деца, откако денеска германскиот Бундестаг со 393 гласови „за“ и 226 „против“ го усвои Законот за легализација на истополовите бракови. Со овој потег, Германија се придружи на другите 14 земји членки на Европската Унија во кои  веќе неколку години наназад е легализиран бракот меѓу хомосексуалните парови. Меѓу нив се: Франција, Шпанија, Португалија, Ирска, земјите на Бенелукс и скандинавските земји.

Во текстот на законот стои: „брак се вклучува меѓу две лица од различен или од ист пол“, а тој беше усвоен со гласовите на пратениците од трите левоориентирани во Долниот дом на германскиот Парламент, односно од страна на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Сојузот на зелените и партијата Левица, а за него гласаа и некои пратеници од Христијанско- демократската унија (ЦДУ), предводена од канцеларката Ангела Меркел.

Шефот на пратеничката група на ЦДУ, Фолкер Каудер, им порача на пратениците од својата партија да гласаат за законот во што поголем број, а на оние што се против геј браковите им порача да имаат почит кон другите кои за ова прашање имаат поинаква перцепција.

Меркел не гласаше за овој закон, но изјави дека ќе го поддржи, а сè со цел, како што рече, овозможување целосни права на истополовите двојки, вклучувајќи го и посвојувањето деца.

„За мене, бракот според германскиот закон е брак меѓу маж и жена и тоа е причината зошто јас денеска во Бундестагот покажав црвен картон, односно гласав против. Но, се надевам дека денешното гласање промовира не само почит меѓу различните мислења, туку исто така придонесува за поголема социјална кохезија и мир“, изјави Меркел по гласањето.

Донесувањето на законот аналитичарите го оценуваат како историски чекор на германскиот Парламент, а истовремено сметаат дека станува збор за предизборни калкулации на канцеларката Меркел. Имено, како што пишува „Зидојче цајтунг“, Меркел донесе одлука Бундестагот да гласа за законот на само три месеци пред изборите, пред сè, поради притисокот од другите партии кои, како што оценува весникот, во ниту еден момент не би сакале да коалицираат со Демохристијанската партија, чиј лидер е Меркел, доколку не се донесе закон со кој правно ќе се регулира ова прашање. Сепак, најголем притисок пристигна од Социјалдемократската партија, предводена од Мартин Шулц, кој на претстојните избори ќе биде противкандидат на Меркел, а кој по повод ова прашање изјави дека станува збор за крај на дискриминацијата на голем број Германци.

Инаку, денешното гласање за Законот за легализација на истополовите бракови во Германија, Меркел го најави на минатонеделната манифестација во Берлин што ја организираше магазинот за жени „Бригите“. На овој настан, Меркел изјави дека нејзиниот став околу ова прашање е целосно променето по, како што истакна, нејзиното незаборавно искуство во една од изборните единици на балтичкиот брег, каде што запознала лезбејска двојка која се грижи за осум деца.

Во оваа насока, Меркел изјави: „Ако Службата за грижа за деца и млади на овој истополов пар им доверила на чување и дозволила целосна грижа за дури осум деца, тогаш државата не може да го истакнува ’доброто на децата како аргумент против усвојувањето од страна на истополови двојки. Токму затоа, ги повикувам членовите на ЦДУ да гласаат по сопствена совест“, изјави канцеларката на минатонеделниот настан, иако токму таа во текот на изминатите четири години јасно ставаше до знаење дека е против геј браковите бидејќи, како што велеше, не е сигурна какви последици би можел да остави бракот врз усвоените деца.

Анализите во Германија во однос на изгласувањето на овој закон покажуваат дека сите потези на Меркел совршено укажуваат на нејзината политичка методологија која во целост придонесува за нејзината политичка долговечност.

„Нејзиниот рецепт за успех се заснова врз тоа што таа постојано се преиспитува за своите претходни ставови околу одредени теми и прашања, при што настојува нејзините позиции да бидат некаде на средина, меѓу две спротивставени страни, но така поставени да бидат блиску и до едните и до другите. Покрај тоа, канцеларката Меркел не го менува мислењето побргу од германската јавност, но кога ќе процени дека политичките настани, како и одредени активности од страна на политичките соперници го бараат тоа, Меркел е подготвена да реагира многу бргу“, оценуваат аналитичарите на политичката сцена во Германија.

А. Б.