/ Прочитано:

957

Целосен текст на Правилникот за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите

ПРАВИЛНИК ЗА СТАНДАРДИТЕ ЗА БИОРАЗГРАДЛИВОСТ КОИ ТРЕБА ДА ГИ ИСПОЛНУВААТ КЕСИТЕ ЗА НОСЕЊЕ НА СТОКИ, НАЧИНОТ НА ПУШТАЊЕ НА ПАЗАР НА БИОРАЗГРАДЛИВИ КЕСИ ОД СТРАНА НА ТРГОВЦИТЕ, КАКО И ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА ОБРАЗЕЦОТ ЗА ВОДЕЊЕ НА ЕВИДЕНЦИЈА

Член 1

Со овој правилник се пропишуваат стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за носење на стоки, начинот на пуштање на пазар на биоразградливи кеси од страна на трговците, како и формата и содржината на образецот за водење на евиденција од страна на трговецот.

Член 2

Поимите употребени во овој правилник го имаат следното значење:

1. „Кеси за носење на стоки“ се кеси над 15 микрони наменети за носење на производи и стоки за лична потрошувачка кои се набавуваат во продавници, магацини, складови, деловни простори, зелени пазари и посебни пазари каде што се врши трговија на мало, освен кесите кои не се предмет на секојдневна општа побарувачка, како што се кесите за носење текстил, книги, канцелариски материјал, техничка стока, лекови и помошни медицински производи, садови за домаќинство, сите видови на обувки, детски играчки, спортска опрема и слична стока.

Кесите за носење на стоки можат да бидат печатени и непечатени.

2. „Трговци“ се правни и физички лица кои во синџирот на снабдување ги прават производите достапни на крајниот корисник во продавници, магацини, складови, деловни простори, зелени пазари и посебни пазари каде се врши трговија на мало, кои ставаат во употреба биоразградливи кеси.

Член 3

(1) Кесите за носење на стоки кои се пуштаат на пазарот треба да ги исполнуваат следните стандарди:
– МКС EN ISO 17556: 2020 Пластика – Определување на крајно аеробно биораспаѓање на пластични материјали во почвата со мерење на потрошувачка на кислород во респирометар или количината на ослободен јаглерод диоксид (ISO 17556:2019) или
– МКС 1009 Методи за оцена на оксо – биоразградливост на пластика и фито-токсичност на остатокот од контролирани лабораториски услови, или друг соодветен меѓународно признат стандард.

(2) Во поглед на еколошката токсичност кесите за носење на стоки кои се пуштаат на пазар треба да го исполнат стандардот МКС EN 13432:2007/AC:2011 Пакување – Барање за обнова на пакувањето преку компостирање и биодеградација – Шеми за тестирање и критериуми за оцена за крајно прифаќање на пакувањето, или друг соодветен меѓународно признат стандард.

(3) Меѓународно признатите стандарди кои се соодветни на стандардот од ставовите (1) и (2) на овој член се објавени на веб страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Член 4

Кесите за носење на стоки за да се пуштат на пазар треба да содржат текст кој ги информира потрошувачите дека кесата е биоразградлива (самодекларативно тврдење на производителот за заштита на животната средина согласно стандардот МКС EN ISO 14021).

Непечатените кеси за носење на стоки се пуштаат на пазар на начин што текстот кој ги информира потрошувачите дека кесата е биоразградлива се испишува на примарното пакување од истите.

Трговците треба на видно место во своите простории да истакнат известување дека кесите кои се ставаат во употреба се биоразградливи кеси произведени соодветно пропишаните стандарди за биоразградливост.

Член 5

Евиденцијата за бројот на продадени кеси за носење на продажно место која ја водат трговците, секој 15-ти во месецот по завршување на кварталот се доставува на образец чија форма и содржина се дадени во Прилог кој е составен дел на овој правилник.

Член 6

Одредбата од членот 3 став (1) алинеја 1 ќе отпочне да се применува од 1 јуни 2023 година.

Oдредбата од членот 3 став (1) алинеја 2 ќе престане да се применува од 1 јуни 2023 година.

Член 7

Со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за стандардите за биоразградливост кои треба да ги исполнуваат кесите за транспорт на стоки, начинот на пуштање и употреба на биоразградливите кеси за транспорт на стоки на пазар („Службен весник на Република Македонија“ бр. 19/13).

Член 8

Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува од 1 декември 2021 година.

Глоби и до 140 илјади евра за трговците за непочитување на забраните за пластичните кеси

Започнува да се применува законската новина за забрана на пластични кеси

Од 1 декември: Забрана за пластични кеси и 15 денари надоместок за биоразградливи кеси

Еколошки активисти формираа Иницијатива која бара законска забрана за пластичните кеси

М.В