/ Прочитано:

1.687

Целосен текст на Законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза

На Академика објавен е Законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот  COVID – 19, за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.

Со овој закон се уредуваат условите и постапката за добивање на финансиска поддршка на физичките лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.

Од Адвокатската комора нагласуваат дека овој закон, исто така, се однесува и на адвокатите. Академик во целост го објавува Законот.

ЗАКОН ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ФИЗИЧКИ ЛИЦА КОИ ВРШАТ САМОСТОЈНА ДЕЈНОСТ ПОГОДЕНИ ОД ЗДРАВСТВЕНО-ЕКОНОМСКАТА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД ВИРУСОТ COVID-19, ЗА МЕСЕЦИТЕ ОКТОМВРИ, НОЕМВРИ И ДЕКЕМВРИ 2020 ГОДИНА

Член 1

(1) Со овој закон се уредуваат условите и постапката за добивање на финансиска поддршка на физичките лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.

(2) „Физичко лице кое врши самостојна дејност“ е трговец поединец, физичко лице кое врши земјоделска дејност, лице кое врши занаетчиска дејност и лице кое врши услуги, кое остварува доход од вршење дејност и е запишано во соодветен регистар.

Член 2

(1) Финансиската поддршка на физичките лица кои вршат дејност од членот 1 став (2) од овој закон ќе се спроведува преку Владина Програма за финансиска поддршка на физичките лица кои вршат дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19 за исплата на финансиски средства на трансакциска сметка преку која физичкото лице барател на финансиска поддршка за исплата на финансиските средства за месеците октомври, ноември и декември 2020 година врши трансакции за дејноста (вo натамошниот текст: физичкото лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка).

(2) Предмет на финансиска поддршка од ставот (1) на овој член е исплата на финансиски средства за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, во износ од 17.410 денари месечно за физичкото лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка.

Член 3

(1) Физичкото лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка поднесува Барање за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства со Изјава за исполнетост на условите од ставот (3) на овој член до Управата за јавни приходи. Формата и содржината на Барањето за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства ги пропишува министерот за финансии.

(2) Барањето од ставот (1) на овој член, физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка го поднесува преку системот е-персонален данок на Управата за јавни приходи до 10-ти во месецот за претходниот месец, а комплетноста на Барањето го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од три дена од денот на приемот на барањето.

(3) Кон Барањето од ставот (2) на овој член, физичкото лице кое врши самостојна дејност и се оданочува по вистински доход – барател на финансиска поддршка дава Изјава за исполнетоста на условите од ставот (4) на овој член и членовите 4 и 5 од овој закон, а физичко лице кое врши самостојна дејност и се оданочува според утврден годишен паушален нето доход дава Изјава за исполнетоста на условите од членовите 4 и 5 од овој закон.

(4) За користење на финансиската поддршка за месеците октомври, ноември и декември 2020 година физичкото лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка, а се оданочува според вистински доход, треба:
– месечниот просек на вкупните приходи од редовното работење остварени во периодот од април 2020 година заклучно со месец септември 2020 година, октомври 2020 година или ноември 2020 година да се намалени најмалку за 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи од редовното работење остварени во периодот од месец април 2019 година заклучно со месец септември 2019 година, октомври 2019 година или ноември 2019 година. За физичко лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка регистрирано после септември 2019 година, намалувањето на вкупните приходи од редовното работење остварени во месец септември 2020 година, октомври 2020 година или ноември 2020 година да изнесува најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи од редовното работење остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар до месецот кој му претходи на месецот за кој се бара финансиската поддршка. За физичко лице кое во 2020 година се оданочува по вистински доход, а во 2019 година се оданочувало според утврден годишен паушален нето доход, намалувањето на вкупните приходи од редовното работење остварени во месец септември 2020 година, октомври 2020 година или ноември 2020 година да изнесува најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи од редовното работење остварени од моментот кога физичкото лице кое врши самостојна дејност отпочнало да се оданочува по вистински доход до месецот кој му претходи на месецот за кој се бара финансиската поддршка.

Член 4

Финансиска поддршка не може да оствари физичко лице вршител на самостојна дејност кое се оданочува по вистински доход и кое во 2019 година на годишно ниво има остварено нето доход пред оданочување во износ поголем од 478.800 денари, односно физичко лицe кое врши самостојна дејност и се оданочува според утврден годишен паушален нето доход и кое во 2019 година има утврден годишен паушален нето доход поголем од 478.800 денари.

Член 5

За времетраење на финансиската поддршка согласно со овој закон и четири месеци по месецот за кој се користи финансиската помош, физичкото лице кое врши самостојна дејност – корисник на финансиска поддршка не може да престане со вршење на дејноста, освен во случај на пензионирање и смрт на физичкото лице.

Член 6

(1) Управата за јавни приходи до 15-ти во месецот за претходниот месец ја известува Владата на Република Северна Македонија за физичките лица кои вршат самостојна дејност – баратели на финансиска поддршка, кои ги исполниле условите за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства.

(2) Износот на финансиска поддршка од членот 2 став (2) од овој закон, се исплатува до 20-ти во месецот за претходниот месец согласно со Програмата за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, на трансакциска сметка преку која физичкото лице кое врши самостојна дејност врши трансакции за дејноста, за исплата на финансиски средства за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, согласно со известувањето на Управата за јавни приходи.

(3) За исплата на финансиската поддршка од ставот (1) на овој член физичко лице кое врши самостојна дејност и се оданочува по вистински доход – барател на финансиска поддршка треба да ги исполни условите од членот 3 став (4) и членовите 4 и 5 од oвој закон, а физичко лице кое врши самостојна дејност и се оданочува според утврден годишен паушален нето доход треба да го исполни условите од членовите 4 и 5 од овoj закон.

Член 7

Физичкото лице кое врши самостојна дејност и кое користело финансиска поддршка за исплата на финансиски средства согласно со овој закон должно е да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата утврдена согласно со Законот за даночна постапка, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд се утврди дека физичкото лице кое врши самостојна дејност не ги исполнило условите од членот 3 став (4) и членовите 4 и 5 од овој закон.

Член 8

(1) Физичкото лице кое врши самостојна дејност и се оданочува по вистински доход кое го искористило правото на финансиска поддршка согласно со овој закон има обврска примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат за 2020 година, пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б), зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од Годишниот даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност, за што поднесува Барање за пресметување на износот за враќање на примената финансиска поддршка до Управата за јавни приходи најдоцна до рокот за поднесување на Годишниот даночниот биланс за 2020 година.

(2) Формата и содржината на Барањето за пресметување на износот на враќање на примената финансиска поддршка од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за финансии.

(3) Враќањето на износот од ставот (1) на овој член ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците октомври, ноември и декември 2021 година.

(4) Физичкото лице кое врши самостојна дејност и се оданочува по вистински доход кое го искористило правото на финансиска поддршка согласно со овој закон и кое не искажало даночна основа во Годишниот Даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност „образец ДЛД-ДБ“ износот на примена финансиска поддршка нема да ја врати во Буџетот на Република Северна Македонија, доколку нема обврски по основ на неплатени даноци и придонеси.

Член 9

За физичкото лице кое врши самостојна дејност – барател на финансиска поддршка кое дало Изјава согласно со членот 3 став (3) од овој закон, а не ги исполнило условите од членот 3 став (4) и членовите 4 и 5 од овој закон, ќе се применуваат одредбите од Кривичниот законик.

Член 10

Физичкото лице кое врши самостојна дејност и се оданочува по вистински доход доколку било корисник на финансиска помош согласно со овој закон и согласно со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физичките лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економска криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19 за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 92/20 и 156/20), износот на финансиска поддршка за кој има обврска согласно членот 8 од овој закон и согласно со членот 8 од Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физичките лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економска криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19 за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 92/20 и 156/20) да го врати во Буџетот на Република Северна Македонија, не може кумулативно да го надмине износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат за 2020 година, пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б), зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од Годишниот даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.

Член 11

Подзаконските акти утврдени во овој закон ќе се донесат во рок од десет дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 12

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

М.В